Со убиството во Берлин, Русија го тестира Западот
5 декември 2019Дојче веле: Германија протера двајца руски дипломати бидејќи руските власти не соработуваат во расветлувањето на убиството на еден Грузиец што се случи во август годинава во Берлин. Истрагата ја презеде Сојузното јавно обвинителство. Се наметнува споредба со случајот во британскиот град Солсбери, каде во март 2018. години беше извршен напад со отров врз поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал. Сепак има разлики во случаите. Кои Ви паѓаат Вам во очи?
Марк Галеоти: Сосем различна е политичката реакција. По Солсбери бевме сведоци на многу брз и многу агресивен одговор од британските власти. Тоа го покажа и бранот на протерувања на руски шпиони од други земји кој следеше по делото. Тоа многу ја погоди Москва. Кремљ не сметаше на таква реакција. Но, таква реакција во случајот со Берлин до сега изостанува. Видовме дека сојузната влада многу попретпазливо презема чекори. Сега кога Германија реши да протера неколкумина Руси, ќе биде интересно да се следи дали ќе се обиде да натера и други држави да го сторат истото.
Германската влада најпрво не зазеде став во голем стил и само најави протерување на дипломати и тоа го образложи. Како го оценувате ова? Дали е обид да се избегне ескалација?
Русија смета дека ќе добие некаков одговор. Во британскиот случај беше изненадувачки дека имаше и меѓународни последици. Сега е клучно дали германската сојузна влада ќе сака да го тргне случајот настрана, особено во поглед на преговорите за Украина во Нормандскиот формат, или пак ќе сака да демонстрира дека Германија не треба да се смета за лесна мета. Засега имам впечаток дека Германија не сака ескалација.
Во Солсбери властите можеа напаѓачите да ги идентификуваат како руски агенти на тајните служби. Во Берлин е уапсен осомничениот сторител. Дали е тоа пораз за руските тајни служби? Или е ризик кој Москва доброволно го презема на себе за да ги постигне своите цели?
Треба да имаме во предвид дека Русија има еден вид воен менталитет. Не во смисла дека планира војна, туку Кремљ прифаќа дека на патот кон целта може да има и загуби на своја страна. Осомничениот кој бил инволвиран во убиството во Берлин е зад решетки. Не е агент на тајните служби, значи веројатно на Москва не и` е битно што е фатен. Русите губат со протерувањето двајца агенти на тајната служба во Берлин (протераните службеници на амбасадата, заб. на редакцијата), но има многу повеќе такви на располагање. Русија веројатно смета дека е прифатлива цена за тоа што Грузиецот е убиен.
Дел од руската калкулација е Русија да се претстави себе си како непредвидлива и опасна, за Западот да биде принуден да направи договор со неа, без разлика дали тоа значи отстапки во случајот со Украина или признавање на анексијата на Крим. Значи на одреден перверзен начин на Русите им одговара да бидат идентификувани како поддржувачи. Вистински проблем се појавува кога не можат да го предвидат исходот, како во случајот Скрипал. Но, во Берлин сѐ уште не се случи ништо за што Русите би требало да бидат загрижени.
Дали Западот треба да ја преиспита својата стратегија во однос на Русија и реакците на ваквите убиства да им бидат помалку предвидливи и пожестоки?
НАТО, на пример, е силна структура која е во состојба да демонстрира меѓународна солидарност во случај на директна воена закана. Доколку една земја е нападната, сите застануваат во одбрана. Она што не го видовме досега, а тука особено потфрли Европската унија, е слична солидарност против невоени закани. Ако нема хакерски напад врз изборниот систем или убиство, тогаш секоја земја е препуштена сама на себе. Солсбери е прв пример дека нештата стојат поинаку. Така погледнато, Берлинската операција е тест. Русија сака да види дали Солсбери бил само исклучок. Доколку протерувањето на двајцата дипломати остане единствената последица, тогаш во Москва ќе дојдат до заклучок дека се работело само за исклучок.
Марк Галеоти е британски историчар и експерт за руските разузнавачки служби. Тој е професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон.