Стејт Департмент: Македонија, генерално, ги почитува верските слободи
31 јули 2012Сите поранешни југословенски републики, освен Србија, генерално ги почитуваат верските слободи, а заштита овозможуваат и со нивните закони и Устав, се оценува во синоќа (30.07) објавениот извештај на американскиот Стејт Департмент. Во извештајот за 2011 година, Стејт Департментот меѓутоа наведува дека во светот јакнат ксенофобијата и антисемитизмот, а во сите земји од поранешна Југославија се забележани случаи на општествено малтретирање и дискриминација поради верски уверувања.
Во однос на Македонија, во извештајот се наведува дека земјата бележала статус-кво состојба.
„Владата ниту демонстрирала тренд кон подобрување, ниту кон влошување во однос на почитувањето и заштитата на верските слободи“.
Владата во Скопје продолжува да го применува законот за верските заедници што бара нивно регистирање кај владата, иако некои од нив се жалат дека тој не се спроведува подеднакво, стои во документот на Стејт департментот.
Најострите критики се насочени кон Србија за која се заклучува дека не ги почитува верските слободи, бидејќи законите и Уставот во оваа земја истите ги ограничуваат, а во пракса не ги почитува ниту владата.