Сојузниците напомош: НАТО донираше 60 респиратори
30 октомври 2020Новите респиратори кои ги донираше НАТО ќе бидат користени при транспорт на пациентите во амбулантите од една болничка установа во друга. Според министерот за здравство Венко Филипче, донацијата „значајно ќе го зајакне здравствениот систем во тој сегмент“.
Филипче оцени дека симболот на актуелната здравствена криза е солидарноста и изрази благодарност до НАТО сојузот и посебно САД.
„Тие од почетокот на кризата донираа и заштитна и медицинска опрема без којашто навистина тешко ќе можевме да го менаџираме овој голем здравствен предизвик, оваа голема здравствена криза“, рече Филипче.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека опремата стигнала во Северна Македонија со авион на италијанското воздухопловство којшто е финансиран од страна на Луксембург. Шекеринска рече дека членството во најмоќниот воено политички сојуз значи дека тогаш кога ќе имаш најголеми проблеми, ќе имаш на кого да се потпреш. Ова е втор пат од почетокот на пандемијата, Северна Македонија да добива помош од НАТО, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи, заблагодарувајќи се за помошта.